ЕУ го менува курсот кон вештачката интелигенција

Брисел не сака да биде само лидер во регулирањето на вештачката интелигенција туку највисоките претставници на Европската Унија сега сакаат да им покажат на технолошките компании и инвеститорите дека и Европа може да биде одлично место за водење бизнис на полето на вештачката интелигенција, пренесуваат светските медиуми.
Иновацијата на вештачката интелигенција го презеде приматот во внатрешната дебата во ЕУ откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го започна својот нов петгодишен мандат во декември. Таа ја искористи вештачката интелигенција како потенцијално „волшебно стапче“ за да ја поттикне слабата економија на Европа.
Планот на ЕУ за вештачка интелигенција требаше да биде глобално претставен на дводневниот самит за акција за вештачка интелигенција што беше отворен завчера во Франција.
ЕУ има Закон за вештачка интелигенција што ограничува некои потенцијално ризични услуги за вештачка интелигенција. Неговите одредби ќе бидат спроведени во текот на следната година и половина. Додека ЕУ ги опишува правилата како обезбедување правна сигурност за неизвесна нова технологија, тоа е проблем за технолошките компании, кои тврдат дека таквите закони само ги попречуваат европските амбиции за вештачка интелигенција.

Определбата за иновации започнува од врвот

Сега мора да ги фокусираме нашите напори да станеме глобален лидер во иновациите со вештачка интелигенција, истакна претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, при што таа задача му беше доверена на новиот технолошки шеф на Комисијата, Хена Виркунен од Финска.
Станува збор за тежок предизвик. САД се дом на повеќето водечки провајдери на модели со вештачка интелигенција, како што се серијата ГПТ на „Опен АИ“ и Џемини на „Гугл“. Исто така се домаќин на најголемите светски клауд-провајдери – „Амазон“, „Мајкрософт“ и „Гугл“, како и на гигантот за чипови со вештачка интелигенција „Енвидија“. Одредени американски технолошки компании велат дека регулативата на ЕУ е кочница за потенцијалните инвестиции.
Европските бизниси, пак, беа многу бавни во користењето на технологијата, при што само 13 проценти од нив имаат усвоено вештачка интелигенција. А ЕУ сега се обидува да ја поправи состојбата со инвестиција од 1,5 милијарда евра во седум суперкомпјутери оптимизирани за вештачка интелигенција Суперкомпјутерите треба да им помогнат на европските стартапи со вештачка интелигенција да ги обучуваат ривалите на ЧетГПТ. Р.С.


Макрон иницира инвестиции од 109 милијарди евра во вештачка интелигенција

Франција ќе објави инвестиции од приватниот сектор во вкупна вредност од околу 109 милијарди евра во својот сектор за вештачка интелигенција за време на самитот во Париз за вештачка интелигенција што беше отворен завчера, според најавите на францускиот претседател Емануел Макрон.
Финансирањето вклучува планови на канадската инвестициска компанија „Брукфилд“ да инвестира 20 милијарди евра во проекти за вештачка интелигенција во Франција и финансирање од Обединетите Арапски Емирати, кое би можело да достигне 50 милијарди евра во наредните години, соопшти кабинетот на Макрон. Р.С.