Премиерот Мицкоски во порака до светската јавност констатира дека ние навистина сме станале членка на НАТО, но пред тоа „го сменивме знамето, ја сменивме нашата валута, го сменивме нашиот устав и го сменивме нашето име затоа што некој од нашите соседи станал член на НАТО пред нас и го злоупотреби ветото за да ги исполни билатералните барања. Ако ова не е мешање во внатрешните работи, тогаш што е?“
Премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на конференцијата ЦПАЦ на американските конзервативци во Вашингтон во петокот зборуваше и за притисоците со кои се соочува Македонија за промена на Уставот, како и непринципиелната билатерализација на македонските евроинтеграции. Премиерот го издвои и стратегиското партнерство на земјава со САД, како и стратегиските цели на Македонија
Обраќање на премиерот Христијан Мицкоски на конференцијата ЦПАЦ во Вашингтон:
Стратегиското партнерство на Македонија и САД, притисокот со кој се соочува Македонија за промена на Уставот, како и билатерализација на македонските евроинтеграции, беа меѓу главните теми во впечатливото обраќање на премиерот Христијан Мицкоски на конференцијата „ЦПАЦ“ во Вашингтон во петокот, при што тој ја искористи приликата и за да ја запознае американската публика со историските и културните знаменитости на Македонија.
„Европските вредности не се билатерализација на процесот за пристапување кон Унијата“
Македонскиот премиер потенцирал дека Македонија од самиот почеток на самостојноста од поранешната југословенска федерација има две стратегиски цели за полноправно членство во НАТО и во Европската Унија, но го посочил и постојаното мешање во внатрешните работи на Македонија од страна на соседите при евроинтегративниот процес.
– Прво да станеме полноправна членка на НАТО и втората е да станеме полноправен член на Европската Унија. Ние станавме членка на НАТО, но пред тоа го сменивме знамето, ја сменивме нашата валута, го сменивме нашиот устав и го сменивме нашето име затоа што некој од нашите соседи станал член на НАТО пред нас и го злоупотреби ветото за да ги исполни билатералните барања. Ако ова не е мешање во внатрешните работи, тогаш што е? – запрашал Мицкоски, потенцирајќи дека двојните стандарди продолжуваат и денес.
Ние, рекол премиерот, не сме во можност да станеме членки на ЕУ затоа што повторно имаме притисок да го смениме нашиот устав.
– Ако Уставот не е внатрешно прашање на суверена земја, тогаш се прашувам што е? Зарем тоа е фер? Ако некој го критикува говорот, што според моето скромно мислење беше многу инспиративен, треба да си го впери прстот во себе и да види што прави тој. Европските вредности не се билатерализација на процесот за пристапување кон Унијата – заклучил премиерот Мицкоски.
Тој истакнал оти Македонија е една од државите со најголем придонес во НАТО по жител, како и дека пред извесен период била актуелна на патот на мигрантите кон Европа, опишувајќи ја земјава како срцето на Балканот и југоисточна порта на Европа.
– Одвојуваме над два процента, посветени сме и ги поддржуваме политиките на претседателот Трамп и сметаме дека два процента треба да биде ниската граница, а не високата. Ние бевме на фронтот и се боревме против илегалната миграција, штитејќи ја Европа од илегалните мигранти – посочил македонскиот премиер Мицкоски на собирот на американските конзервативци во Вашингтон.
„Македонците во САД се конзервативци и знам дека ќе продолжат да го поддржуваат претседателот Трамп“
Мицкоски при обраќањето ја посочил поддршката на македонската заедница за Трамп, објаснувајќи дека има многубројна македонска дијаспора низ светот, речиси еднаква по бројност на населението во татковината.
