Илустрација: „Нова Македонија“
  • Во Минхен се отвори едно прашање што е особено важно за Македонија и нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Посебен панел беше организиран на темата „Западните двојни стандарди и вредноста на меѓународните закони“. Темата не е случајно одбрана и таа зазема значајно и видно место на конференцијата во Минхен. На конференцијата во Минхен отворено се зборуваше за двојните стандарди на Западот во меѓународната политика. Македонија имаше многу да каже за двојните стандарди…
  • Комесарката Марта Кос рече дека за проширувањето решава ЕУ, а не Америка. Можеби е ова фројдовска грешка? Можеби. Но Америка ѝ нацрта на ЕУ што, како, каде, кога. А Македонија беше присутна таму каде што се кажа тоа. Работите во меѓународната политика никогаш не се случајни, па и присуството и сублимираните пораки од македонскиот премиер во Минхен

Минхенската безбедносна конференција (МБК) заврши, се спушти завесата на еден од најважните глобални собири за безбедносните прашања со серија потреси, кои предизвикаа урнатини што нема толку брзо да се санираат. Граѓаните веќе се носат со впечатокот дека пукна тиквата и меѓу западните сојузници, ќе ги запаметат солзите на претседавачот на МБК 2025, Кристоф Хојсген, и ќе ја пренесат перцепцијата дека „Американците на Европејците им ја запржија чорбата“.

Точка од која нема враќање

Но ова е точка од која нема враќање, а дека во евроатлантскиот сојуз постојат сериозни проблеми потврди и набрзина свиканиот самит на Европа по барање на претседателот на Франција, Емануел Макрон. Зошто толку итност? Првиот одговор би бил – Америка нема време да ја чека бавната Европа. Европа вљубена во самата себе, односно во својот проект кому му нема рамен во светот. Дали е токму така?
Собирот во Минхен, освен што американскиот потпретседател Џејмс Даглас Венс ја кажа историската реченица дека Американците не се загрижени за безбедноста на Европа од закани од Русија, од Кина или од некоја друга странска сила туку дека заканата доаѓа внатре од Европа, не можеше да биде подобра рендгенска слика на Унијата во овој момент. Тоа, за среќа или за несреќа, се потврди и на итниот самит во Париз што го свика Макрон каде што само се потврдија поделбите, но и перцепциите за безбедноста, Украина и за иднината на Унијата.

ЗА НАМЕТНАТАТА ИДЕНТИТЕТСКА БОРБА ЗА ОПСТАНОК

Во Минхен се отвори едно прашање што е особено важно за Македонија и нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Посебен панел беше организиран на темата „Западните двојни стандарди и вредноста на меѓународните закони“. Темата не е случајно одбрана и таа зазема значајно и видно место на конференцијата во Минхен. Токму за двојните стандарди зборуваше македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Нему сигурно би му биле малку и неколку часа да зборува на таа тема, но тој вешто го сублимираше тоа прашање во неколку прецизни реченици. Ние сега прашуваме – дали нашите пораки допираат до Брисел? Дали Брисел само селективно гледа каде водел политика на двојни стандарди и со каква цел? Дали на ЕУ ѝ се најважни мислењата на земјите од глобалниот југ, а соседите од Балканот и натаму ќе им служат со практикување политики базирани на случувањата на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Македонија и делови од Балканот се заглавени токму таму некаде на почетокот на 20 век наметнувајќи му идентитетска борба за опстанок.
Ќе го цитирам Мицкоски за неговото обраќање на панелот заедно со колегата од Албанија, Еди Рама, и комесарката Марта Кос: „На Минхенската безбедносна конференција зборував за предизвиците со кои се соочува НАТО, за двојните стандарди во политиката и за енергетските можности на Македонија. Нашата држава го промени своето име за да стане членка на НАТО, а сега повторно се соочуваме со барања за нови отстапки за да ги почнеме преговорите со ЕУ. Ова ли се европските вредности?
Ги слушнав гласините за мешање во внатрешните работи, но кога ги менувавме знамето, валутата и уставното име, зошто тогаш никој не реагираше? Денес сме сведоци на ’балканизација на Европа‘ наместо ’европеизација на Балканот‘. Ако сите остро осудуваат негирање на украинскиот идентитет, зошто молчат кога се негира македонскиот јазик и идентитет? Иднината на Македонија во ЕУ мора да биде праведна и извесна, без нови понижувања“!
Комесарката Кос кажа дека е точно дека за земји како Македонија сега се поставуваат дополнителни услови, што не било случај, на пример, кога Словенија преговарала за членство. Таа информираше дека сега Украина е ставена на брза улица за членство. Кос нагласува дека за членство понекогаш се решава и според геополитиката. Да заокружиме – ова се вика на здравје Копенхашки критериуми. Но и да обрнеме внимание на реалполитиката, како што порачуваат од ЕУ, зашто Македонија не е спомената како жртва на двојни стандарди. Па, ниту Србија. Дали Македонија удри во уште еден непробоен европски ѕид?
Ѕидот наречен двојни стандарди сега најверојатно само ќе се надградува зашто Европа ќе влезе во матрицата на глобалните текови, таа ќе мора да го фати текот на времето, да биде релевантен меѓународен фактор. Тоа за нашите европски аспирации може да биде дополнителен проблем. Политиката за двојните стандарди на Западот, а и на ЕУ е веќе апсолвирана тема, иако на критичарите никој не сакаше навреме да им обрне внимание. Па, Македонија пред 30 години им кажа дека ЕУ, па и ООН не го почитуваат меѓународното право. И со притисоци, уцени, поткупи нѐ дотераа да си го смениме името.

