Аеродромите се омилени места за некои луѓе, а за други пак се извор на стрес и непријатност. Исто така, аеродромите се места каде што луѓето често се однесуваат на необичен начин – некои спијат на подот, прават јога, одат боси… Има и такви што бурно реагираат на доцнење или промена на летот.
Многу туристи откриваат дека авантурата започнува на аеродромот, што ги става во поинакво расположение од вообичаеното. Тие се желни да започне времето одвоено за хедонизам, но има и такви што се загрижени околу летањето, што може да ги натера да се однесуваат невообичаено или да се оддадат на алкохол.
– Стресот и анксиозноста предизвикуваат раздразливост, привремена и долготрајна. Луѓето што се генерално анксиозни се повеќе склони кон гнев. И привремената вознемиреност предизвикува изливи на гнев. Според мене, аеродромот треба да го гледаме и од психогеографска перспектива. Психогеографијата го проучува влијанието на местото врз емоциите и однесувањето на луѓето, особено во урбаните средини. Во келтските култури, постои концепт на посебни места – често свети шуми – каде што превезот помеѓу материјалниот и духовниот свет е тенок. На тие места се наоѓаме помеѓу две царства. Во современиот технолошки свет, аеродромите исто така може да се гледаат како такви места. Тоа се гранични зони каде што границите избледуваат. Буквално, националните граници се распаѓаат. Откако ќе поминеме низ безбедносната контрола, влегуваме во ничија земја, меѓу државите. Концептот за место станува небулозен – вели Стив Тејлор, виш предавач по психологија на универзитетот „Лидс Бекет“.
Слично на тоа, времето станува небулозен концепт на аеродромите. Кога ќе влеземе во авионот се наоѓаме во граничната област помеѓу две временски зони, се подготвуваме да скокнеме напред во времето, па дури и да се вратиме назад во времето. Не треба да го игнорираме, како што наведува Тејлор, губењето на контролата. Според него, аеродромите се и зона на отсуство, каде што сегашниот момент е непожелен. Вниманието на сите е свртено кон иднината, кон нивните летови и авантурите што ги чекаат откако ќе пристигнат на нивната дестинација, а интензивното фокусирање на иднината честопати носи фрустрација, особено ако летовите се одложени.
– Личните граници исто така стануваат кревки. Покрај асоцијалното однесување, аеродромите можат да бидат и место каде што се манифестира просоцијално однесување, каде што странците ги споделуваат своите планови за патување и одмор, зборувајќи со необична интимност. Тука не важат нормалните социјални инхибиции. Поради измешаните чувства за времето и просторот, аеродромите создаваат чувство на дезориентација. Знаеме кои сме во однос на нашата секојдневна рутина и нашето познато опкружување. Се дефинираме и по националност. Без такви маркери, можеби се чувствуваме како да лебдиме. Позитивната страна е што сето тоа може да има ослободувачки ефект. Како што истакнав во мојата книга, ние обично го гледаме времето како непријател што краде моменти од нашите животи и нѐ угнетува со рокови. Па така, излегувањето надвор од времето понекогаш е исто како да сте ослободени од затвор. Истото тоа важи и за идентитетот. Чувството за идентитет е важно за нашата психолошка благосостојба – вели Тејлор.