Објектот на општината Пустец во Албанија / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според добро информирани извори за оваа проблематика, тужбата на фондацијата „Бугарска памет“ против Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) има цел финансиски да ја оптовари единствената македонска партија, партија што и онака се наоѓа во незавидна финансиска состојба

Кампањата за асимилација на Македонците во Албанија се врши и со финансиски инјекции, но и со тешки притисоци

Во основниот суд во Корча се одржа првото рочиште по тужбата на бугарската фондација „Бугарска памет“ против единствената македонска партија во Република Албанија. Споменатата фондација ја тужи партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и бара оштета од 10.000 евра и јавно извинување за клевета, а тужбата следуваше откако МАЕИ јавно ги обелодени пропагандните дејства на „Бугарска памет“ кај припадниците на македонскиот народ во Република Албанија. Според добро информирани извори за оваа проблематика, тужбата против Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) има цел финансиски да ја оптовари единствената македонска партија, партија што и онака се наоѓа во незавидна финансиска состојба.
За овој проблем Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ, нагласи дека бугарската фондација ја поднела тужбата затоа што македонската партија побарала од албанските власти да ја забранат нивната дејност во Албанија поради корумпирање албански функционери за асимилација на Македонците во Албанија, со изградена криминална група што посредува во бизнисот со бугарските пасоши, издавањето лажни потврди и влијанието на пописот на населението.
Бугарската фондација „Бугарска памет“ ја застапуваат двајца адвокати од адвокатско биро од Тирана, додека македонската партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција ја застапува претседателот Васил Стерјовски. На рочиштето присуствувале и Љуфтим Спахиу, вршител на должноста македонски амбасадор, и претставник од бугарската амбасада, како и претставник на народниот правобранител на Албанија.

– Со оглед на сериозноста на прашањето и неговите импликации за македонската заедница во Албанија, како и фактот дека бугарската фондација „Бугарска памет“ има цел да го асимилира македонското малцинство и да ја попречи активноста на единствениот политички субјект што го застапува, побаравме од судското тело одложување на подготвителната седница – нагласува Стерјовски.
Причината за ова барање е затоа што МАЕИ не успеале да обезбедат адвокат што ќе ги застапува, како и доволно време да се запознае со тужбата и да ја подготви одбраната на професионален начин.

– Со оглед на тоа што ова прашање е од особено значење за македонската заедница, замоливме да ни одредат нов датум за подготвително рочиште, за да обезбедиме соодветно правно застапување. Адвокатите на бугарската фондација „Бугарска памет“ се спротивставија на ова барање со образложение дека македонската партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција имала доволно време, од јули 2024 година, кога е поднесена тужбата, да најде адвокат – вели Васил Стерјовски.
Судијката Гентијана Шукулари го прифати барањето на Васил Стерјовски и ја закажа следната расправа за 8 април 2025 година. Во меѓувреме, Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) со седиште во Канада нагласи дека ќе ги покрие финансиските трошоци за одбрана на македонската партија. Според ММДЧП, станува збор за клучен судски спор, кој ќе влијае на опстанокот на македонското малцинство во Албанија. Од оваа организација исто така нагласија дека финансиски ќе ја помогнат и тужбата што МАЕИ планира да ја поднесе против нив, како и тужбите против сите што го напаѓаат македонското малцинство.
ММДЧП и МАЕИ ја повикуваат македонската заедница низ светот да се обедини во одбрана на македонското малцинство во Албанија и да упати донации на следниот линк – https://mhrmi.org/donations Д.Ст.


Македонското друштво Илинден-Тирана повторно ја актуализира потребата за 24-часовно работење на граничниот премин Требиште-Џепиште

Македонското друштво Илинден-Тирана апелира до Владата на Република Албанија да го реши долгогодишниот проблем со работното време на граничниот премин Требиште-Џепиште. Македонското друштво Илинден-Тирана бара преминот да работи 24 часа, како што беше договорено од владите на Македонија и Албанија во 2017 година. Граничниот премин Требиште-Џепиште, кој ја поврзува областа Голо Брдо со Македонија, беше официјално отворен во мај 2013 година. Како дел од напорите за подобрување на регионалната поврзаност, на заедничката владина седница во Поградец на 15 декември 2017 година беше донесена одлука за негово 24-часовно работење.
– Сепак, и покрај оваа одлука, граничниот премин и денес функционира со ограничено работно време – од 8 до 18 часот. Ова претставува сериозен проблем за жителите на Голо Брдо, особено во зимскиот период, кога ниските температури, снегот и тешките временски услови дополнително ги ограничуваат нивната комуникација и движење – велат од македонското друштво.
Македонското друштво Илинден-Тирана ги образложи следните факти и аргументи за неопходноста од 24-часовно работење.
– Владин договор (2017 година): Владите на Македонија и Албанија официјално се согласија дека граничниот премин треба да работи 24 часа. Неспроведувањето на оваа одлука претставува непочитување на билатералните договори.
– Голо Брдо изолирана област: Областа Голо Брдо е една од најизолираните во Албанија, со слаба инфраструктура и ограничен пристап до основни услуги. Овој граничен премин е единствената врска за многумина со блиските македонски градови.
– Административни потреби: Многу жители на Голо Брдо имаат македонско државјанство или роднински врски со Македонија, па им е неопходен непречен пристап за административни обврски како што се вадење документи, здравствени услуги и образование.
– Економска и социјална поврзаност: Ограниченото работно време на преминот негативно влијае на локалната економија, бидејќи жителите не можат слободно да се движат за работа, трговија и други економски активности.
– Тешки временски услови: Во зимскиот период, кога температурите се ниски, а снежните врнежи чести, краткото работно време дополнително ги загрозува жителите, особено во итни случаи кога треба да преминат во Македонија за медицинска помош.
– Дискриминација во однос на други гранични премини: Некои други гранични премини меѓу Македонија и Албанија функционираат 24 часа, што го поставува прашањето зошто оваа одлука сè уште не е спроведена и за граничниот премин Требиште-Џепиште.
Граничниот премин Требиште-Џепиште е од суштинско значење за локалното население, а ограниченото работно време создава сериозни проблеми во секојдневниот живот и комуникација. Движењето на граѓаните е значително отежнато, особено во зимскиот период. Бараме Владата на Албанија итно да го реши овој проблем и да го спроведе договорот за 24-часовно работење на преминот, велат од македонското друштво Илинден-Тирана. Д.Ст.