НОВИ ПОЗИЦИОНИРАЊА ВО ЕВРОПА, НО И РАЗДРУЖУВАЊА

Европа е пред предизвикот да се пронајде себеси. Шефицата на Европската комисија неодамна во Давос рече дека „Европа е ’фолксваген буба‘ – икона на автомобилското производство излезена од погоните на некогаш моќната германска фабрика, која се мачеше да се вклопи во новиот свет“. Таа смета дека ЕУ мора да ги смени брзините, но како? Постојано се бара промена на брзините, но тоа никако да се направи. Менувачот, сепак, го фати Доналд Трамп и сега Европа е пред предизвикот како понатаму. Јасно е дека американскиот концепт може сериозно да се одрази врз европските состојби, па и да предизвика сериозни поделби. Аналитичарите велат дека „секој во Европа ќе сака да се позиционира подобро“, а тоа ќе значи и спротивставувања. Единствениот европски пазар ќе се најде пред сериозен предизвик. На Минхенската средба беше искажана и можноста од формирање „мини-сојузи во рамките на ЕУ“. Нормално, сега се наметнува и прашањето дали токму со свикувањето на „европската елита“ од страна на Макрон веќе почна процесот на формирање идни сојузи? Духот одамна се криеше во шишето, а сега Макрон под силниот притисок и од САД и од дома, побрза да покаже кој е всушност главен во Европа, поточно „старата Европа“. И ова нема да остане без соодветни одговори. Прашањето за Украина е една од клучните теми, но наскоро тоа може да биде и проширувањето.
Второ прашање што ќе се анализира длабински е процесот на можни разводи, односно овозможување безболно напуштање на членството од ЕУ. Во еден од документите на панелот за двојните стандарди стои: „Проблемот е што Трамп едноставно ја доведува до најекстремните последици слабоста на системот што е изграден за стабилни времиња, кои одамна ги нема. Итно ни треба нова идеја, а таа не може да биде за ’соединетите држави на Европа‘. Тоа е сон од минатото што не може да биде повеќе во спротивност со актуелната политичка клима во Европа“.
Јасно е дека Европа е во сериозна криза и затоа Македонија мора да ја калибрира надворешната политика соодветно на случувањата што ќе следуваат. Ставот дека не смее да се залета по членство продавајќи го и последниот национален капитал е сосема соодветен и на долги патеки ќе донесе резултати. „Само оние што ќе се приспособат ќе преживеат“, се истакнува во истиот документ. Ова секако, е порака и за Македонија.
И да не заборавиме што порача Марта Кос – за проширувањето решава ЕУ, не Америка. Можеби е ова фројдовска грешка? Можеби. Но Америка ѝ нацрта на ЕУ што, како, каде, кога. А Македонија беше таму каде што се кажа тоа. Работите во меѓународната политика никогаш не се случајни, па и присуството и сублимираните пораки од премиерот Мицкоски во Минхен.


Најмоќните изјави за двојните стандарди

– Каде и да одам, се наоѓам соочен со обвинувањето за двојни стандарди.

Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, на Универзитетот „Оксфорд“, 3 мај 2024 г.

– Перцепцијата за двојни стандарди е посилна од кога било!

Комфорт Его, претседател и извршен директор на Меѓународната кризна група за надворешни работи, 1 април 2024 г.

– Западот некогаш беше шампион на слободната трговија и со право, бидејќи тоа отклучува повисок економски раст и развој за земјите. За жал, истиот Запад сѐ повеќе се оддалечува од слободната трговија за да подигне ѕидови на протекционизам на изненадување на Африканците.

Обиагели Езексвесили, претседател на Одборот на жени политички лидери и поранешен нигериски министер за образование, Минхен стратегија Белаџо, 17 јуни 2024 г.

– Тие се обидуваат да го натераат светот да игра според нивните озлогласени и себични „правила“.

Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи, Генерално собрание на ОН, 23 септември 2023 година

– Ние […] го отфрламе наметнувањето на сопствените вредности на една земја на другите и се спротивставуваме на таканаречениот супериорен модел на „демократија и слобода“ и на самобитните „универзални вредности“.

Чин Ганг, тогашен државен советник и кинески министер за надворешни работи, Форум за развој на Кина 2023 година, 27 март 2023

– Изненаден сум од тоа колку ја изгубивме довербата на глобалниот југ.

Емануел Макрон, француски претседател, Минхенска безбедносна конференција, 18 февруари 2023