Фото: Од aрхивата на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола

Јубилеи

Во Центарот за култура во Битола минатата недела, со јубилејната свечена програма „Експериментум македоникум“, битолската гимназија „Јосип Броз-Тито“ одбележа осумдесет години од првиот час одржан на македонски јазик. Програмата, под менторство на професорките Даниела Петровска и Симона Петровска, предизвика огромен интерес кај многубројната публика и секако дека ова е настан што ќе остане во драг спомен на многумина битолчани, особено на оние што дел од животот го поминале во средношколските клупи во така познатата битолска горна гимназија.

ГИМНАЗИЈАЛЦИТЕ ЈА ОЖИВЕАЈА ПОЕЗИЈАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ВЕЛИКАНИ

Преку драмска игра беше испратена силна и впечатлива порака дека нашата литературна историја е дел од светската литературна историја и дека преку поезијата нашиот литературен и национален идентитет најбрзо влезе во идентитетот на народите на светот. Во претставата е искористена поезијата на Блаже Коневски, Радован Павловски, Анте Поповски. Претставата се реализираше под менторство на професорките по македонски јазик Даниела Петровска и Симона Петровска, во режија на ученичката Веда Мавровска, помогната од режисерката Софија Ристевска-Петрушевска.
На свечената академија присуствуваа и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Дафкова, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, како и академиците Живко Попов и Владо Камбовски, некогашни ученици на оваа гимназија.
Ова училиште претставува вистински феномен и кога се разгледува како објект – градба и секако како место каде што дел од своето образование го поминале, слободно може да се каже, најпризнаените интелектуалци во Македонија. Има интересен факт дека ниедна влада на Македонија не е формирана, а без притоа во неа да нема ученик од прочуената битолска гимназија, која во зависност од историските услови и состојби била именувана со различни имиња, а од 6 февруари 1945 година, кога се одржал првиот час на македонски јазик, наедно и започнала наставата на македонски современ јазик, непрекинато, и веќе 80 години гимназијата е едно од најпризнаените средни училишта на Балканот.

НИЗА АКТИВНОСТИ ПО ПОВОД ЈУБИЛЕЈОТ

Во еднонеделната програма по повод овој значаен јубилеј во галеријата „Ранко Струмениковски“ беше поставена и изложба на илустрации од македонски книжевни дела од средношколците, како и читање наградени творби од распишаниот литературен конкурс под менторство на професорите Биљана Т. Димко, Александар Поповски, Димче Солаковски и Сара Груеска.
Беше поставена и „Портрет-изложба“ на ученичката Андреа Ресановиќ, а во битолската „Магаза“ беше поставена изложбата „Историски осврт на автори и уметници што предавале или биле ученици во гимназијата“, во организација на професорите и ликовни уметници Александар Поповски и Димче Солаковски.
Премиерно беше прикажан и уметничко-документарниот филм „Неговиот глас“, каде што во насловните улоги беа доајенот на битолското и македонско драмско глумиште Борис Чоревски и ученикот Борис Граматковски, под менторство на проф. Никола Трајковски, како и филмот „Прекршени времиња“, под менторство на професорката по класични јазици Софија Бејковска.
Во гимназијата учеле народни херои, кои подоцна го положиле животот на олтарот за слобода за Македонија, но и значајни македонски културно–научни дејци што се значајни за цела Македонија.

ЈАЗИКОТ Е ЖИВО ТКИВО НА КОЛЕКТИВНАТА ДУША

Во моментот, на чело на СОУ гимназија „Јосип Броз–Тито“ е м-р Лидија Споа, која доаѓа од редот на наставно–стручниот кадар на училиштето.
– Македонскиот јазик, кој до тој момент беше принуден да тлее под сенките, на 6 февруари 1945 доби своја светлина. Јазикот е живо ткиво на колективната душа, простор каде што се слеваат сите нишки на културата, историјата, филозофијата на животот. Во текот на 80 години, гимназијата израсна во матрица на генерации, кои со својот печат ја дефинира нејзината суштина како место на креативна и академска зрелост. Гимназијата останува столб на заедницата, место каде што се гради иднината, се почитува минатото и се остава простор за нови идеи и перспективи – нагласи Споа во обраќањето на свечената академија.

Ф.Д.