Предизвиците на урбаното живеење и наоѓањето соодветни решенија за градските средини, со кои ќе се задоволат потребите на сите чинители, е фокусот на современите урбанисти. Урбаното планирање е предизвик пред кој се исправени голем број светски метрополи, а искуствата од земјите како Италија, за македонските експерти се добредојдени. Како пример го издвојуваат Торино, кое се смета за лидер во Европа кога станува збор за одржливи транспортни решенија.
Стратегиите што се најефективни во преточување на сложените урбанистички студии во функционални решенија што градските власти и носителите на одлуки можат лесно да ги спроведат се меѓу темите на разговор со Кјара Лукини, директорка за регионален развој на „Урбан лаб Торино“ (Urban Lab Torino), клучни во премостувањето на јазот помеѓу урбаното истражување и практичното креирање политики.
– Активноста на „Урбан лаб“ е на различни нивоа – културни активности, јавна комуникација, мапирање, регионален развој, граѓански ангажман и со текот на времето се организира за да стане подготвен да пресретне различни публики и соговорници како институции, локални организации, невладини организации, економски играчи и локални чинители, како и граѓани, формални и неформални групи итн. Природата на нашето работење игра клучна улога во оваа смисла, бидејќи организацијата ја внесува во својата ДНК функцијата за јавна комуникација: оттогаш, нашата мисија е да шириме содржини што се поврзани со процесите на урбана трансформација и испорака на урбаните политики – објаснува Лукини.
Таа за „Нова Македонија“ вели дека успешната јавна комуникација е поврзана со капацитетот за разбирање, како содржина на една политика, иницијатива што би влијаела на развојот на градот и самиот чин на давање смисла, поставување добри преведувачки алатки, градење мостови меѓу различни јазици и пристапи, култури и перспективи, со цел да ја направат јасна и разбирлива пораката што сакаат да ја пренесат.
– Има алатки и пристапи што ни помогнаа, како што е постојан јавен изложбен простор, кој го сметаме за наш дом, и местото каде што дејствуваме, преку состаноци, дебати, работилници и други активности. Идејата да се има простор што е препознаен како неутрален, непристрасен и оддалечен од различните позиции претставени во локалната дебата помага да се олеснат комуникацијата и соработката меѓу различните засегнати страни – објаснува Лукини.
Што може да научи Скопје од Торино?
Претставничката на „Урбан лаб Торино“ укажува оти работењето на прагот помеѓу различни дисциплини помага со правење микс од јавната историја, просторно претставување на урбаните феномени и социоекономските трендови, вклучување на сценските уметности како видеа, фотографија или кинопроекции во работењето со податоци како средства за претставување на урбаниот систем.
– Тоа ни помогна во претставување содржини што се сложени и технички потешко може да се разберат. Практиката и директното искуство од местата, процесите и феномените играат клучна улога во оваа смисла, исто како и воспоставувањето можности за меѓусебно разбирање и размена на знаења. Важно е разговорот да не се води само меѓу политичкото раководство и техничката експертиза туку да се вклучат и инкорпорираат, колку што е можно, сите различни компоненти на локалното општество – оние што се за и оние што се против, оние што се прашуваат и оние што не ни знаат дека би можеле да имаат право и можност да придонесат во урбаниот политички процес. Сите тие носат перспективи, интереси, знаења, вештини, енергии и ресурси што се незаменливи и многу потребни за надминување на предизвиците со кои ќе се соочат нашите градови во иднина на генеративен, влијателен, праведен и ефективен начин – потенцира Лукини.
Професорот Огнен Марина, раководител на Центарот за напредни и постдокторски истражувања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, објаснува дека иако Скопје и Торино имаат различна историја и урбан контекст, тие споделуваат слични предизвици – од урбанизацијата, преку одржливата мобилност, до заштитата на културното наследство и адаптацијата на градовите кон климатските промени.
– Размената на знаење меѓу овие два града е клучна за обезбедување на најдобрите практики и иновативни стратегии што можат да се применат во локалниот контекст. Постои голем потенцијал за соработка помеѓу Скопје и Торино, а огромното искуство на „Урбан лаб Торино“ во неколку клучни области е непроценливо. Тука би споменал неколку области на идна соработка, која се базира и на нашата досегашна успешна соработка и истражувања. Најпрвин би го издвоил прашањето на урбана регенерација и адаптивна реупотреба за остварување одржлив урбан и општествен развој. Торино има огромно искуство во трансформација на индустриските и историските делови од градот во динамични јавни простори и културни центри – вели Марина.
