Идејата на Трамп за ставање крај на конфликтот се заснова на ставот дека „Киев ќе мора да се откаже од териториите што се запоседнати од Русија“! Второ, дека треба „да се замрзне овој конфликт и да се спречи Украина да му се приклучи на НАТО на долг рок (за период меѓу 10 и 20 години)“
Идејата на претседателот на Русија, пак, е дека „новата реалност треба да вклучи руска анексија на четири нови украински региони на југоистокот на земјата“ (статусот на Крим, Москва одамна го смета за апсолвирано прашање). Потоа, „новата реалност да вклучи неутрален воен статус на Украина, почитување на правата на населението што зборува руски и Украинската православна црква да биде под Московската патријаршија“…
Разговорите меѓу Москва и Вашингтон се во тек и почнаа да се засилуваат. Ова го потврдија за јавноста и портпаролот на Путин на конференција за медиумите минатата недела, но и претседателот на САД, Доналд Трамп, во одделни изјави за јавноста.
– Навистина има контакти меѓу одделни ресори и тие неодамна се интензивираа. Но, не можам да ви кажам други детали, нема што друго да се каже – им рече Песков на новинарите на прашањето за изјавата на Трамп дека Вашингтон води активни преговори за војната во Украина и со Киев и со Москва.
Трамп исто така деновиве изјави: „Зборуваме… веќе разговараме“, без да прецизира за што точно се работи и кој од неговиот тим учествува во разговорите со Москва, додека на прашањето дали тој лично разговарал со Путин, тој беше многу критичен, велејќи: „Не сакам да го кажам тоа, водиме многу сериозни разговори за таа војна. Се обидуваме да ставиме крај на тоа“.
Потсетување на доскорешните ставови на Трамп и Путин за ставање крај на војната во Украина
Идејата на Трамп за ставање крај на конфликтот се заснова на неговиот став дека „Киев ќе мора да се откаже од териториите што се запоседнати од Русија“! Второ, дека треба „да се замрзне овој конфликт и да се спречи Украина да му се приклучи на НАТО на долг рок (за период помеѓу 10 и 20 години)“.
Но по излегувањето на овие ставови на Трамп во јавноста, Москва одговори дека тоа (особено вториот став) за неа е неприфатливо, бидејќи смета дека „замрзнувањето на војната ќе ѝ овозможи на Украина дополнително да се вооружи и на крајот да започне операција за враќање на изгубените територии, а непотребно е да се зборува за можните изгледи за евентуално нејзино приклучување во НАТО и што мисли за тоа руското државно раководство, кое војуваше пред сѐ поради таа причина“.
Имено, уште минатата година, Кремљ јасно ги формулираше своите услови. Нив ги прочита рускиот претседател во својот говор пред руските дипломати во руското Министерство за надворешни работи (јуни 2024 година).
– Новата реалност треба да вклучи руска анексија на четири нови украински региони на југоистокот на земјата (статусот на Крим, Москва одамна го смета за апсолвирано прашање). Потоа, новата реалност вклучува неутрален воен статус на Украина, почитување на правата на населението што зборува руски и Украинската православна црква да биде под Московската патријаршија – беше истакнато во споменатиот говор во руското МНР.
Токму таму беше споменато и дека како база за преговорите за прекин на огнот во Украина треба да послужат „прелиминарните договори што руската и украинската делегација веќе ги договориле на преговорите во Истанбул во април 2022 година – како основа од која ќе почнат во идните преговори“.
Дали навистина има топло-ладни односи на релацијата Трамп-Путин или западните медиуми го минираат отворениот канал за комуникација
Како што пишува американскиот медиум „Ен-би-си њуз“ во средата, на 5 февруари, во напис на Питер Николас, Ден де Лука и Кетрин Дојл, односите меѓу Трамп и Путин во последно време „забележително се влошиле“… „иако Трамп допрва треба да открие до кој степен ќе изврши притисок врз Русија да ја прекине болната војна со Украина“.
Или, пак, написот во истиот медиум дека „од преземањето на функцијата, Трамп престанал да зборува афирмативно за претседателот на Русија. (Претходно, за потсетување, во една пригода Трамп го нарече Путин „стратегиски гениј“ и дека има „паметни идеи“ на глобален план).
Либерално насочените медиуми забележително ја акцентираат „реторичката промена“ на американскиот претседател Трамп, па дури во повеќето од тие медиуми се фали една изјава на Трамп во која тој прозвучи и заканувачки кога истакна дека „Путин мора да направи договор или ќе ја уништи Русија“, која е „во голема неволја“.
Сепак, не е сѐ баш како што наведува споменатиот американски медиум. Други медиуми коментираат дека за таквите топло-ладни изјави за Русија, „Трамп мора да ја земе предвид и американската јавност, каде што не смее да покажува слабости, како нов лидер“.