– Македонците се многу традиционални, ги сакаат своите семејства. Можеби сме малку, но македонската заедница во САД е многу важен дел од американското општество. Знам дека го поддржаа претседателот Трамп за време на изборите, тие се конзервативци и знам дека ќе продолжат да го поддржуваат претседателот Трамп. И тоа што би го додал, а е важно, е дека и ние бевме избрани како нова власт со огромно мнозинство пред осум месеци – рекол премиерот Мицкоски, објаснувајќи го македонското општество како мултиетничко со две третини Македонци, а една третина се Албанци, Власи, Срби, Турци и други.
П.Р.
Поздравен аплаузот на Мицкоски за говорот на Венс
Публиката со аплауз ја наградила забелешката на водителката на интервјуто кога забележала дека токму премиерот Мицкоски бил единствениот меѓу присутните на неодамнешната минхенска мировна конференција што аплаудирал на говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
– За мене тоа беше историски настан и, според моето скромно мислење, може некои европски политичари ќе ми се налутат, но тој негов говор беше многу инспиративен. По говорот дел од публиката го критикуваше сметајќи дека тоа на некој начин е мешање во внатрешните работи на суверени држави – истакнал Мицкоски.
Основачот и сопственик на платформата „Рамбл“ (Rumble) и еден од блиските поддржувачи на претседателот на САД, Доналд Трамп, Крис Павлoвски исто така го пофали говорот на македонскиот премиер Христијан Мицкоски на ЦПАЦ.
– Еден од најдобрите лидери во Европа и еден од единствените момци што аплаудираа на говорот на Џеј Ди Венс минатата недела во Германија – напиша Павловски на социјалната мрежа Икс.
П.Р.
Македонија ќе помогне за доаѓањето на американскиот гас во Европа
Македонија ќе ѝ помогне на Америка за американскиот гас да дојде во Европа преку гасоводот „Јужен тек“ и да биде конкуренција за рускиот гас. Затоа сме толку важни и стратегиски партнер на САД, порача премиерот Христијан Мицкоски во интервју на конференцијата на конзервативците ЦПАЦ во Вашингтон.
– Американскиот гас ќе биде голема конкуренција за постојниот гасовод „Јужен тек“. Можеби сте свесни за „Северен тек“, но никој не зборува за „Јужен тек“, кој минува низ Европа и носи руски гас. Го градиме нашиот јужен интерконектор со Грција. Ќе започнеме да го градиме северниот интерконектор со Србија, практично користејќи го терминалот Александрополи. Американскиот гас преку овој гасовод што ќе поминува преку мојата земја, ќе биде голема конкуренција за рускиот гас во Централна и Западна Европа. Затоа сме многу важни и затоа сме стратегиски партнери – објасни премиерот Мицкоски.
П.Р.
Претседателката Силјановска -Давкова предлага издвојување средства од БДП за финансирање на МАНУ
МАНУ, како персонификација на критичкиот и творечки ум, врвно знаење и креативност, заслужува далеку поголема почит, но и неопходна поддршка од барем еден отсто од бруто-домашниот производ (БДП), зашто нема подобра и поисплатлива инвестиција од онаа во науката и културата, истакна претседателката Гордана Силјановска-Давкова по посетата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
– Уживав во долгата и плодна дискусија со членовите на Извршниот одбор на МАНУ, претседателот Живко Попов, потпретседателите Витомир Митевски и Алајдин Абази и дописниот член Блажо Боев, кои ме запознаа со историјата, биографските елементи и достигнувања на членовите, видот на проектите, врвните успеси, но и со хроничните и актуелни проблеми и предизвици – напиша претседателката во објавата.
Таа ја потенцираше важноста на МАНУ во креирањето стратегиски пристап за одговор на постојните предизвици.
– Свесни и загрижени за драматичните промени во меѓународниот поредок, се согласивме дека МАНУ е неодминлив субјект, креатор и партнер во креирањето стратегиски пристап во барањето одговор на современите национални, регионални, европски и светски закани, дилеми и предизвици – објави Силјановска-Давкова по разговорите со врвот на МАНУ.
П.Р.