Професорот укажува дека ова искуство може да биде многу корисно за Скопје, каде што поранешните индустриски зони и урбаните структури од периодот по земјотресот бараат одржлива ревитализација. Според него, Скопје има уникатна шанса низ статусот на европска културна престолнина во 2028 година, финансирана од Европската комисија низ програмата „Креативна Европа“, да ја пресоздаде својата приказна и повторно, како по земјотресот во 1963-та година, да биде град со кој ќе се гордеат неговите граѓани и пример за успешна и одржлива урбана трансформација.
– Торино е еден од лидерите во Европа кога станува збор за одржливи транспортни решенија. Ние во Центарот за напредни и постдокторски истражувања веќе имаме иницијатива за поддршка на млади истражувачи што би работеле на истражувања за идната урбана мобилност во Скопје, а преку соработка со компании, истражувачки центри и фондации од Италија би можеле да тестираме и приспособиме иновативни решенија за нашиот урбан контекст. Прашањето на граѓанска вклученост и партиципативен урбанизам. „Урбан лаб Торино“ има одличен модел за активно вклучување на граѓаните во процесот на урбаното планирање. Јас силно верувам во заедничко создавање на градовите со нивните жители, а соработката со Торино би можела да помогне во зајакнување на учеството на граѓаните во донесувањето на урбанистичките одлуки во Скопје – нагласува професорот Марина.

Подобрување на климатските услови во Скопје
Тој укажува дека низ континуираната соработка со Политехничкиот универзитет во Торино и, секако, „Урбан лаб Торино“ вложуваат големи напори за да ги спојат научните истражувања со реалните урбани предизвици. Тој дополнува дека нивната работа не е само теоретска туку се обидуваат секаде каде што е можно активно да учествуваат во развојот на политики и проекти што имаат конкретно влијание врз урбаниот развој на градовите во државата.
– Сметам дека во непосредната иднина, стратегиското урбанистичко планирање и климатската адаптација ќе станат доминантни и би рекол пресудни за успешниот развој на градовите, но и на државата во целина. Во низа ситуации и низ соработката во повеќе заеднички проекти сме изработиле истражувања за тоа како Скопје може да примени решенија базирани на природата за намалување на ефектите од климатските промени и подобрување на квалитетот на животната средина. Овие истражувања беа основа за понатамошни дискусии за проширување на урбаното зеленило и подобрување на микроклиматските услови во градот – укажува Марина.
Професорот додава дека следна област од огромно значење се заштитата на културното наследство и одржливиот развој.
– Скопје учествувало во низа проекти за зачувување на културното и архитектонското наследство, обезбедувајќи рамнотежа помеѓу урбаниот раст и заштитата на значајните историски локации. Нашата работа помогна во обликување стратегии за заштита на историското изградено наследство, а во последно време се насочува и на модернистичката архитектура во Скопје, истовремено создавајќи функционални и одржливи јавни простори и објекти. Конечно, едно од клучните прашања за секој град се урбаната мобилност и обликувањето на јавните простори. Нашите истражувања за одење пеш и транзитно-ориентиран развој имаа значајна улога во залагањето за попристапни и комбинирани урбани простори. Некои од нашите партнери веќе имаат размислувања што се одлична основа за подобрување на јавниот транспорт и намалување на зависноста од автомобили во Скопје – укажува професорот.
Тој дополнува дека во иднина Центарот за напредни и постдокторски истражувања при УКИМ во Скопје има цел да се позиционира како регионален центар за урбани иновации, продлабочувајќи ги соработките со своите партнери од Италија, но и со други европски истражувачки институции.
– Веруваме во интердисциплинарна соработка, каде што низ меѓународни партнерства, развој на истражувачки пилот-проекти и зајакнување на соработката со градските власти, ќе продолжиме да ја унапредуваме визијата за поодржливи, инклузивни и отпорни урбани средини. Само преку интегрирање на научните сознанија во реалната пракса можеме да ги трансформираме нашите градови на начин што ќе им служи и на сегашните и на идните генерации – нагласува Марина.

