МИЛКА ЕФТИМОВА, ОПЕРСКА ПРИМАДОНА

Примадоната на Македонската опера, првенката на операта во Љубљана, македонската Марија Калас, најдобрата југословенска Сузуки, жената со раскошен глас што допира до сонцето, страсната Кармен, одмаздољубивата Ацучена, гласот што се раѓа еднаш на сто години, божествено талентираната и бескрајно посветена, вечно во музиката заљубената Милка Ефтимова прославува уште едно свртување околу сонцето.
Со пријатели што дојдоа и со соседите од домот за стари лица во кој престојува последниве два месеца, примадоната на македонската опера Милка Ефтимова вчера го прослави својот 89 роденден. На роденденската прослава беше прикажана и документарна емисија снимена за неа од нејзина некогашна студентка. Последниве четири месеци нејзината здравствена состојба е влошена, но бистриот ум и уметничкото срце сѐ уште функционираат беспрекорно, па со радост ја прими веста за нашата посета за разговор, за присет на нејзината воодушевувачки богата кариера, за ѕвездените мигови на оперските сцени во Македонија, но и во Словенија, Босна и Херцговина, Кина, Русија, Прага, Романија, Србија, Новосибирск… Нѐ почести со колачите донесени од нејзините пријатели од Словенија, па почнавме да го одмотуваме клопчето на нејзиниот живот, според кој може да се режира филм.

Која е Вашата омилена улога и зошто?
– Улогата на Кармен во истоимената опера на Жорж Бизе е мојата омилена улога, таа ми ја обележа кариерата. Во улогата на Кармен настапив во 20 држави низ светот. Со истата улога се збогував со оперската сцена на 16 ноември 1991 година, кога ја одиграв по сто педесет и седми пат. Секако ќе ја спомнам и мојата прва оперска улога Ацучена во операта „Трубадур“ од Џузепе Верди. Ликот на старата Циганка Ацучена многу ме привлекуваше, пред сѐ со музичката содржина, која низ сите градации разоткриваше една трагична и жестока судбина на мајка, а потоа и со сценското градење. Требаше да се трансформирам во лик, барем двојно повозрасен од моите тогашни години, лик со остар и одмаздољубив карактер – сосема спротивен од мојот. Но успеав! Со претставата диригираше Александар Лековски, а овациите на публиката и на целиот оркестар не стивнуваа. Од моите години поминати како првенка на Љубљанската опера, ќе ги издвојам и улогите на Грофицата во „Пикова дама“ на Чајковски, Кабаниха во „Катја Кабанова“ на Јаначек и секако „Марфа“ во „Хованшчина“ на Мусоргски.

А од македонскиот опус?
– За време на мојот престој во Рим, по специјализирањето на една од најдобрите академии во светот „Санта Чечилија“ во класата на проф. Џорџо Фаварето и по двомесечната летна академија „Киџијана“ во Сиена, добив еден значаен ангажман. За дискографската куќа „Орфеус“ снимив плоча со соло-песни на југословенски композитори. Меѓу нив беа и композициите „Залез“ на Тодор Скаловски и „Ленка“ на Григор Фирфов. Така го направив и воопшто првиот запис на плоча на дела од македонски композитори. Плочата со југословенска музика е прв носач на звук (и чинам, засега единствен) што македонски уметник го реалзирал за оваа позната македонска куќа. По моето враќање од Љубљана, како првенка на Македонската опера ја одиграв улогата на Неда во „Кузман Капидан“ на Трајко Прокопиев, опера што доживеа завидна популарност и беше изведувана во повеќе градови низ Македонија. Во текот на нешто повеќе од пет активни децении постоење на музичката сцена, имам изведено повеќе од сто дела на маедонски автори! Тука се три опери, дваесет и шест партии на ораторијални дела или песни за глас и оркестар, повеќе од седумдесет соло-песни и вокално-камерни циклуси. Овие завидни бројки се резултат пред сѐ на еден мој јасен став, ние треба да ги пееме нашите компзитори. Зарем односот кон националното творештво не е своевиден долг? Но ќе речам дека тука има и еден сосема субјективен момент. Јас длабоко ја сакам и ја чувствувам музиката на нашите творци.

На што се должи Вашиот извонреден успех?
– Зборувам за дела, за изведби, за премиери и гостувања и понекогаш се прашувам како го постигнав сето тоа? Денот сепак има само 24 часа. Одговорот не го знам докрај, но голем дел од него би гласел: умеев да се органзирам. Бев дисциплиниран и посветен работник. Начелно, ги тргав од себе лошите мисли и расположби. И најмногу од сѐ, ја сакав музиката. Јас вистински и неодминливо сакав да пеам.

