Фото: Пекселс

Автор: Прим. м-р д-р Габриела Тавчиоска, педијатар

Кашлицата претставува заштитен рефлекс преку кој се ослободуваат дишните патишта од патолошка туѓа содржина, од иритирачки материи, бронхијален секрет, инфламаторни производи и производи на циркулаторна конгестија. Според тоа, кашлицата не е само симптом на некоја болест, туку и физиолошка одбранбена реакција

Кашлицата е најчестиот симптом со кој се соочува лекар кој работи со педијатриска популација. Таа е втор по честота симптом на респираторна болест по течење на носот, со застапеност од 46-56% во зависност од возраста на детето. Перзистентната, упорна кашлица е еден од најчестите проблеми поради кои дете се упатува на педијатар.Според некои карактеристики на кашлицата, лекарот многу често може да ја констатира локализацијата, а понекогаш дури и природата на болеста што ја предизвикува.
Кашлицата претставува заштитен рефлекс преку кој се ослободуваат дишните патишта од патолошка туѓа содржина, од иритирачки материи, бронхијален секрет, инфламаторни производи и производи на циркулаторна конгестија. Според тоа, кашлицата не е само симптом на некоја болест, туку и физиолошка одбранбена реакција. Според содржината, кашлицата може да биде влажна или продуктивна, со секрет од респираторниот тракт и непродуктивна или сува, без секрет. Влажната кашлица е специфична карактеристика на фазата на ексудација. Освен кај болестите на долните дишни патишта, таа може да се јави и кај воспалено грло и при хипертрофична и хронично воспалена аденоидна вегетација.

Фото: Приватна архива

Во просек, здравите деца може да кашлаат 11 пати на ден кога се добро, а почесто во текот на зимата, кога се чести инфекции на горниот респираторен тракт. Кашлицата може да влијае на нивото на активност и способноста на детето добро да спие, да игра или да оди на училиште и често е причина за грижа и вознемиреност кај родителите.

Кашлицата е и под волева и под неволева контрола. Рецепторите за кашлица се завршетоци на вагалните аферентни нервни влакна лоцирани во гркланот, фаринксот и трахеобронхијалното стебло. Екстрапулмоналните места, како што е надворешното уво, може да предизвикаат кашлица поради стимулација на аурикуларната гранка на вагусниот нерв. Овие рецептори испраќаат сигнали до центарот за кашлица во продолжениот мозок, што потоа ја активира низата на настани што ја сочинуваат кашлицата. Механиката на кашлица вклучува три последователни фази: инспираторна, компресивна и експираторна.
Имајќи предвид дека кашлицата е заштитен рефлекс, од клучно значење е да не се потиснува без да се идентификува и третира нејзината основна причина. Чувствителноста на рецепторите за кашлица е модулирана од состојбата на болеста.

Кашлицата кај децата е различна од онаа кај возрасните во однос на времетраењето, презентацијата, етиологијата и третманот.
Според времетраењето кашлицата може да биде:
– акутна ако трае пократко од 2 недели,
– продолжена акутна ако трае од 2 до 4 недели и
– хронична ако трае подолго од 4 недели.

Дефиницијата за хронична кашлица кај децата варира и се движи од 3 до 12 недели врз основа на објавени упатства. Кашлицата која е асоцирана со горнореспираторен инфект (ГРИ) поминува за 1 до 3 недели кај најмалку 90% од децата. Врз појавата на хронична кашлица влијае етиолошкиот фактор и генетската предиспозиција на детето. Помеѓу 35% и 40% од децата на училишна возраст продолжуваат да кашлаат 10 дена по почетокот на обичната настинка, а 10% од децата од предучилишна возраст продолжуваат да кашлаат 25 дена по инфекција на респираторниот тракт.

Кај деца под петгодишна возраст најчести причини за хронична кашлица се: инфекции, гастроезофагеален рефлукс, конгенитални малформации, астма, протрахиран бактериски бронхит, пасивно пушење, загадување на околината и инхалација на страно тело.

Над петгодишна возраст најчести причини за хронична кашлица се: астма, инфекција, постназален дрип, протрахиран бактериски бронхит, пасивно пушење, бронхиектазии и психогена кашлица.

Според квалитетот на кашлицата таа може да биде:
– сува или ,,staccato’’ (отсечна со кратки паузи) при која можен причинител е chlamydophila
– кашлица како лаење на куче која се јавува кај круп, трахеомалација
– влажна кашлица кај протрахиран бактериски бронхит, цистична фиброза, бронхиектазии, пневмонија, примарна цилијарна дискинезија
– кашлица како лаење/ѕвонење може да биде хабитуална кашлица или психогена кашлица
– пароксизмална/спастична кашлица кај пертусис или синдром кој наликува на пертусис.

