Коњи

Тие луѓе живееја северно од Империјата, во непристапна природа со густи четинарски шуми и брзи планински реки, кои заедно со студот со векови им ги штитеа јазикот и обичаите. Нивните натпеви звучат древно, диво, оттаму и нивната популарност во современата world music.
Историчарите денес го означуваат нивното тогашно социјално уредување како „повисок степен на варварство“, со извесна мала нелагодност, зашто тој народ сега живее во современа уредена држава, со висока демократска и еколошка свест.
Човекот што треба да го интервјуирам е токму потомок на тој див северен народ, помисли новинарката додека авионот на компанијата Leprechaunair со амблем на виножито на опашката вешто се спушташе по пистата на престолничкиот аеродром. За време на двочасовниот лет, кој помина лесно, отчука на лаптопот неколку забелешки за потсетување за интервјуто од типот: „спротивни географии – иако навидум фиксни, границите остануваат флуидни, една постојано лиминална категорија“, „природата како мотив и мизансцена на вашите платна, наспроти климатската криза, експанзијата на капиталот и насилството врз природата“ и слично.
Се договорија да ја дочека кај airport arrivals, воопшто не му беше потребен чадор во раката како знак на препознавање, па тој е свесен дека е еден од најпознатите современи визуелни уметници, ама сака да си игра, си рече додека со насмевка и куфер на тркалца се наближуваше до крупниот маж со сива волнена капа. Сепак замавта со дамското чадорче во едната рака (со другата го влечеше куферот), иако ѝ беше јасно дека и тој ја препозна.
– Добре дојдовте! – ја поздрави можеби премногу срдечно за прва средба во живо: – Дајте ми го куферот… Она со чадорите… денес тука сите ги носат, надвор по цел ден врне.
Беа договорени двата дена додека го прави интервјуто таа да престојува во „удобната куќичка за гости“ што, ѝ ја покажа преку Ватсап, изгледаше како добро опремен бунгалов во дворот веднаш до неговата куќа во која живееше со жена му и ќерката.
На периферијата на градот, од едната и другата страна на патот што водеше до неговата куќа растеа иглолисни дрвја, некои закривени веројатно поради ветрот што, како што се информираше, умееше да задува во оваа северна земја. Дождот и натаму паѓаше додека бришачите на шофершајбната на неговиот мини-морис налегнуваа десно-лево.
– Еве, стигнавме – го запре автомобилот пред влезот на камената еднокатна куќа, подзатскриена од високите, се подразбира зимзелени, дрвја. Освен уредно поткастрената жива ограда, дворот не покажуваше особено внимание од страна на сопственикот – по тревата беа расфрлени иглички, шишарки и неколку гранки паднати од ветрот.
Двете жени што ги пречекаа си личеа една на друга, со не многу средени темноруси коси, низ чии кадрици ѕиркаа начулените уши. Се претставија – постарата, сопругата Астрид и помладата, ќерката Лена. Откако ја сместија во „куќичката за гости“, која дури имаше и малечка тераса (сончева, кога е сончево, весело дофрли ќерката), ја повикаа да оди кај нив на вечера (повеќе закуска… за час и половина, да имате време да си прездивнете од патот, со насмевка ѝ предложи жената).

