Бугарија врши постојано опструирање на правото на здружување на македонското малцинство / Фото: „Нова Македонија“

Официјална Софија, повикувајќи се на својот највисок конститутивен акт, „ладно“ ги прекршува човековите и малцинските права на сопствените граѓани. Тоа е факт што е потврден од релевантни меѓународни институции, како што е Судот за човекови права во Стразбур или Комитетот на министри на Советот на Европа. Неколку релевантни извори повеќепати нагласија дека македонското национално самоопределување во Бугарија се интерпретира како предавство и непријателство кон бугарската држава и како нешто што треба да се казнува (?!)

Статусот на македонските друштва и организации потврдува дека бугарското општество не е слободно и демократско

Крајот на Студената војна и падот на едноумието го отворија патот за трансформација на Република Бугарија. Во овој правец беше и новиот бугарски устав каде што јасно се вели дека сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права, сите граѓани се еднакви пред законот, како и дека нема да има привилегии или ограничувања на правата врз основа на раса, националност и етничка самоидентификација. Новите навидум демократски процеси, видливи во новата бугарска конституција, беа можност за унапредување на човековите и малцинските права на сите бугарски граѓани, како и основа за унапредување на односите со соседните држави, вклучувајќи и со Република Македонија. Меѓутоа од усвојувањето на новиот бугарски устав, па сѐ до денес, Република Бугарија не ја почитува сопствената конституција и ги прекршува човековите и малцинските права на сопствените граѓани. Тоа е факт што е потврден од релевантни меѓународни институции, како што е Судот за човекови права во Стразбур или Комитетот на министри на Советот на Европа. Неколку релевантни извори повеќепати нагласија дека македонското национално самоопределување во Бугарија се интерпретира како предавство и непријателство кон бугарската држава и како нешто што треба да се казнува.

Што покажува досегашната бугарска пракса?

Припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија не ги уживаат своите човекови и малцински права, како што е правото на здружување или слободата на говор. Ова е очигледно уште во првите обиди за организирање на македонското национално малцинство во бугарското општество. Уште во почетокот на 90-тите години на 20 век, бугарските партии децидно изјавија дека во Бугарија нема македонско малцинство. Во овој контекст треба да се разбере и искажувањето на Александар Лилов, тогашниот претседател на Бугарската социјалистичка партија (БСП), дека населението во Пиринскиот Регион се чувствува бугарско.
Покрај јавните искажувања за непостоење на македонското малцинство, бугарската држава презема и директни активности што се насочени против македонските организации во 90-тите години на 20 век. Совршен пример за ова се активностите на бугарската Национална служба за заштита на уставот, која побара од бугарското обвинителство да биде забранета ОМО „Илинден“ поради наводни антиуставни, антибугарски и сепаратистички активности. Софиското градско обвинителство исто така извршило увид во работата на македонските организации и побарало нивна забрана. Во овој правец се и активностите на бугарската собраниска Комисија за надворешна политика, која побарала забрана на македонските организации, како и да не се дозволи постоење на слични организации. Според споменатата комисија, организациите работеле за создавање фиктивно македонско малцинство. Во активностите против македонските организации и здруженија се вклучува и бугарското МВР, кое изјавува дека бескомпромисно ќе ги преземе сите мерки предвидени со закон за прекинување на антибугарското и антиуставното дејствување на „Илинден“. Дополнително на ова, им се одземаат пасошите на повеќемина личности, како што е Стојан Георгиев, а бугарските безбедносни служби ширеа лажни вести за македонските претставници дека се ментално растроени лица или криминалци.
– Овие активности на бугарските институции јасно потврдуваат дека Република Бугарија на секој начин се обидувала да го спречи организирањето на македонското малцинство, со што на најдиректен начин се прекршуваат човековите права – велат нашите соговорници.
ОМО „Илинден“ уште од самиот почеток се соочува со пречки за регистрација, а во овој правец е и одлуката на бугарскиот суд од 12 јуни 1990 година, кој го одбива барањето за регистрација со изговор дела македонската организација ги загрозува суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на нацијата, поттикнува расна, етничка и верска нетрпеливост, ги нарушува личните слободи или има фашистички карактер, користи насилство и слично.
– ОМО „Илинден“ на ниеден начин не ги загрозува бугарскиот суверенитетот и територијалниот интегритет, а забраната е резултат на фактот дека станува збор за македонска организација. Покрај овие активности, припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија се соочуваат и со ограничувања и забрани за масовен собир. Карактеристичен пример се и упадите на бугарското обвинителство и зголеменото полициско присуство при собирите на гробот на Јане Сандански – велат нашите соговорници.