Каква беше комуникацијата меѓу Вас како професорка и студентите. Што Ви беше најважно да им пренесете на Вашите студенти?
– Во почетокот на мојата професорска кариера бев многу строга. Другите класи не работеа во викенди, но јас им реков на моите студенти дека доколку сакаат да настапуваат, покрај на испитите, мора редовно да доаѓаат и да вежбаат и во викендите, затоа што дводневна пауза ќе им наштети на пејачката кондиција. Јас од почеток имав план во главата каде ќе ги носам, на кои настапи и на кои натпревати и затоа сите го прифатија моето темпо и го следеа, иако не баш сите беа согласни на почетокот откако им го изложив темпото на работа. Кога почнав да ги водам на разни настапи, ја доживеаја моќта на убавината да се пее на сцена и беа редовни на сите проби. Пред настапи, побарав да им се обезбедат барем по еден сендвич и чаша чај, со цел да не бидат гладни и да можат да се сконцентрираат при пеењето. Моја најуспешна студентка е првенката на НОБ, Весна Гиновска-Илкова.

На што треба да обрнат внимание оперските певици и певци, но и сите уметници што се дел од сцената?
– На младите певци и певици што сега го започнуваат тој пат им препорачувам да ги слушаат нивните професори, да создаваат контакти за да можат да ја градат кариерата и многу да работат. Мене ми се случуваше и по три и пол часа да не излезам од оперското студио и да не се напијам ниту вода. Ме сретнуваат колешки што пијат кафе во фоајето и велат, „блазе си ти, сега дојде од Норвешка, па утре пак ќе одиш во Русија“. Им велам, „јас три и пол часа вежбам, а вие четири часа пиете кафе“. Друга вели, „блазе си ти, ти ја доби најголемата награда „Златна лира“. Велам, „да, но јас пред тоа одржав два целовечерни концерти“. За време на моето средно образование во Средното музичко училиште станував во 4 часот наутро и одев прва за да зафатам место за да можам да одржам квалитетна проба. Да кажам дека сум подучувала и млади луѓе од естрадата како Каролина Гочева, Елена Ристеска, Александар Белов, но и такви што имале желба, но немале талент. На нивните родители им кажував да не губат време и пари за џабе, бидејќи можеби и јас сум сакала да бидам космонаут, но не сум. Значи, првенствено е талентот, а потоа многу многу работа за да се образова и одржи тој талент. Уште да додадам, треба да се има на ум дека зборот и мислењето на новинарите е од големо значење за секој уметник.

Кој комплимент што сте го добиле за Вас како уметница и како жена го носите секогаш во срцето?
– По настапот со „Кармен“ во Италија ме нарекоа Марија Калас, а сите ние знаеме дека таа го поседуваше најмоќниот женски оперски вокал. Тој комлимент го добив од професорот Џорџо Фаварето. Му велам „немојте така професоре, неблагодарно е да ме споредувате со Калас, особено затоа што таа пее две октави повисоко од мене“, а тој ми вели, „да, но ти можеш да отпееш две октави пониско од неа, а и поубава си“. Минатата година, на „Охридско лето“, тогашниот претседател на Македонија, Пендаровски, ми се обрати нарекувајќи ме Калас, па се израдував дека и овде разбрале за тој мој „прекар“. Многу ми значи и ме радува таквата споредба. Исто така, никогаш нема да заборавам дека во Уланд Уде, во Новосибирск, по првата моја изведба на Кармен од предвидените четири, публиката ми го посла патот до сцената со ружи.

Дали сте среќни и задоволни од животот?
– Целиот свој живот ѝ го посветив на музиката, односно на пеењето. Поради исцрпувачките проби со строги правила што влијаат и на приватниот живот, поради многубројните настапи и честите патувања, не се реалзирав како сопруга и како мајка. Сега, во овие години само спомените од мојата успешна работа ме држат во живот. Инаку, тешко се живее со мојата влошена здравствена состојба. Среќна ме прават пријателите, кои ми посветуваат внимание, многубројните фотографии, книги, моите роднини, кои се грижат за мене, и наградите со кои Македонија ми се оддолжи за промоција на оперската дејност во македонски и во светски рамки. Завидна кариера – ќе речете. Цело богатство! Да, се согласувам. Многу или малку, не знам. Но секако знам: малкумина се оние што го живееле и го доживеале сето она што јас сум го остварила во животот низ уметноста. Но тоа бил мојот пат. Оној што е еден и единствен за секој човек.