Европа очајнички бара начини за финансирање на своите воено-одбранбени потреби бидејќи војната во Украина влегува во својата четврта година, а претседателот на САД, Доналд Трамп, бара зголемување на трошоците за одбрана на пет отсто од бруто-домашниот производ
ЕУ влезе во правни и финансиски калкулации за да почне да ги зголемува воените трошоци
Членките на Европската Унија ќе можат да ги зголемат воените трошоци без да ги прекршат буџетските правила на Унијата, според плановите за проширување на она што може да се оквалификува како „одбранбена инвестиција“. Трошоците за воен персонал и одржување на опремата, кои во моментов се вбројуваат во бројките за дефицитот на една земја, кои се строго контролирани од Европската комисија, ќе може да се земат предвид заедно со основните трошоци за одбрана, изјавија за „Политико“ три извора од националните влади и еден од ЕУ.
Европа очајнички бара начини за финансирање на своите воено-одбранбени потреби бидејќи војната во Украина влегува во својата четврта година, а претседателот на САД, Доналд Трамп, бара зголемување на трошоците за одбрана на пет отсто од бруто-домашниот производ.
Правилата за трошење на ЕУ имаат цел да ги задржат националните буџетски дефицити, износот што владите го трошат во однос на она што го внесуваат во ЕУ, на помалку од три проценти од големината на економијата, а јавниот долг не повеќе од 60 проценти. Но на земјите може да им се даде повеќе време да стигнат до овие нивоа доколку инвестираат во одбраната. Тие исто така можат да избегнат казнена мерка, позната како процедура за прекумерен дефицит, ако нивните дополнителни трошоци се поврзани со одбраната.
Можно олеснување за земјите со пренатрупани буџети
Предложената поширока дефиниција, која сè уште е само опција што се разгледува, ќе биде олеснување за земјите со пренатрупани буџети, како што е Италија со планината за долг или вечно претрошената Франција, и владите како Полска, која е под мониторинг на Комисијата за прекумерен дефицит и покрај големите трошоци за одбрана.
Планот е да се вклучат во дефиницијата „сите зголемени инвестиции како работна сила или одржување нова опрема, не само набавки на опрема“, информира еден од изворите на „Политико“.
Проширувањето на дефиницијата за трошоците за одбрана е втор дел од „вонредните мерки“ за зајакнување на воениот капацитет на блокот што претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, ги изнесе на нејзиниот состанок со лидерите на ЕУ во понеделникот.
Првата е вонредна клаузула што земјите би можеле да ја активираат во случај на настани надвор од нивна контрола, што ќе им овозможи да отстапат од претходно договорените фискални патишта. Фискално конзервативните држави предводени од Германија се спротивставија на оваа опција за време на состанокот на шефовите на државните финансии на ЕУ неделава.
Сепак, постои постојана загриженост дека самото проширување на дефиницијата за одбрана нема да биде доволно за високозадолжените влади како Италија, Шпанија и Франција да ги зголемат буџетите за одбрана без да прават кратења на друго место. Релативно наскоро треба да се донесе одлука за опциите што се разгледуваат.
Креативни решенија наспроти отпорот од Германија
Земајќи ги предвид минатите финансиски кризи, Комисијата ги смета за „свети“ нејзините реформирани фискални правила, кои стапија во сила пред една година, а кои беа означени како премногу строги од земјите како Италија и Полска. Но исто така се обидува да најде креативни решенија за да овозможи поголема флексибилност.
Официјални лица од европските министерства за финансии веќе некое време соработуваат со економскиот оддел на Комисијата за ова прашање, изјавија неколку дипломати на ЕУ за „Политико“. Сепак, иако предлогот ризикува да отвори дебата за тоа какви одбранбени инвестиции му се потребни на блокот, тој исто така се смета за една од ретките остварливи опции за преклопување на целите на ЕУ.
Висок дипломат на ЕУ рече дека тоа е начин да им се даде „олеснување“ на другите земји наспроти отпорот на Германија за покреативни патишта за зголемување на трошоците за одбрана на ЕУ, мислејќи на противењето на германскиот канцелар Олаф Шолц за издавање еврообврзници за одбрана.
Земјите од Источна и Јужна Европа, плус Франција, „можат да работат“ за да ги поддржат промените што Комисијата ги разгледува,
– Источните земји нагласуваат колку е важна подготвеноста, а тоа значи трошоци за транспорт на војници и подготвеност за воена мобилизација – заклучува дипломатот. Р.С.