Фото: Фејсбук/СДСМ

Активни мерки како и соработка со албанската Влада за подобрување на состојбата и зачувување на идентитетот на македонското малцинство во Албанија, најави заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски на денешната средба во Корча организирана од партијата на Македонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

-Знаете, основа е економската ситуација. Ако нашинците, Македонците во Албанија имаат добра економска ситуација нема да земаат бугарски пасоши и да се иселуваат надвор. Ние мораме да работиме и со албанската Влада, што е многу важно, да инвестира во овој регион. Инфраструктурно, во проекти за вработување, да се градат погони – вели заменик министерот Димитровски.

Љуфтим Спахиу, вршител на должност македонски амбасадор во Албанија, на средбата во Корча порача дека ако, до вчера говоревме дека основните човеков права, треба да важат и за „нашинците“ во другите региони а не само во регионот на Мала Преспа, денес говориме дека нашинците се соочуваат со притисоци и закани од една многу агресивна политика, а тоа е политика за асимилација.

-За оваа агресивна политика, Амбасадата во Тирана во минатото, секојдневно известуваше и предлагаше мерки за натамошно делување, со цел спречување на активностите на бугарските емисари. Одржани се средби со албанските институции, од Министерството за Европа и надворешни работи (МЕНР), Институтот за статистика (ИНСТАТ), МВР….и во соработка со МАЕИ и лидерот Васил Стерјовски, се издејствува апсење и притворање на неколку општински службеници во Албанија – рече Спахиу.

Според него преку 400 страници материјали се доставени до македонските институциите, остварени се десетици состаноци со албанските институции, десетици медиумски реакции на МАЕИ, но сето тоа, како што рече, не вродило со посакуваниот резултат.

-Апсењето на општинските службеници е без епилог, резултатите на пописот се разочарувачки, а иднината на нашинците е непредвидлива. Како македонско – дипломатско претставништво, во текот на месец февруари, планираме да ги повториме иницијативите за отворање на Генерален конзулат во Корча и заокружување на барањата за државјанства на припадниците на македонското национално малцинство од Албанија – најави Спахиу.

На средбата на која присуствуваа претставници на макеонските парламенатрни партии, како претставник од владеачаката ВМРО-ДПМНЕ во Корча беше пратеничката Лидија Петровска.

-Горда сум што од другата страна на границата имаме луѓе што достоинсвтено и гордо се борат за зачувување на сопствениот национален идентитет, за македонскиот јазик, македонската култура и македонската традиција. Ние како држава ќе сториме се за да бидеме нивна поддршка на патот кон зачувување на своето достоинство – вели Петровска.

На средбата во Корча присуствуваше и потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, кој кажа дека кога партијата беше на власт силно ги поддржуваше Македонците во соседна Албанија, но и сега во опозиција им даваат поддршка, бидејќи грижата за нашинците во дијаспората е основа за негување на македонското културно и историско наследство, јазик и идентитет – истакна Илиевски.

-Со поддршка успеавме македонскиот јазик да се воведе на неколку универзитети во Албанија, се обезбедија учебници на македонски јазик и за прв пат успеавме да вратиме 20 украдени икони од македонските цркви. Реагиравме и за пописот во Албанија, кој за жал не ја отсликува соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата. И како опозиција СДСМ силно ги поддржува и ќе продолжи да работи и да делува во нивни интерес и да се спротивствуваме на какви било обиди за асимилација – рече Илиевски во изјава за медиумите.

Лидерот на Левица Димитар Апасиев во изјава за медиумите пак, изјави дека македонскиот Парламент е вистинското место за вакви средби и разговори.

-Наместо да се собираме вака по хотели, тоа да биде македонскиот Парламент каде што претставници од сите македонски партии ќе бидат вклучени. Но, имаме идеја да ги вклучиме и претставниците на албанското малцинство во Македонија – вели Апасиев.

Предлог-стратегија за заштита на македонското национално малцинство во Албанија, беше презентирана на денешната средба во Корча, организирана од македонската партија, МАЕИ, со претставници на македонските парламентарни партии, која, како што сe наведува, има за цел да дефинира долгорочни мерки и активности за поддршка на македонското национално малцинство во Албанија преку институционални, дипломатски, културни и економски механизми.

-Македонското национално малцинство во Албанија е составен дел од македонскиот народ, со трајни историски, културни и духовни врски со својата матична држава. Зајакнувањето на неговата положба, правата и културниот развој е од стратешко значење за Македонија, со оглед на нејзините обврски како матична држава и согласно меѓународните универзални стандарди за заштита на националните малцинства – рече партискиот лидер Васил Стерјовски, при презентацијата на стратегијата и барањето поддршка за неа.

Дел од барањата содржани во стратегијата се и „формирање на Совет за поддршка на македонското малцинство како тело во рамките на Владата на Македонија кое ќе ги координира активностите за заштита и унапредување на правата на Македонците во Албанија и создавање на Фонд за поддршка на македонските здруженија во Албанија – финансиска поддршка за организации кои работат на зачувување на македонскиот идентитет, култура и јазик.

Се оценува меѓу другото дека оваа предлог-стратегија треба да послужи како основа за изработка на долгорочен план, кој ќе вклучува годишни програми за заштита и унапредување на правата на македонското национално малцинство во Албанија.

-Нејзината реализација треба да започне со усвојување на обврзувачка декларација во Собранието на Република Македонија, по можност поддржана од сите политички партии. Доколку не се преземат итни и одлучни мерки, процесот на асимилација на Македонците во Албанија ќе продолжи со истата жестина како досега. Дополнително, бугаризацијата, која во последниот период се засили, ќе добие уште поголем замав, загрозувајќи го идентитетот и опстојувањето на македонската заедница во Албанија, се констатира во стратегијата.

Стратегијата, како што информираат од МАЕИ, на денешната средба во Корча ја поддржале сите претставници на парламентарните политички партии, ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ, Демократски сојуз и Левица. На средбата присуствуваа Лилјана Затуроска и Лидија Петковска од ВМРО ДПМНЕ, Методија Илиевски од СДСМ, Катерина Тодоровска од ЗНАМ, Димитар Апасиев од Левица, Зоран Димитровски и Зоран Петров од Демократскиот сојуз и Љуфтим Спахиу, вршител на должност македонски амбасадор во Албанија.

Од страна на МАЕИ присутни беа претставници од областите на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник, како и од градовите Корча, Подградец, Елбасан и Тирана.