Родолфо Пинто / Џовани Масимо Ботини / Александар Стамболиев

Италијански решенија за урбани предизвици

Како дигиталните решенија носат новини и ги надминуваат актуелните проблеми на урбаното живеење? Какви се придобивките и можеме ли и ние да научиме нешто и да преземеме во нашето секојдневие, со што ќе се подобри животот на граѓаните во Македонија?
Придобивките од дигиталните решенија ни ги појаснува Родолфо Пинто извршен директор на „Суперурбанити“ (Superurbanity), кој потенцира дека во компанијата приоритет е градење дигитални решенија за одржливост и влијание на урбано ниво.
– Работиме со градови, владини агенции и институции за да создадеме дигитални платформи по мера, кои ги решаваат нивните потреби, а исто така ги продаваме нашето управување, граѓанско учество и интелигентни системи за обработка на податоци и СААС. Се водиме од фактот дека за да бидат ефективни урбаните иновации, тие мора да ѝ бидат достапни за јавната администрација, како економски така и во однос на употребата. Затоа ние ги поддржуваме овие организации не само со обезбедување софтвер туку и во неговото имплементирање, така што секој субјект, без оглед на неговата големина и техничка способност, може ефективно да ги имплементира иновациите – објаснува Пинто.
Нашиот соговорник посочува дека одржливоста на градовите не е цел што тие можат да ја постигнат сами, но напоменува дека треба да ги вклучат сите јавни и приватни чинители за да се осигурат дека секој ќе ја игра својата улога.
– Технологиите како што се електричната мобилност, обновливите извори на енергија или паметните системи за управување со отпад се клучни, но дигиталните можат да овозможат нови модели на управување и мерење на влијанијата, кои овозможуваат усвојување иновативни политики и нови технологии за да се доведат сите актери исто да размислуваат и да ги базираат своите одлуки на податоци. На пример, неколку града благодарение на дигиталноста можеа да се вклучат со климатски планови за нивните компании и територијални институции, споделувајќи со нив агенда на обврски, следејќи ги влијанијата на нивните активности и градејќи јавен консензус околу заедничките предизвици. Еден пример што нè допира блиску е градот Бергамо, кој годинава е прв за квалитетот на животот во Италија и кој ги решава токму тие прашања преку нашите платформи – вели Пинто.
Со план за мобилност до помалку изгубено време и ресурси

Џовани Масимо Ботини, претседател и извршен директор на „Систематика“ (Systematica), посочува дека одржливоста на урбаната мобилност е резултат на длабока анализа на урбаното ткиво: ако имате правилно читање на територијата, можете да ги примените корекциите потребни во случај да најдете какви било нарушувања или прекини.
– Решението зависи од конкретната ситуација, не постои едно решение за секоја сезона, треба да го изберете најдоброто за конкретната ситуација. Не можете едноставно да повторите модел што функционира на некое место друго место, би бил изненаден доколку функционира – укажува Масимо Ботини.
Нивната компанија веќе направила некои студии за Скопје преку фондацијата. Тој укажува дека поголем фокус посветуваат на мобилноста, а не на сообраќајот, бидејќи сообраќајот е дел од проблемот.
– Решенија има многу и тие варираат во зависност од нивниот опсег, а времето за нивно спроведување варира од нивната големина и комплексност. Важно е да се биде сигурен дека нема да се започнат проекти што не се координирани. Неопходно е да се направат општ план за развој и план за мобилност што е координиран за да можеме да избегнеме губење време и ресурси. Сите решенија, иако имплементирани во различни времиња, мора да се влечат во иста насока. Тоа се однесува на непосредните акции, како што е „тактички урбанизам“, исто колку и на огромната инфраструктура. За план за одржлива мобилност ви требаат не помалку од три месеци, поверојатно шест или девет, а за да го спроведете, може да ви се потребни години: тактичкиот урбанизам, кој помага да се реши локален специфичен проблем со малку напор, може да потрае неколку месеци, но огромната инфраструктура може да потрае години, тешко е да се даде општ одговор – нагласува Масимо Ботини.

Шанса за градовите и за компаниите во Македонија

Александар Стамболиев, координатор на хабот ЕИТ РИС, истакна дека ЕИТ активно ја поддржува урбаната мобилност преку достапните фондови за грантови и инвестиции на Иновациската заедница на знаење (EIT Urban Mobility KIC – Knowledge Innovation Community), преточени во технолошки решенија од областа на урбаниот транспорт, во спроведување на циркуларните решенија што може да ја подобрат ефикасноста на ресурсите, намалување на емисиите на јаглерод и овозможување повторно користење материјали и компоненти во транспортниот сектор, што е клучно за идниот развој на одржлива урбана мобилност. Следните повици се отворени и за македонските општини, универзитети и компании (стартапи и МСП):
1. Одржливи урбани решенија за градови – финансирање до 90.000 евра за иновативни проекти што ќе ја декарбонизираат урбаната мобилност и ќе го подобрат квалитетот на животот во општините, со фокус на проекти што создаваат уличен простор што овозможува здраво, активно движење, вклучувајќи зелени површини како садници, дрвја, паркинзи со зелени површини и мали градини, со што се придонесува кон подобрување на климата, квалитетот на животот, биодиверзитетот и одржливиот транспорт. Повикот е отворен за локалните власти, односно општини со најмалку 25.000 жители.
Повикот е отворен до 12 март 2025 година.

2. Акцелератор за пазарна подготвеност – шестмесечна акцелераторска програма што обезбедува поддршка вредна 30.000 евра и менторство за стартапи што работат на подобрување на урбаните простори и урбаната мобилност, со фокус на кооперативна, поврзана и автоматизирана мобилност (CCAM), управување со податоци за мобилност, нови мобилни услуги, регулативи за пристап до урбани возила (UVARs), планирање мобилност, дизајн на јавен простор, урбана логистика, електрификација на транспорт и алтернативни горива, јавен транспорт.
Повикот е отворен до 21 април 2025 година.
3. IRP4IMPACT – акцелераторска програма за стартапи и МСП што сакаат да го подобрат својот капацитет за собирање инвестиции преку менторство и поврзување со европски инвеститори.
Повикот е отворен до 28 февруари 2025 година.
4. Краткорочни иновациски проекти 2025 – целта е развој на пазарно подготвен производ, услуга или бизнис-модел со можност за комерцијализација на повеќе европски пазари, во сегментот на: мода, културно наследство, архитектура, гејминг и аудиовизуелни медиуми.
Повикот за МСП е отворен до11 март 2025 година, со финансирање до 59.000 евра.
Повикот за конзорциуми од две правни лица од две различни држави (едно МСП, еден технолошки провајдер или слично, е отворен до 11 април 2025 година со финансирање до 120.000 евра). Е.Р.