– Трамп ќе се потруди да го претстави секој можен договор со Путин и како свој и како успех или победа на Америка – пишуваат медиумите, при што анализираат дека „Трамп многу добро знае дека неговата стратегија за „максимален притисок“ не може да се примени врз Путин (кој многу добро ја знае играта) како на пример, начинот на кој Трамп се справи со колумбискиот или со панамскиот претседател деновиве“.
– Така не функционираат работите меѓу воените и нуклеарните суперсили. Трамп, како искусен бизнисмен, знае дека ќе мора да прави бизнис со Путин (како и со претседателот на која било голема и ривалска компанија кога е во прашање бизнисот). Со други зборови, тој знае дека ќе мора да му даде нешто на Путин бидејќи во случај на договор, сѐ ќе биде за компромиси. Без нив никогаш не може да има никаков договор – се пишува во анализите на овие медиуми (наспроти либерално-ориентираните). Во статиите провејува оптимизам за скорешна средба и договор за ставање крај на војната во Украина.
Релации Москва-Брисел
Претседателот на Русија во повеќе наврати изрази согласност за ставање крај на војната во Украина, но во секои од тие негови настапи ги потенцираше условите што ги бара Москва, бидејќи, како што се анализира во јавноста, „без постигнатите услови од страна на Москва, руската јавност ќе го означи Путин како губитник и оној за чија војна Русија плати превисока цена“.
Според анализата на „Геополитика“, за издвојување е нивното мислење дека претседателот на Русија „би можел да се откаже од барањето за договор за меѓусебните безбедносни гаранции меѓу Русија и НАТО“. Тоа, според аналитичарот Зоран Метер, „ќе значи дека Европа, поточно Европската Унија, ќе мора да се впушти во сеопфатна милитаризација и создавање одбранбен бедем против Русија, бесмислена трка во вооружување и сѐ што оди со неа! Се разбира, НАТО и ЕУ нема да преземат никакви ризични потези, кои би довеле до некаков конфликт“, анализира тој, додавајќи дека „ова сценарио е видливо од последните изјави на лидерите на ЕУ, како на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, така и на првата дипломатка на ЕУ, Каја Калас.
– ЕУ ќе се согласи да биде вазал на Трамп, иако нејзиното раководство во Брисел (како и во речиси сите престолнини на земјите членки) силно му се спротивстави на Трамп и отворено го поддржа Џо Бајден, а подоцна и Камала Харис на изборите во САД. ЕУ ќе купува уште повеќе американско оружје и американски енергетски производи. ЕУ ќе преземе улога на „дежурен полицаец“ во однос на идните потези на Москва откако ќе се постигне договор за Украина. Путин би ја прифатил оваа улога на ЕУ и НАТО, т.е. да се признае дека долгорочното стабилизирање на односите меѓу Русија и ЕУ ќе биде возможно до степен до кој Вашингтон (Трамп), кој станува вистински господар на ЕУ, ќе дозволи. Сепак, Путин може да добие многу повеќе од Трамп отколку долгорочната загуба на Европа за која руската јавност веќе е подготвена – како што се укинувањето одредени строги санкции, кои се исто така штетни за Западот, одмрзнувањето на замрзнатите руски државни средства, неврзаниот статус на „остатокот“ на Украина и неговото „преобликување“ на интересот на американско-руската сфера, се вели во анализата на „Геополитика“.
Сепак, големите сили ќе решаваат за Украина
За издвојување е дека извесно време некои украински и некои американски медиуми пишуваат и за наводниот разговор Трамп-Путин, според кој, „Володимир Зеленски мора да одржи избори во Украина“… како и тоа дека „Трамп отворено изјави пред новинарите и телевизиските камери во Белата куќа дека какви било американски безбедносни гаранции за Украина мора да бидат поткрепени со гаранциите на Киев дека САД ќе добијат право на украински концесии, бидејќи таа земја е богата со ретки метали, меѓу другото со литиум“.
– Како што напишав одамна во моите анализи непосредно по почетокот на руската инвазија – најголемиот губитник во оваа војна ќе бидат (и веќе се) Украина и украинскиот народ, бидејќи нуклеарните суперсили не можат да бидат поразени во војните што ги прогласуваат за егзистенцијални. Напишав тогаш, и сè уште стојам на тоа, дека украинските елити направија огромни стратегиски грешки со тоа што не спречија земјата да биде вовлечена во конфликт со голем и моќен источен сосед со кој имаа длабоки историски врски – конфликт до кој води сè, но дефинитивно можеше и требаше да се избегне. (Трамп постојано повторува дека немаше да има војна ако тој беше претседател наместо Бајден.) Украинците сега веќе не одлучуваат за ништо клучно за иднината на државата, бидејќи стратегиските грешки станаа непоправливи. Нивните целосни последици најдобро ќе се видат дури откако ќе се постигне траен мир. Се разбира, ако воопшто дојде до тој мир, бидејќи и покрај сѐ, кога се во прашање американско-руските односи, ништо не е и не може да биде сигурно. Тие се оние што натаму ќе бидат клучни да го одредат обликот на идниот свет – анализира Зоран Метер во статијата објавена во „Геополитика“. Р.С.