Европските дипломати веќе со недели се обидуваат да обезбедат присуство во какви било идни мировни преговори за Украина, а неделава им нуди прва можност лично да ги изразат своите аргументи при средбите со американските колеги
Засилена дипломатска активност од САД во Европа
Европските лидери на штрек ги очекуваат средбите со тројца највисоки американски дипломатски претставници неделава, желни да дознаат што планира Вашингтон да направи со Украина, наведува бриселскиот портал „Еурактив“. Се поставуваат прашања дали администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе продолжи да ѝ помага на Украина или ќе сигнализира дека ја повлекува поддршката со надеж дека таков чекор ќе донесе брз крај на војната? Без континуирана американска поддршка, се смета оти Украина најверојатно ќе биде принудена да се определи за мировно решение бидејќи Европа едноставно нема оружје што му е потребно на Киев во војната.
Високи претставници на американската администрација – потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио и секретарот за одбрана Пит Хегсет – неделава се упатуваат во Париз, Брисел и во Минхен на серија први лични состаноци со нивните колеги од ЕУ. Таму ќе биде и специјалниот пратеник на Трамп за Украина-Русија, Кит Келог – функционерот што е најблиску вклучен во подготовката на „мировниот план“ на претседателот на САД. Европските дипломати веќе со недели се обидуваат да обезбедат присуство во какви било идни мировни преговори за Украина, а неделава им нуди прва можност лично да ги изразат своите аргументи при средбите со американските дипломати.
Венс ја имаше својата прва средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и со највисокиот дипломат на ЕУ, Каја Калас, на маргините на самитот за вештачка интелигенција во Париз во вторникот, на која било разговарано за руско-украинската војна и зајакнувањето на европската одбрана, пред тој да се упати на Минхенската безбедносна конференција. Се очекуваше Рубио вчера да присуствува на разговорите за поддршка на Киев во Париз. А беше предвидено Хегсет да присуствува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО и на собирот на Контакт-групата за одбрана на Украина во Брисел, пред да замине за Полска.
Европските дипломати приватно велат дека очекувале мировните планови на Трамп за Украина да бидат готови пред средбите со американските претставници неделава. Во следните неколку недели, се очекува Келог да ја координира содржината на планот со сите европски сојузници на НАТО. Насоките на Трамп за планот се јасни: Европејците треба да го преземат водството кога станува збор за обезбедување каков било иден прекин на огнот и справување со финансискиот товар.
По изготвувањето на мировниот план, Келог посочи дека и Киев и Москва ќе мора да направат отстапки доколку сакаат успешно да преговараат за решение.
Освен тоа, Келог го оддалечи својот план од претпоставката дека може да се постигне „чист“ мир, велејќи во изјава за „Њујорк пост“ дека би било поизводливо прво да се постигне прекин на огнот и подоцна да се преговара за деталите за подолготрајно решение.
Во меѓувреме, Украина го стави на маса предлогот на Трамп за да обезбеди ангажман на САД: Киев добива безбедносни гаранции, а Вашингтон добива пристап до суровините на Украина. Официјален Киев ја претстави идејата да им се овозможи на западните сојузници пристап до нејзините критични минерали минатата есен, како дел од нејзиниот „план за победа“. Русија веројатно нема да отстапи од позицијата што ја наведе минатиот јуни, но соопшти дека е подготвена да ги продолжи контактите со САД за можно решение. Нивниот став останува дека Украина мора да се откаже од своите аспирации за НАТО, да усвои неутрален, неврзан и ненуклеарен статус и целосно да ги повлече своите трупи од четирите украински региони Донецк, Херсон, Луганск и Запорожје, анектирани и главно контролирани од руските трупи. Р.С.