Турбулентниот вител на Голдман

Рецензија

Ако во последните два текста се осврнував на екранизации на истоимени книги, денешниот осврт е посветен на автентичен случај во Франција. Станува збор за „Случајот Голдман“, кој ја потресе тамошната јавност во 1970-тите години. Секое судење со нетрпение се очекуваше, со еднаков жар како што се следи фудбалски натпревар на својата репрезентација. Овој случај јавно го поддржаа еминентни имиња од светот на филмот, како Симон Сињоре и филозофот Жан Пол Сартр.
Голдман беше истакнат левичар, полски Eвреин роден во Франција. Самиот наслов на филмот го потенцира хронолошкото дејство на кое треба да обрнеме внимание. Во 1970 година Голдман е обвинет за четири оружени напади, во кои жртви се две аптекарки. Тој е осуден на доживотен затвор, но иако не чувствува вина за настанот, тој храбро ги признава преостанатите дела. Во 1975 година ја објавува книгата во облик на молба што ја пишува додека престојува во затворот („Мрачните сеќавања на полскиот Евреин роден во Франција“). Кога станува збор за француската кинематографија, таа не би можела да се пофали со некој значаен опус на судски драми како што се американските („12 гневни луѓе“, „Обвинет сведок“, „Анатомија на едно убиство“). Еден од ретките француски класици со слична тематика е „Вистина“, во насловните улоги со раскошната убавица Брижит Бардо и Семи Фреј, а режијата е во рацете на култниот волшебник Анри Клузо. Рака на срце, овој жанр во последно време како да доживува ренесанса со филмовите „Барајќи ја правдата“, „Чикашка седмица“, „Судење за бунт на бродот Кејн“ (последниот филм на Фридкин), па затоа не случајно француските синеасти одлучија да не ја заобиколуваат фабулата на судските процеси.
Неодамна имавме убава можност во Кинотеката на Македонија да го погледнеме одличниот „Светиот Омер“ (2022) на Алис Диоп, а во исто време во 2023 година се појавија и „Анатомија на падoт“ на Жастин Трие и веќе спомнатиот „Случајот Голдман“ на Седрик Кан. Главната улога му е доверена на Арие Вортхалере („Девојка“ и „Црни денови во Париз“), кој го толкува Голдман, иако не сум баш сигурен за правиот избор, тој сепак ја освои највисоката филмска награда во Франција, „цезар“. Вистина е дека вехаментно се спротивставува на корумпираната жандармериска толпа, која на доселениците гледа со расистички предрасуди и жолчна омраза.

Којзнае, можеби тоа е и поентата на авторот – кај гледачот да создаде чувства на нетрпелива одвратност, да го замрзи главниот лик. Артур Харари рефлектира извонредна харизматична аура во улогата на судскиот застапник Клејман, кај кого се насетува ехото на времето. Своевремено со одличен перформанс нѐ удостои срцекршачот Грегори Пек во „Случајот Парадин“ на Хичкок, покрај италијанската дива Алида Вали. Страсните филмофили ќе го препознаат Харари како косценарист со Жастин Трие („Анатомија на падот“), за кој беше награден со „оскар“. Незаобиколна е сцената при судењето кога Клејман погледнува кон главниот обвинител Гаро, кој во раката држи купче листови со казнени поени за Голдман. Во динамичниот ритам на музиката во еден момент камерата го прикажува Гаро, а во долниот дел белите листови како „пливаат“. Се прашуваме дали Кан сакал да ја прикаже тежината на „брановите“, кои претстојат во случајот или тоа е само режисерска случајност? Гледачот има впечаток како вистински да присуствува на самото судење во реално време додека трае филмот, цели два часа. Тоа е заслуга на режисерската прецизност на водењето на оваа тензична докудрама, за која повеќето луѓе и воопшто немаат слушнато.
Па така, можеме да заклучиме дека жанрот судска драма доби еден од најдобрите егземплари со „Случајот Голдман“, кој ги освои симпатиите на критичарската фела на филмската кроазета во Кан.