Фото: Пиксабеј

Сè поголем број истражувања сугерираат дека раковите, јастозите и другите животни од овој вид можат да почувствуваат болка, а научниците сега вршат притисок за нивна правна заштита за да се третираат хумано. Имено, раковите често се готват живи пред јадење, бидејќи логиката била дека раковите не чувствуваат болка бидејќи им недостигаат мозочните регии одговорни за преработка на болката.
Но дали е тоа така – или раковите можат да чувствуваат болка? Морските ракови можеби можат. Истражувачите открија дека овие видови ракови имаат ноцицептори, нервни завршетоци што откриваат оштетување на телото и испраќаат сигнал за болка до мозокот. Истражувачите тестирале одговор на 20 ракови на болни дразби, како што се удари со пластичен инструмент или ставање мало количество оцет на нивните очи, антени и мекото ткиво меѓу канџите и на нивните зглобови. Електродите ги мереле реакциите на централниот нервен систем и научниците увиделе дека тие се во согласност со ноцицептивните реакции.
– Ноцицепторите, кои ги имаат и луѓето и многу други цицачи, се активираат кога телото е повредено или му се заканува повреда. Тие му соопштуваат на мозокот, преку чувството на болка, дека телото се соочува со можна закана, за да може животното соодветно да реагира. Самото постоење на ноцицептори не мора да значи дека животното чувствува болка – вели коавторот на студијата Елефтериос Касиурас, биолог на Универзитетот во Гетеборг во Шведска.
Ноцицепторите можат да предизвикаат рефлекс на болка – како инстинктивно вадење на раката од врел шпорет. Но луѓето го доживуваат чувството на болка во нашиот мозок. Така, иако ноцицепторите сами по себе не докажуваат дека раковите чувствуваат болка, тие се едно парче од сложувалката.
Касиурас рече дека не бил изненаден кога пронашол рецептори за болка кај раковите – претходното истражување покажа дека јастозите и раковите реагираат на болка по однесување. Комбинацијата на овие бихејвиорални реакции со одговорот на централниот нервен систем ја прави поверојатна можноста животното да чувствува болка.
Со оглед на доказите, научниците што работат на ова поле бараат забрана за готвење живи ракови и јастози, нарекувајќи го тоа нехумана практика.