Фото: Пиксабеј

Ново истражување на Полската академија на науките

Според неодамнешното истражување, емоциите што ги чувствуваме за време на климатските промени како гнев, потиштеност и вина имаат значително влијание врз нас. Истражувачите од институтот за експериментална биологија „М. Ненки“ при Полската академија на науките, во соработка со Одделот за психологија на Норвешкиот универзитет за наука и технологија, го истражуваше влијанието на климата врз човечките емоции, а резултатите од истражувањето се ветувачки.
– Тагата што се појавува кај луѓето поради алармантните климатски промени сега добива и свое име – соласталгија. Луѓето веќе некое време ги чувствуваат климатските промени, овде и сега – вели Доминика Заремба, психолог, психотрауматолог и докторанд на институтот „Ненки“ во Варшава.
Загриженоста за промените во животната средина предизвикува низа емоции, кои може дури да бидат блиски до чувството на загуба. Овој тип на тага и стрес предизвикан од климатските промени се нарекува „соласталгија“. Необичното чувство на тага Доминика Заремба го споредува со загубата на сакана личност.
– Гледањето на дрвјата како венеат ги прави луѓето да ја чувствуваат истата тага како по загубата на некој близок – вели таа.
Заремба се присетува на една студија што истражувала како поединците размислуваат за климатските промени. Испитаниците биле избрани од различни возрасти, социјални групи и професии. Најдлабоко искуство на тага имале учесниците во студијата што имале пошироко знаење за климата, но и постарите луѓе, кои, пак, се сеќавале на сосема различните пејзажи од својата младост.

Силните чувства доведуваат до потребата од акција

– Се сеќавам на зборовите на нашата најстара учесничка во истражувањето, која имаше повеќе од 80 години. Таа се потсети на тоа какви биле зимите во нејзиното детство. Таа рече дека кога сфатила дека сега има правнуци што нема да доживеат искуство како што е газењето по снег или санкањето, тоа ѝ носи солзи во очите. Така, постарите луѓе што ја гледаат оваа дегенерација на животната средина низ својот живот, ова прогресивно уништување, веројатно посилно го доживуваат влијанието на климатските промени – вели Заремба.
Силните чувства доведуваат до потребата од акција, но за да се вклучат луѓето во борбата против климатските промени и тоа да го применуваат во секојдневните навики, краткорочните емоции не се доволни.
– Краткорочните емоции се како искри, но немаат влијание врз одлуките во врска со климата – вели таа.
Резултатите од студијата, спроведена од истражувачи од Институтот за експериментална биологија, во соработка со Одделот за психологија на Норвешкиот универзитет за наука и технологија, го покажуваат широкиот опсег на емоции што луѓето ги чувствуваат во однос на климатските промени.
За време на анализата, била развиена алатка наречена Инвентар на климатски емоции, која содржи осум главни емоции. Студијата покажа дека доминантните емоции во контекст на климатските промени се: гнев, беспомошност, ентузијазам, осаменост, вина, тага, презир и страв. Исто така, се покажа дека силата на емоциите има различно влијание врз проклиматските ставови.

Силни мотиватори се гневот и сочувството

Следната студија, во која учествувале двесте луѓе од цела Полска и Норвешка, имала цел да го испита влијанието на емоциите предизвикани од поединечни приказни врз дејствата преземени по нивното читање или слушање во реалниот живот. Учесниците биле изложени на повеќе или помалку емотивни приказни, а подоцна имале можност да ѝ донираат одредена сума пари за избрана организација што се бори против климатски промени. Студијата покажала дека подготвеноста на учесниците да донираат е слична кај сите, без оглед на тоа дали биле изложени на емоционално евокативни приказни или на неутрални приказни. Во понатамошните фази од истражувањето научниците ја подобриле методологијата со воведување попрецизни задачи за учесниците и користење на скенирање на мозокот со МРИ.
Студијата го потврдила недостигот од корелација помеѓу краткорочните емоции и проклиматското однесување (во овој случај, на учесниците им бил даден избор помеѓу две опции за акција – намалување на емисиите на CO2 или прифаќање финансиска награда).
– Краткорочните емоции се како искри. Мала искра – мал ефект. Долгорочно, од друга страна, посилните емоции што се акумулираат со текот на времето имаат ефект. На пример гневот има поголемо влијание врз корпорациите, институциите, политичарите, познатите личности – вели Доминика Заремба.
Сепак, според истражувачите, недостигот од корелација помеѓу краткорочните емоции и проклиматските одлуки не ја поништува целта на истражувањето. Студиите што претходно биле спроведени со Инвентарот на климатските емоции помагаат да се измерат долгорочните емоционални ставови на учесниците кон климатските промени. Две емоции што се покажале како најсилни мотиватори за преземање некаква акција се гневот и сочувството.