Мејнстрим партиите се борат да ги задржат гласачите во фрагментираниот политички пејзаж
Предвремени избори во Германија
На Германците ќе им биде тешко да се присетат на време кога нивниот политички пејзаж бил фрагментиран како што е на неколку дена пред утрешните федерални избори. За првпат по Втората светска војна двете долгогодишни „политички локомотиви“ на Германија треба да соберат помалку од половина од националните гласови. Владејачката централнолевичарска Социјалдемократска партија (СПД), која излегува од мандат од четири години, најкраток уште од Втората светска војна – има поразителни 16 отсто поддршка, што е најниско ниво по глобалниот оружен конфликт. Некогаш доминантната, централнодесничарската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), која беше на власт во текот на 51 од изминатите 75 години, е во водство, но со предвидено намалено мнозинство од околу 30 отсто, неколку поени под најслабата победа досега во 2017 година и далеку од победите на изборите за време на Студената војна.
Подемот на помалите партии
Владејачките социјалдемократи ги распишаа изборите откако загубија коалициски партнер минатата есен и гласањето за доверба во парламентот во декември минатата година. Но, во времето на политичкиот пресврт во Германија, тешко дека можат да имаат полоши резултати.
Додека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ѝ нуди на Русија отстапки во замена за брз крај на војната во Украина, многумина во Европа апелираат за редизајн на безбедносната архитектура на континентот, барајќи од силните влади да донесат значајни одлуки за одбраната и надворешната политика.
Повеќе од половина од германските гласови ќе одат за помалите партии од левата и десната страна на политичкиот спектар. Најголемиот дел – околу 20 проценти – ќе оди на контото на Алтернатива за Германија (АфД), партија што ветува дека ќе го отфрли еврото и ќе ја врати германската марка, ќе ја смени транзицијата кон чиста енергија, ќе ги исфрли имигрантите и евентуално потполно да ја повлече Германија од Европската Унија.
– Луѓето велат дека тоа е некако последна шанса за либералните демократски партии и велат: Погрижете се следната влада да биде функционална влада што дава резултати. Следната влада ќе треба да докаже дека може да го направи тоа, особено за имиграцијата. Ако не успеат, како минатата влада, тогаш луѓето ќе кажат дека ова е основа за избор на АфД – изјави за „Ал џезира“ германскиот пензиониран дипломат Кристијан Шлага.
Опаѓањето на рејтингот на ЦДУ и на СПД
Во нивните најславни времиња, 1960-тите и 1970-тите, ЦДУ и СПД заедно земаа околу 90 отсто од гласовите на народот, оставајќи малку простор за некој друг. Тоа почна да се менува кон крајот на 1990-тите, бидејќи германскиот политички пејзаж стана поплуралистички. Левичарските Зелени беа основани во 1993 година, Левицата (Die Linke) во 2007 година и АфД во 2013 година. Сите ја „изедоа“ гласачката база на ЦДУ-СПД.
– Ако ЦДУ добие под 30 отсто, тоа е пораз за ЦДУ – изјави за „Ал џезира“ Јенс Бастијан, економист во германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања, додавајќи дека ситуацијата е уште пострашна за СПД.
Зошто имиграцијата е главна тема?
Имиграцијата брзо стана проблем број еден за време на изборната кампања, делумно поради серијата смртоносни напади извршени од странски државјани во изминатите неколку месеци. Саудиски државјанин уби шест лица и повреди 200 кога во декември минатата година на божиќниот пазар во градот Магдебург удри со изнајмен џип во пешаци. Минатиот месец, на 22 јануари, ментално болен Авганистанец со нож уби двегодишно момче и 41-годишниот маж што се обидувал да го заштити во парк во Ашафенбург, во близината на Франкфурт. Минатата недела, на 13 февруари, друг авганистански барател на азил уби 37-годишна жена и нејзината двегодишна ќерка кога со автомобил влета на протестен марш на синдикатот во Минхен.
Овие и претходните напади ја разгореа германската огорченост против имигрантите што немаат право да останат во Германија но не биле депортирани или кои не се интегрирале во германското општество и вредности.
АфД отворено повикува да бидат депортирани голем број имигранти, исто како што администрацијата на Трамп порача дека ќе направи во САД.
Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, повика на зајакнување на граничните контроли, зголемување на полициските овластувања за апсење и забавување или запирање на обединувањето на семејствата за мигрантите што веќе се легално во земјата. СПД и Зелените одбија да работат со Мерц на оваа агенда, велејќи дека тоа е во корист на крајната десница.
Што е со економијата и невработеноста?
Германците, исто така, сметаат дека нивната инфраструктура се распаѓа по долгогодишно недоволно инвестирање, особено железницата и мостовите, но се претпазливи да не ги ублажат нивните уставни барања за урамнотежен буџет, плашејќи се дека тоа ќе доведе до неконтролирано трошење. Некои набљудувачи веруваат дека германското општество не е подготвено за тешките економски одлуки што претстојат.
– Синдикатите бараат зголемување на платите за осум проценти и уште три дена одмор во земја каде што работниците веќе имаат шест недели одмор годишно. Ова не ја одразува реалноста и луѓето не го прифаќаат тоа – рече Шлага.
Канцеларот Олаф Шолц од СПД рече дека е за олабавување на фискалните правила за да се троши повеќе за стимулирање на економијата и за одбрана, но Фридрих Мерц покажа неподготвеност да позајмува повеќе или да ги зголеми даноците.
Војната во Украина ги зголеми енергетските трошоци и предизвика инфлација во Германија, како и секаде во Европа, но особено ѝ наштети на производствената и индустриската германска економска база.
Се очекува германската економија да се намали за 0,5 отсто годинава, соопшти германската трговска и индустриска комора, обележувајќи го третото годишно намалување едноподруго, што е најдолгата повоена рецесија.
– Ова е пресвртница и ја нагласува акутната потреба за акција – рече Хелена Мелников, управна директорка на комората.
Тоа имаше ударни ефекти. Банкарската асоцијација ВДП месецов процени дека цените на имот паднале за 5,4 отсто минатата година, заокружувајќи го четиригодишниот одлив. Неодамнешното истражување покажа дека 70 отсто од Германците се загрижени за трошоците за живот.
Иако невработеноста е ниска и изнесува 3,2 отсто, новите работни места стагнираа во декември, открија најновите федерални податоци, а германското индустриско производство падна за 2,4 отсто во декември во споредба со ноември, четири пати повеќе од предвиденото.
– Политичарите не ја кажуваат вистината за бројот на предизвици што претстојат. Шолц ги уверува гласачите дека нивниот социоекономски статус нема да се промени. Мерц им кажува на луѓето дека нема да мора значително да ја креваме сопирачката за долгот, а сепак некако ќе се справиме со сите трошоци – рече Шлага.
Кој е веројатниот исход?
Германија има парламентарен систем, што значи дека партија или коалиција на партии доаѓа на власт со држење на мнозинството од 630 места во Бундестагот. Не се прогнозира ниту една партија да има доволно гласови за да освои мнозинство од 616 места и да владее сама, така што веројатно ќе биде потребна коалиција.
Фаворитот за канцелар Мерц рече дека сака да има избор да соработува со кој било од трите силни конкуренти со пласман под неговата партија. Тој повеќе би сакал да избегне трипартиска коалиција, која некои ја обвинуваат за падот на социјалдемократите, кои во 2021 година се здружија со Слободните демократи и со Зелените.