Фото: „Нова Македонија“

По истражувањето на ИДСЦ и на „Конрад Аденауер“ дека мнозинството македонски граѓани се против уставни измени

  • Токму Брисел беше тој што со изразено своеволие и непредвидливост во барањата наметнуваше услови што Македонија мораше да ги исполни на евроинтегративниот пат, без оглед што мнозинството граѓани во државава се противеа на таквите условувања
  • Официјален Брисел форсираше и територијална поделба во 2004 година, и промена на името на државата, игнорираше неуспешен референдум, уценува со францускиот предлог, а сега и со уставните измени и впишување на Бугарите во македонскиот устав, без во ниту еден момент да ја почитува волјата на мнозинството македонски граѓани
  • Сега кога американскиот потпретседател Венс ги прекори евролидерите за нивното игнорирање на граѓаните избирачи во Романија, тогаш станува и повеќе од јасно дека Брисел забраздил во тоталитарна форма на неолиберализам, што САД нема да го толерираат

Македонските граѓани во овие нешто повеќе од три децении независност демонстрираа висока свест и одговорност за она што значат национални интереси и постојано го демонстрираат тоа пред секој нов предизвик пред кој е исправена државата. Времето покажа дека секоја граѓанска реакција и отпор за одредени одлуки што се однесуваа на иднината на земјата беа целосно исправни, па од оваа временска дистанца може да се констатира дека доколку политичарите имаа повеќе слух за гласот на народот, тогаш и земјава ќе беше во многу подобра ситуација од онаа во која се наоѓа денеска.
Имено, Македонија повторно е заглавена во европската чекалница чмаејќи повеќе од две децении во исчекување да ги започне пристапните преговори со ЕУ, а во меѓувреме правејќи многу болни отстапки, вклучувајќи и промена на името, за на крајот да не добие ништо, освен понижување.
По сета таа голгота, земјата одново е исправена пред нов предизвик наречен уставни измени како услов конечно да започне отворањето на преговарачките поглавја. И додека политичарите се во потрага по најбезболната форма како да се обезбедат уставни промени што ќе овозможат предвидливост во преговарачкиот процес со ЕУ, мнозинството граѓани повторно се категорично против каква било промена на Уставот.

ЕУ ја помножи волјата на граѓаните со нула, затоа ја губи и граѓанската
поддршка

Потврда дека тоа е така се резултатите од најновото заедничко истражување на Институтот за демократија и локалната канцеларија на фондацијата „Конрад Аденауер“, кои кажуваат дека само 20 отсто од граѓаните го поддржуваат внесувањето на Бугарите во Уставот, а исто толку граѓани сметаат дека преговорите треба да запрат или преговарачката рамка треба да се промени.
– Во однос на евроинтеграциите, 20 проценти од испитаниците поддржуваат уставни измени, додека другите се поделени за статус кво, повлекување од процесот и промена на преговарачката рамка – изјави Анамарија Велиновска, дел од истражувачкиот тим на институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦ).
Малите 20 отсто поддршка за уставните измени се јасна порака до политичарите дека народот и овој пат е против наметнати услови за преговори со ЕУ, спротивни на сите критериуми и принципи врз кои почива Унијата.
А токму Унијата беше таа што наметнуваше услови што Македонија мораше да ги исполни на евроинтегративниот пат, без оглед што мнозинството граѓани се противеа на таквите условувања.
Официјален Брисел форсираше и територијална поделба во 2004 година, и промена на името на државата, игнорираше неуспешен референдум, уценува со францускиот предлог, а сега и со уставните измени и впишување на Бугарите во македонскиот устав, без во ниту еден момент да ја почитува волјата на мнозинството македонски граѓани.
За ЕУ не беа доволен сигнал за народниот отпор ниту пропаднатиот референдум за името, ниту реките народ на улиците што се противеа на францускиот предлог, туку само нивните европски интереси.
Истото сценарио ЕУ неодамна го спроведе и во Романија, земја членка на Унијата и на НАТО, која треба да ги исполнува највисоките демократски стандарди. Но откако во првиот круг на претседателските избори победи Калин Георгеску, кандидат на крајната десница, ЕУ се вмеша и преку романскиот Уставен суд издејствува поништување на изборите, погазувајќи ја волјата на романските граѓани што дадоа поддршка за Георгеску.
Слично интерферирање ЕУ направи и за време на изборите во Грузија, кога мнозинството Грузијци ѝ ја дадоа довербата на партијата Грузиски сон, која има посуверенистички пристап. Тоа не му се допадна на официјален Брисел и побара поништување и на овие избори, по што Грузија на четири години го замрзна пристапниот процес. ЕУ се вмеша и во референдумот во Молдавија, на кој мнозинството граѓани се изјаснија против влез во Унијата, по што со европска интервенција беше направен изборен инженеринг со кој резултатот за само еден час се промени и со тесно мнозинство „помина“ референдумот за пристапување на земјата во ЕУ.
На нешто помалку од четири месеци од претседателските избори во Полска, актуелниот полски претседател Анджеј Дуда предупредува дека Европската Унија би можела да се вмеша во мајските претседателски избори во земјата.
– Брисел не ги сака конзервативците што владеат во Полска – нагласи Дуда за Радио Зеро.

