Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) вчера објави дека „сите вработени и ангажирани во УСАИД ќе бидат ставени на административно отсуство низ светот, со исклучок на одреден персонал одговорен за клучните функции, клучните лидери и конкретно одредени програми“

Американската помош преку УСАИД и формалноправно суспендирана на глобално ниво

Деновиве во јавноста во Македонија се појави списокот на проекти финансирани од УСАИД. Некои од нив се завршени, но некои се во тек, со временска рамка за затворање на проектите најдоцна до 2028 година.

Кои субјекти се наведени како крајни корисници на помошта на УСАИД

Еден од пообемните проекти, кој е започнат во април 2024 година, а треба(ло) да се спроведува до април 2028 година, е „Граѓани против корупција“, со вредност на донацијата/странската помош од 4.798.478,07 американски долари.
Како крајни корисници на донацијата се наведени: Македонски центар за меѓународна соработка, со износ на доделени средства од проектот во висина од 1.751.209,17 американски долари; Здружение на граѓани Центар за граѓански комуникации ЦГК Скопје, со износ во висина од 512.102,14 американски долари; Институт за демократија СОЦИЕТАС ЦИВИЛИС – Скопје со износ на доделени средства од проектот во висина од 416.407,94 американски долари; Стопанска комора на Северна Македонија – 499.998,48 американски долари; здружение на граѓани Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ Скопје – 655.310,00 американски долари; друштво за аудио и видеопродукција 360 степени ДОО Скопје – 501.167,61 американски долари; здружение на граѓани Балканска истражувачка репортерска мрежа Скопје – 417.291,72 американски долари.
Но прв на листата на УСАИД од сиве овие години, од 2016 до денес, е проектот „Продукција на телевизиски програми ‘360 Степени вју’“, во вредност на донацијата од 1.444.270,00 американски долари, во периодот од 9 септември 2016 до 8 септември 2019, за кој како спроведувач (имплементаторот) на проектот е наведено Друштво за аудио и видеопродукција 360 Степени ДОО – Скопје, а одговорно лице за реализација на проектот е Васил Попетревски, како директор на друштвото.
Уште еден медиумски проект од тој период, 23 септември 2016 до 22 септември 2018 година, е „Топ тема на ваша страна“, во вредност на донацијата од 813.509,00 американски долари. Како спроведувачи на проектот се наведени ТВ Телма и Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС.
Меѓу поамбициозните, односно поскапите проекти поддржани од УСАИД е оној на УСАИД Македонија за граѓанско учество C-1676, со вредност на донацијата од 1.191.546,99 американски долари, спроведуван од 2016 до 2021, за кој како краен корисник се наведува Фондација отворено општество – Македонија (ФООМ), а за одговорно лице за реализација на проектот била определена Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка на Фондација отворено општество – Македонија (ФООМ), актуелна заменик-претседателка на партијата СДСМ.

„Проект за меѓуетничка интеграција на младите во образованието (МИМО)“, со вредност на донацијата 5.853.000,00 американски долари е исто така еден од проектите за кои УСАИД била подарежлива, а се спроведувал од април 2017 до април 2022. Краен корисник на донацијата бил МЦГО – Македонски центар за граѓанско образование, на кој одговорно лице за реализација на проектот била извршната директорка Лорета Георгиева.
Исто така, за издвојување е дека се замрзнуваат активностите на проектот „Младите активно создаваат можности (ЈАКО)“, со вредност на донацијата од 6.999.998,33 американски долари, кој започнал на 1 февруари 2023 година, а требало да заврши на 31 јануари 2028 година. Како спроведувач на проектот е наведен субјектот – Унапредување на економиите, за посилни заедници од САД, подружница Скопје.
Натаму, незавршен останува и проектот „Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите“, со вредност на странската помош од 6.428.379,00 американски долари, кој започнал на 25 јануари 2021, а предвиден бил за завршување на 24 јануари 2026. Спроведувачи (имплементатори) на проектот се: Кардно Емергинг Маркетс САД, Лтд, преку Кардно Емергинг Маркетс САД, Лтд – претставништво Скопје; Центар за развојни политики ИДЕАС ДеПо Скопје; друштво за услуги „Консалтинг за стратешки развој“ доо – Скопје; Центар за економски анализи Скопје Millennium Partners Consulting, LLC.
Според документите што беа достапни во јавноста, во период од четири години, повеќе од 500 милиони долари биле дадени на Косово, околу 400 милиони на Босна и Херцеговина, речиси 300 милиони долари на Македонија, повеќе од 200 милиони на Србија, повеќе од 180 милиони на Албанија и повеќе од 70 милиони за Црна Гора. П.Р.