Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бугарија потсетува дека вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на С. Македонија не е билатерален проблем, туку услов на Брисел за Скопје, наведува бриселскиот портал „Еурактив“

Новата бугарска влада соопшти дека одбива да преговара со Македонија за олабавување на условите под кои Скопје може да ги започне преговорите за членство во ЕУ, наведува бриселскиот портал „Еурактив“, посочувајќи и оти првите сигнали од бугарска страна се дека нема да има обнова на дијалогот.
– Бугарија потсетува дека вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на С. Македонија не е билатерален проблем, туку услов на Брисел за Скопје – наведува порталот.
„Еурактив“ се повикува и на изјава на неименуван бугарски министер, кој кажал дека Бугарија останува „исклучително доследна“ на својата политика кон Западен Балкан и на европската интеграција на сите земји од регионот.
– Постои европски консензус, кој во Бугарија е познат како „францускиот предлог“, што строго ќе се следи. Тоа што е постигнато како договор не е билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, тоа е меѓу Брисел и нашите соседи од РС Македонија – вели министерот.
Од друга страна, според „Еурактив“, македонската влада продолжува да инсистира уставните измени да бидат усвоени сега, но да стапат во сила по влезот на Македонија во ЕУ, за да се спречи ризикот Бугарија да стави ново вето по други основи. „Еурактив“ ја пренесува и изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека се чека на избор на редовна влада во Софија за да почнат преговори за укинување на бугарското вето.
– Во минатото веќе имавме средби со бугарското раководство на највисоко ниво и со нивниот тогашен привремен премиер. Очекувам дека во следниот период ќе има средби со бугарската влада на различни нивоа и тоа не треба да нѐ чуди. Ниту ние ќе исчезнеме ниту тие ќе исчезнат, ние сепак ќе бидеме соседи. Треба да изградиме добрососедски односи, но тоа не значи дека се согласуваме за некои теми за кои имаме разлики – пренесува „Еурактив“ изјава на премиерот Мицкоски.
– Пред три години, Бугарија и С. Македонија постигнаа договор со посредство на Франција за меѓусебни отстапки за деблокирање на процесот за европска интеграција на Западен Балкан. Владата во Скопје се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот устав, а властите во Софија ветија дека ќе го укинат ветото за почеток на преговорите со С. Македонија – се потсетува во написот на „Еурактив“, при што се посочува и дека новата македонска влада предводена од Христијан Мицкоски ветила дека „нема да направи отстапки кон Софија“. Н.М.