Американска шлаканица за европските замешателства

Сите овие примери говорат јасно дека ЕУ не ја почитува волјата на граѓаните, а токму таквиот пристап се заканува да ја зголеми граѓанската недоверба кон самата Унија и принципите што Европа ги застапуваше некогаш. Дека ЕУ се оддалечува од своите принципи, ја ограничува демократијата и се меша во внатрешните работи на државите неодамна предупреди и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во обраќањето на Минхенската безбедносна конференција.
– Ако американската демократија може да преживее десет години критики од Грета Тунберг, можете да преживеете неколку месеци од Илон Маск, но она што не може да го преживее ниту една демократија, без разлика дали е американска, германска или европска, е да им се каже на милиони гласачи дека нивните мисли и грижи, нивните желби, нивните барања за олеснување се невалидни или недостојни да се разгледуваат… Ако бегате од страв од сопствените гласачи, Америка не може да направи ништо за вас, а кога се сведува на тоа, не можете ни вие ништо да направите за американскиот народ, кој ме избра мене и го избра претседателот Трамп – им порача Венс на европските лидери во Минхен.
Американската порака е повеќе од директна и јасна, дека Европа не може повеќе да ја занемарува волјата на граѓаните и да им се меша во нивните избори, без оглед дали тие се на линија на политиките на официјален Брисел.
Дел од домашните аналитичари сметаат дека ЕУ целосно се оддалечи од граѓаните и од сопствените принципи, што резултира со граѓански отпор.
– Македонија нема ништо да добие со промена на Уставот. Се менува светот од корен, веќе никој не ја ферма Европската Унија ниту два отсто, па зошто Македонија би влегувала уште во една неизвесна авантура што утре може да биде погубен за нас. Ваква каква што е, нефункционална и отфрлена од светските текови, поделена на внатрешни блокови што си ги туркаат своите интереси, ЕУ оди кон ништо друго, освен кон распаѓање. Таа поделеност се виде и на вонредниот состанок организиран од Макрон завчера во Париз. Нашиот народ е паметен и затоа не сака политичарите да продолжат да прават грешки само за да ѝ угодат на ЕУ. Гласавме против територијалната поделба, против промена на името, против францускиот предлог и не нѐ послушаа. Се покажа дека бевме во право. За која било покрупна одлука, мора да имаме излезна варијанта, така што времето на носење одлуки спротивни на волјата на граѓаните помина и ако ЕУ не сака да ги слуша желбите на граѓаните, тогаш македонските власти се тие што се избрани од народот и мора да ја почитуваат народната волја. Впрочем, нека распишат обврзувачки референдум и народот нека каже дали сака уставни измени. Тоа е највисок демократски чин при носењето одлуки, а Европа можеби треба да почне да ги почитува демократските принципи и волјата и желбите на граѓаните, оти очигледно, како што неодамна порача американскиот потпретседател Венс, таа ги напуштила овие принципи – заклучуваат аналитичарите.