Според етиологијата кашлицата може да биде:
– нормална или очекувана кашлица која се манифестира како повремена дневна кашлица или блага кашлица со јасна причина како на пр. кашлица после ГРИ и не бара понатамошна интервенција.
– специфична кашлица е кашлицата која е асоцирана со други симптоми и знаци кои укажуваат на основниот проблем. Некои индикатори за присуство на специфична кашлица се изненаден почеток со епизода на гушење, прогресивна кашлица, кашлица со исплувок со примеси на крв, почеток во неонатален период, бучно дишење (визинг), тешкотиии при голтање, влажна кашлица која трае подолго од 3-4 недели, деформитети на граден кош и др.
– неспецифична кашлица е сува кашлица во отсуство на препознатлива респираторна болест со позната етиологија. Поголемиот дел од случаите се должат на несериозна етиологија како на пр. пост-вирусна кашлица и/или зголемена чувствителност на рецепторите за кашлица и може спонтано да се решат.

Проценката на кашлицата во детска возраст вклучува детална хетеро/авто анамнеза, физикален преглед и иследувања.
Анамнезата треба да биде фокусирана на идентификување на времетраењето, квалитетот, предизвикувачите, текот, дневните/сезонските варијации на кашлицата, придружните симптоми, неонаталната историја, фамилијарната историја, изложеноста на загадувачи во животната средина, особено пасивното пушење или изложеност на други респираторни иританси како чад од дрво, користени лекови и историја на алергија. Физикалниот преглед треба да биде насочен кон проценка на општата состојба на детето и треба да вклучува мерење на виталните знаци и параметри на раст, детален преглед на респираторниот систем (вклучувајќи и ОРЛ преглед), одредување на нутритивен статус и испитување на одредени клинички знаци како на пр. визинг или бучно дишење. Треба да се направат напори директно да се набљудува квалитетот на кашлицата за време на клиничката проценка и да се добијат респираторни примероци, доколку е индицирано.

Поголемиот дел од акутните кашлици кај децата се поврзани со вирусни/пост-вирусни ГРИ и не бараат дополнителни иследувања. Рентгенографија на граден кош е потребна кога симптомите и знаците укажуваат на зафатеност на долните респираторни патишта, имаат прогресивен тек, хемоптиза или карактеристики на недијагностицирано хронично респираторно нарушување. При сомнение за инхалирано (вдишено) туѓо тело како причина за акутна кашлица, треба да се размисли за итна бронхоскопија.

Иследувањата при хронична кашлица вклучуваат рентгенографија на граден кош и функционални белодробни тестови во зависност од возраста на детето. Пошироките иследувања се индивидуални во зависност од клиничката слика. Тука спаѓаат проценка на хранење/голтање за евентуална аспирација, имунолошки статус при сомнение за имун дефицит, потен тест за цистична фиброза, КТ скен за бронхиектазии, бронхоскопија за инхалирани туѓи тела, алерголошки тестови за алергија, примерок од спутум при влажна кашлица.

Концептот за третман на кашлица како примарна цел има идентификација на основната причина за кашлицата. Кај повеќето деца со кашлица, причината е ГРИ и имаат потреба само од помошни мерки како антипиретици, одмор, хидрација и тоалета на носните хоници со солена вода. Антитусици, антихистаминици и деконгестиви без рецепт имаат потенцијал да предизвикаат негативни ефекти и треба да се избегнуваат кај деца помали од 2 години. Интраназалните стероиди можат да бидат ефективни кај деца со алергиски ринитис кој се манифестира со кашлица за време на сезоната на полен. Бронходилататорите не се ефикасни и треба да се избегнуваат кај неастматични деца кои манифестираат акутна кашлица. Антибиотиците генерално не се ефикасни кај деца со акутна кашлица предизвикана од вирусна ГРИ. Специфичните причини за акутна кашлица како астма, бронхиолитис, круп и пневмонија стекната во заедница треба да се третираат врз основа на упатствата засновани на докази специфични за таквите ентитети. Исто така, треба да се идентификува точната причина за хронична кашлица за да може да се иницира специфичен план за третман. Во третманот на акутна и хронична влажна кашлица може да се вклучат муколитици со цел да се олесни разградувањето на густиот и леплив секрет и на тој начин полесно да биде искашлан.
Кај родителите и во заедницата потребно е да се зголеми свеста за природниот тек и мерките за превенција и поддршка за акутна кашлица предизвикана од ГРИ кај малите деца. Практикување превентивни мерки подразбира добра хигиена со редовно миење раце, децата да не бидат изложени на пасивно пушење и други респираторни иританси од околината, како и редовна вакцинација.

Децата со кашлица треба да се третираат според упатства специфични за детска возраст, кои се различни од упатствата за возрасни. Третманот на кашлица кај децата треба да се заснова на основната причина за кашлицата.