Одржлив развој на градовите во Италија
Во рамки на годишното 9-то издание на Италијанскиот ден на дизајнот, за време на конференцијата, ќе бидат претставени компании од Италија специјализирани за урбаниот дизајн, урбаните иновации, урбаната технологија и одржливоста.
Амбасадорот на Република Италија, Паоло Палминтери, посочува до кој степен смета дека комбинирањето иницијативи е од клучно значење за урбаните градови да се развиваат во насока на подобрување на животите на луѓето.
– Италијанските урбанисти се справуваат со голем број предизвици и можности како што ја обликуваат иднината на градовите во земјата. Водечките трендови вклучуваат одржливост, технолошки иновации и социјална инклузивност, со цел да се создаде урбана средина што е отпорна, поврзана и одговара на потребите на нивните жители, обезбедувајќи економска одржливост за идните генерации – укажува Палминтери.
Амбасадорот посочува дека одржливиот развој во италијанските градови е воден од неколку клучни принципи чија цел е да го балансираат урбаниот раст со зачувувањето на животната средина и општествената еднаквост, како што се: намалување на емисиите на јаглерод преку енергетски ефикасни згради и транспорт, зголемување на зелените површини за подобрување на квалитетот на воздухот и обезбедување рекреативни области за жителите, поттикнување на учеството на заедницата во урбанистичкото планирање, за да се осигури дека развојот ги задоволува потребите на жителите, и интегрирање технолошки иновации за создавање попаметни и поефикасни градови.
– Италија може да се пофали со неколку примери на одржлив урбан развој, покажувајќи ја посветеноста на земјата за создавање погодни за живеење, еколошки градови. Торино е на прво место по „зелениот“ урбан развој, со проекти како реновирање на индустриските зони во јавни екопростори и спроведување сеопфатна велосипедска мрежа – потенцира амбасадорот.
Јавниот превоз, велосипедизмот и пешачењето во преден план
Тој додава дека други значајни примери се Вертикалната шума во Милано, со две станбени кули дизајнирани да интегрираат зеленило во нивните фасади, подобрувајќи го биодиверзитетот и намалувајќи го јаглерод диоксидот. Тој посочува и на Венеција, каде што е воведена паметна контролна соба – проект насочен кон управување со туристичките текови за подобрување на квалитетот на животот на жителите и зачувување на градското културно наследство.
– Со реконструкцијата на крајбрежјето на Џенова се ревитализира старата пристанишна област за да се подобри јавниот пристап и да се интегрираат културните објекти. Градот Болцано е познат по својот план за одржлива урбана мобилност, кој им дава приоритет на јавниот превоз, велосипедизмот и пешачење, со цел да стане јаглеродно неутрален до 2050 година. Влијанието на одржливиот урбан развој и урбаната регенерација во Италија е многу повеќе од физичките естетски подобрувања на околина. Овие иницијативи играат клучна улога во поттикнување ангажман на заедницата, промовирање социјална вклученост и посилна кохезија на заедницата преку партиципативни процеси на планирање, подобрување на јавните простори и удобности за подобрување на квалитетот на животот на жителите и подобрување на животната средина преку воведување зелени површини и одржлива инфраструктура – нагласува амбасадорот Палминтери.
Потоа тој истакнува дека токму поради овие причини е и насловот на конференцијата „Нееднаквости: дизајн за подобар живот“ – италијанскиот урбан дизајн им помага на повеќето од италијанските градови да станат одржливи со години.
– Токму тоа е идејата на настанот што го организираме денес: да се претстават некои од најдобрите примери на италијанскиот урбан дизајн што се справуваат со нееднаквостите, урбаните иновации, урбаната технологија и одржливоста, развиени и лично презентирани од претставниците на „Торино урбан лаб“ (Torino urban lab), дигиталниот иновациски хаб „Пиемонт“ (Digital innovation hub Piemonte), „Сперурбанити“ (SuperUrbanity) и „Систематика“ (Systematica). Јас верувам дека современите градови се соочуваат со слични предизвици и дека градот Скопје и другите градови во Северна Македонија може да имаат корист од италијанското искуство. Се надевам дека овој настан ќе биде само почеток на продуктивна соработка и партнерства – потенцира амбасадорот Палминтери. Е.Р.