Промената во односот кон македонските организации како бугарски тактички
маневар

Извесна промена на бугарската држава кон македонските организации се случува во моментот кога нашиот источен сосед започнува преговори за членство во НАТО и во Европската Унија. Оттука, во 1999 година, ОМО „Илинден“ – Пирин успеа да го собере потребниот број потписи и ги исполни сите услови за регистрирање. Споменатиот македонски политички субјект учествуваше во бугарските локални избори и освои пет градоначалнички места, но бугарскиот Уставен суд на 29 февруари 2000 година ја поништи регистрацијата на ОМО „Илинден“ – Пирин со образложение дека партијата се залага за отцепување територија од бугарската држава.
– Промената на бугарската позиција и регистрирањето на ОМО „Илинден“ – Пирин се тактички маневар за да се избегнат блокади на патот кон ЕУ. Претходно македонската влада на Љубчо Георгиевски потпиша договор во кој јасно беше кажано дека помеѓу Македонија и Бугарија нема отворени политички прашања – велат нашите соговорници.

Што велат релевантните меѓународни организации?

Прекршувањето на човековите и малцинските права од страна на Република Бугарија беше нотирано од повеќе меѓународни институции и организации. Во овој правец е заклучокот на Комитетот на министри на Советот на Европа дека Република Бугарија одбива да дозволи регистрација на македонските здруженија и организации.
– Изразуваме жалење за фактот што и покрај усвојувањето на привремената резолуција во 2020 година и последователните одлуки, повеќе од 16 години по првата финална пресуда од оваа група, на здруженијата што имаат „цел да остварат признавање на македонското малцинство“ продолжува рутински да им се одбива регистрација главно поради поширок проблем на неодобрување на нивните цели и тие се соочуваат со постојана пракса од страна на властите, кои наоѓаат нови основи за одбивање иако документите за регистрација се неколкупати разгледувани – беше нагласено од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа.
Споменатиот комитет исто така побара од Република Бугарија да не го одбива регистрирањето на здруженија што имаат цел признавање на македонското малцинство во Бугарија, врз основа на мотиви што се во спротивност со пресудите на Европскиот суд за човекови права. Конкретно станува збор за пресудите што се однесуваат на барањата на „Обединетата македонска организација Илинден“, „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и на „Друштвото на репресирани Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор“, кои се разгледуваат како „комплексен проблем“.
Комитетот на министрите во својата одлука потсети дека оваа група случаи се однесуваат на неоправдано одбивање од страна на судовите, помеѓу 1999 и 2015 година, да регистрираат здруженија со цел да се добие признавање на „македонското малцинство во Бугарија“, врз основа на опасност за националната безбедност. Според Европскиот суд за човекови права, забраната на здруженија што остваруваат политички интерес е повреда на членот 11 од Европската конвенција за човекови права. Споменатиот комитет исто така искажа жалење поради фактот што, и покрај усвојувањето на привремената резолуција и последователните одлуки, повеќе од 16 години по првата правосилна пресуда во оваа група, здруженијата што имаат цел „да добијат признавање на македонското малцинство“ продолжуваат да бидат рутински одбивани за регистрација, првенствено поради поширок проблем на неодобрување на нивните цели и да се соочат со континуирана практика од страна на властите да поттикнуваат нови основи за одбивање, дури и кога записите на документите биле прегледани неколкупати“.
– Одлуките на судот во Стразбур или Комитетот на министри на Советот на Европа се јасен показател дека Република Бугарија ги прекршува човековите и малцинските права – велат нашите соговорници.

Д.Ст.