Бугарија очекува приход од 500 милиони евра од воената помош за Украина во изминатите три години, откако најголемите донатори на Киев се согласија великодушно да ја обесштетат Софија, пишува „Еурактив“

Бугарија профитира екстра од својата „воена помош“ за Украина

Приходите се особено важни за Бугарија, која се обидува да го намали својот дефицит на три отсто од БДП за да ѝ се приклучи на еврозоната на 1 јануари 2026 година. Остварениот профит од воената помош на Бугарија за Украина влегува секако во тој пакет „важни приходи за Бугарија“.
Владата во Софија објави дека добила 174 милиони евра од Данска како дел од двата договора за испраќање воена помош за Украина, што ќе го надомести буџетскиот дефицит на земјата.
Властите во Софија очекуваат најмалку уште 300 милиони евра од САД и од Европската комисија како компензација за испраќање државна воена опрема во Киев.
– Со помагање на Украина, ние всушност си помагаме себеси – рече министерот за одбрана Атанас Запријанов.
Бугарија ја испраќа својата стара воена опрема, произведена по советски стандарди, во Украина, а со парите што ги добива од сојузниците на НАТО и ЕУ може да инвестира во набавка на ново западно оружје.
– Воената помош што ја даваме повеќе не е неопходна за бугарската армија. Испраќаме сè што не е вклучено во опремата на армијата за мир и воени времиња – рече министерот.
Тој истакна дека Бугарија досега испратила шест пакети со воена помош за Украина, вклучувајќи и муниција, оклопни возила и нефункционални ракети за противвоздушна одбрана за да се користат како резервни делови. Владата во Софија чува во тајност што точно се испраќа во Киев, но се знае дека главната помош е муниција, како и ракети за клучните ракетни системи за противвоздушна одбрана С-300. Во 2024 година Бугарија испрати 150 оклопни возила и самоодни хаубици „гвоздика“ од советско производство.
Бугарија е еден од најголемите сопственици и производители на опрема од советски стил потребна на украинската армија. И додека бугарските воени фабрики постепено почнуваат да произведуваат муниција според стандардите на НАТО, големи делови од индустријата сè уште произведува оружје од советски стил, кое се извезува во Азија, Африка, Блискиот Исток и во последните три години главно во Украина. Податоците за 2023 година покажуваат дека воените фабрики и трговците со оружје во земјата имаат обрт од 3,2 милијарди евра, што ја прави Бугарија среден извозник на оружје според светските стандарди.
И покрај придобивките за бугарската армија, која добива добри пари за старо оружје, одредени носители на високи државни функции во Бугарија, како и некои политички партии и движења, и понатаму се против давањето на „воената помош за Украина“. Најгласни противници се претседателот Румен Радев, проруската Бугарска социјалистичка партија, која е дел од владејачката коалиција, и партијата Вазраждане.
Бугарија добива неколку стотици милиони за „старо ’рѓосано оружје“, коментира Ивајло Мирчев, пратеник од проевропската партија Демократска Бугарија. Р.С.