Час и половина беа доволни
Седнаа на тркалезната маса од темно дрво. Лена ги послужи со филети харинга завиткани во фолија, кисели краставички со свеж копер и дебели кришки препечен леб. – Сметајте ја оваа вечера за сендвич – рече сликарот, стави филет и неколку краставички меѓу двете кришки, па ги загриза. Потоа, налеа во кристалните чаши лесно бело вино: – Суво вино оди со мрсна риба.
Сендвичот беше вкусен, иако мирисот на рибата ѝ беше прејак, но тоа е, си помисли, кога се лови од море, а не од рибник. Виното навистина добро се согласуваше со храната, а и ја потпомогна опуштеноста на разговорот, што го скуси и така малото растојание меѓу соговорниците. Во шареноликиот, гласен муабет, сликарот, подголтнувајќи од виното, вметна приказна што ќерка му и жена му веќе ја знаеја и ја поткрепуваа со „точно, така беше“ или „неверојатно, ама вистина“: – Ќе ви раскажам нешто што ми се случи одамна, тогаш ќерка ми имаше пет години. Живеевме во двособен стан, штафелајот го стуткав во дневната, која истовремено ни беше трпезарија. По повод моите први самостојни изложби ќе излезеше позитивна критика во локалниот весник, но јас бев речиси непознат сликар. Ќе продадев, по скромна цена, понекое од платната, што не беше доволно ни да се издржи до крајот на месецот, жена ми уште не работеше, а за малку да ја поправам финансиската ситуација, дури разнесував млеко по градот. Да, да, разнесувач на млеко, иако понекогаш, во зима, беше незгодно на оваа наша мразна температура, на -15 и пониско, но кога се враќав смрзнат дома, веднаш, со шолја топло кафе или чај, ќе почнев да сликам.
– Останавте доследен на својот уметнички порив.
– Па, да. Иако навистина живеевме сиромашно, не сакав да правам компромиси. Избегнував нарачки. Но пред една Нова година, ќерка ми Лена посака Дедо Мраз да ѝ донесе скии. А пари никаде.
– И?
– И баш тогаш ми стигна најтривијалната можна нарачка, од еден збогатен индустријалец со апарати за домаќинство. Односно од жена му. Посакала да ѝ насликам коњ во галоп.
– Прифативте?
– Се мислев, ама надоместокот беше пристоен, а половината ми ја дадоа веднаш, сосем доволно за скиите на Лена. И беше без краен рок, значи имав колку што ми е потребно време за да ја завршам сликата. Што можев друго, прифатив. Купив метар и пол платно, почнав да ги подготвувам површината и текстурата за подлога.
– И почнавте да сликате?
– Не баш. Коњите никако не ми доаѓаа. Истражував нивни фотографии, цртежи, ги анализирав нивните пропорции, анатомија, став, движења… Но ништо од тоа не ме мотивираше да ја почнам сликата. Ми доаѓаше да кренам раце и да ја откажам нарачката… Една вечер се симнав да си купам цигари, од бензинската преку булеварот, зад зградата во која живеев. Како што ви реков, беше зима, веќе стемнето и обвиено со магла, толку густа што колите на паркингот едвај се распознаваа. Решив да пресечам преку тревникот за да излезам на булеварот… – тука сликарот намерно запре неколку секунди.
„Сега следува поентата“, помисли таа, сепак не можејќи да ја скрие возбудата при исчекувањето.

– Само што направив неколку чекори по тревникот, кога пред мене од маглата се појави најголемиот коњ што сум го сретнал. Бела кобила! Кога ме виде, зафрчи, се стресе, се поткрена на задните нозе и кога почувствува дека не претставувам опасност, мирно продолжи низ тревникот исчезнувајќи во маглата. Се вратив дома и веднаш ја поставив композицијата со кобилата. Потоа додадов сугестија за урбана населба во заднината. Седам, конечно задоволен, и го гледам сработеното. Во тој момент дојде Лена и седна до мене. Гледавме така заедно и ја прашав како ѝ се допаѓа сликата, дали нешто ѝ фали? Ми вели, уште две мали кончиња назад. Ги замислив, станав и ја завршив сликата. Ја потсредував уште неколку дена, но таа веќе беше готова. И така чесно ги заработив парите, Лена доби скии, а мене веќе следната година ми тргна кариерата – се насмеа и – Скоал! – гласно ѝ наздрави.
Утредента, таа се разбуди со некое опуштено чувство на заситеност, кое инаку не ѝ беше својствено при нејзините утрински станувања. Остана да лежи во постелата мрдајќи ги под јорганот прстите на стапалата. Потоа, со за неа невообичаена бавност, долго, долго се тушираше во бањата, од чиј прозорец се гледаше како ветрот го ниша високото стебло на борот во дворот, но внатре, завиткана со пешкир по закрепнувачкото бањање, се чувствуваше чисто и затоплено.
Ги прочита на лаптопот прашањата што ги подготви. Почнуваше со: „Дали вашите дела би можеле да се поврзат со социјално-историскиот и визуелниот континуитет на просторот во кој живеете и создавате? Како од стварноста, од објективното, создавате субјективно доживување, вие како автор, а потоа пренесувајќи ѝ го на публиката?“
Натегнато, помисли… и го избриша сите подготвени прашања.