Олаф Шолц / Фото: ЕПА

Очигледно е дека не се различни сензибилитетите на нациите (или на државите) кога станува збор за чувството дека некој однадвор им се меша во „внатрешните работи на државата“. Но државните лидери се оние што „или храбро реагираат отфрлајќи ги тие тенденции однадвор или, пак, ја виткаат опашката“ кога некој ќе се обиде да влијае на „внатрешните работи во државата“. Македонската нација и држава во минатото биле сведоци на многу вакви примери. Но токму сега е многу интересно тоа што нешто слично им се случува на други, посилни и поголеми држави, како на пример Германија. Како Берлин го чувствува тоа на своја кожа и како реагира државниот врв на тоа?

Германскиот канцелар Шолц се чувствува загрозено од американските сугестии

Иако во Македонија долго време се предупредува на тенденциите дека „сѐѐ почесто однадвор ни се мешаат во внатрешните работи на државата“ и се посочуваат конкретни примери за тоа (обиди генерирани од страна на нашите соседи, а и од Брисел и од други центри на ЕУ), реакции на поддршка за Македонија успешно да се спротивстави на таа појава ретко се добиваа. Од друга страна, во идентичен или сличен случај, кога некоја европска држава има перцепција дека некој однадвор ѝ се меша во внатрешните работи, тогаш реакциите се жестоки, а барањето поддршка одѕвонува на сите (европски и светски) медиумски бранови.
Така, во последниот случај, изјавата на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, во германскиот политички и државен врв беше перципирана како изјава на „интервенција пред избори, поддршка за одредена политичка партија, мешање во внатрешни работи…“, по што следуваа реакции предизвикани од „чувството на болка“ во вакви ситуации… Но, притоа, никој не се сеќава за чувството на болка кога истите тие го предизвикувале кон Македонија… Ова се само некои од реакциите на неколку наши соговорници што контактираа со редакцијата, изразувајќи го своето мислење во врска со изјавата на германскиот канцелар Шолц, кога тој реагираше дека се чувствува загрозено од тенденциите на Вашингтон да влијае на претстојните избори во Германија, со изјава во полза на една политичка партија што не е во коалиција со паријата и блокот на Шолц…

Германците нема да прифатат трети страни да интервенираат во некоја
политичка партија една недела пред општите избори во земјата

Вака барем гласеше парафразирано изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц по вчерашната изјава на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс. Канцеларот смета дека изјавата на Венс била во корист на противничката партија на Шолц, германската АфД.
„Насоката во која ќе се движи нашата демократија зависи само од нас. Од нас и од никој друг!“, истакна Олаф Шолц во говорот пред меѓународните лидери собрани на конференцијата за безбедност во Минхен. Тој ја осуди интервенцијата на официјален претставник на Вашингтон, кој јасно и гласно во петокот го критикуваше начинот на кој (Шолц) сака да се направат политичка изолација и дискредитација на германската политичка партија АфД. Вашингтон преку американскиот потпретседател Венс се заложи за укинување на воспоставениот „санитарен кордон“ околу партијата АфД, што непринципиелно го направиле противничките парии на АфД, користејќи инструменти на државата, што не е дозволиво. Говорот на Џ.Д. Венс ги вчудовиде европските лидери, со своите напади врз „слободата на изразување“, за која рече дека е „во опаѓање“ во Европа, и врз миграциската политика на континентот. Тој конкретно целеше на традиционалните германски партии, кои отфрлаат каков било сојуз со АфД.

Берлин му се умилкува на Вашингтон

Официјален Берлин, иако болно го почувствува говорот на американскиот потпретседател Венс, сѐ уште не е подготвена „да им го сврти грбот на Американците“.
– Германија ќе продолжи да купува американска воена опрема – рече Олаф Шолц, нагласувајќи ја „потребата од силна европска индустрија за оружје“.
Шефот на германската влада исто така се изјасни против „раздвојувањето на европската и американската безбедност“. Тој се согласи дека постои „неспорна“ потреба да се „продолжи значително да се зголемуваат“ трошоците за одбрана, над 2 отсто од БДП што Берлин моментално ги издвојува.
– Секој дополнителен процент што го трошиме за нашата одбрана бара 43 милијарди евра повеќе годишно – рече тој, залагајќи се за реформи на правилата за „буџетска кочница“ по изборите за да се исклучат трошоците за одбрана.
Овие неколку точки од реакцијата на канцеларот Шолц сепак ја покажуваат насоката на омекнување на ставовите кон Вашингтон и зафаќање нов курс, по правилата на игра наметнати од Трамп, велат нашите соговорници.
Овој говор доаѓа една недела пред предвремените парламентарни избори во Германија, на кои се очекува Шолц да биде поразен. Негов противкандидат во Минхен е Фридрих Мерц, кандидат што води во анкетите. П.Р.