Долгогодишната присутност на македонското друштво Илинден-Тирана во Федералната унија на европските националности и други меѓународни организации ја покажа потребата од назначување меѓународен координатор на македонското друштво Илинден-Тирана, што беше реализирано во 2023 година. Македонското друштво Илинден-Тирана за периодот од 16 години оствари безброј средби со многу државни институции во извршната и локалната власт, а соработката ја прошири со невладиниот сектор во земјата и во странство

Шеснаесет години постоење на македонското друштво Илинден-Тирана

На 6 февруари 2009 година беше формирано македонското друштво Илинден-Тирана, а годинава се навршуваат 16 години од неговото постоење и работа. Македонско друштво Илинден-Тирана е регистрирано во Основниот суд во Тирана, чија цел е заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет на македонското национално малцинство во Република Албанија. Македонското друштво Илинден-Тирана во овие 16 години им посвети посебно внимание на Македонците во областите Голо Брдо, Преспа, Гора и Врник.
Од особено значење за работата и информирањето за активностите на македонското друштво Илинден-Тирана е објавувањето на македонскиот весник „Илинден“, кој, покрај печатеното, има и електронско издание. Македонскиот весник „Илинден“ излезе на печатење во март 2011 година во Тирана и е единствен весник на Македонците во Република Албанија што излегува во печатна и електронска верзија. Македонскиот весник „Илинден“ е стандардизиран според меѓународните норми со ISSN 2522-6282. Македонскиот весник „Илинден“ е дел од три агрегатори на вести grid.mk, daily.mk и vesti.mk. Македонски весник „Илинден“ е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ), каде што членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Република Албанија
Долгогодишната присутност на македонското друштво Илинден-Тирана во Федералната унија на европските националности и други меѓународни организации ја покажа потребата од назначување меѓународен координатор на македонското друштво Илинден-Тирана, што беше реализирано во 2023 година. Македонското друштво Илинден-Тирана за периодот од 16 години оствари безброј средби со многу државни институции во извршната и локалната власт, а соработката ја прошири со невладиниот сектор во земјата и во странство.
Македонското друштво Илинден-Тирана е член на Федералната унија на европските националности од 16 мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Како активен партиципиент во ФУЕН, членови на друштвото досега учествуваа во сите конгреси и поднесуваа резолуции, што придонесува македонското друштво Илинден-Тирана да биде рамноправен член и силен глас на македонското национално малцинство во Федералната унија на европските националности.
– Во изминатите 16 години како претседател на македонското друштво Илинден-Тирана, заедно со моите соработници, имав можност да остварам многу работни и официјални посети, да се сретнам и да соработувам со владини институции, како во Република Албанија, така и во матичната држава Република Македонија, како и со меѓународни организации. При сите реализирани средби со претставниците на државните институции во Република Албанија, во матичната држава Република Македонија и европските институции ја користевме секоја пригода да размениме мислења за важни прашања за унапредувањето на положбата и правата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Иако не секогаш наоѓаме заедничко или задоволително решение за одреден проблем, сепак должна благодарност им искажуваме на сите државни институции во Република Албанија и во матичната држава Република Македонија и низ светот – нагласуваат од македонското друштво Илинден-Тирана.
Македонското друштво Илинден-Тирана останува посветено на борбата за правата на македонското национално малцинство во Република Албанија, за унапредување на положбата на Македонците врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност.
– Во чест на 16 години од постоењето на македонското друштво Илинден-Тирана сакам да ги повикам сите државни институции, како и сите политички партии и невладиниот сектор во Република Албанија и во матичната држава Република Македонија, да им дадат поддршка на Македонците во Република Албанија, да даваат поддршка во континуитет за решавање на проблемите што се соочуваат и да спречиме асимилацијата од Бугарија – велат од македонското друштво.
Македонско друштво Илинден-Тирана исто така ги повикува институциите во Република Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет и македонското културно наследство.


Mакедонското друштво Илинден-Тирана додели награда „Илинден“ и благодарница „Илинден“ по повод шеснаесетгодишнината

Македонското друштво Илинден-Тирана ги додели годинешната награда „Илинден“ и благодарницата „Илинден“. По повод шеснаесетгодишнината од основањето и плодната работа на македонското друштво Илинден-Тирана, неговите управни органи и претседателот, г. Никола Ѓурѓај, донесоа одлука за доделување благодарници „Илинден“ и награда „Илинден“. Благодарниците и наградата им се доделуваат на лица за нивните особени заслуги за ангажман и перманентните активности во насока на зачувување и одржување на македонскиот идентитет на припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија. Така и годинава беа предложени повеќе лица за добивање благодарница „Илинден“ и награда „Илинден“. Од предложените беа избрани лица што со својот ангажман придонеле за подобрување на животот, историјата и културата и за зачувување на автентичната македонска традиција на Македонците во Република Албанија. Благодарницата и наградата „Илинден“ ги доделува и врачува лично претседателот на македонското друштво Илинден-Тирана.
Годинава наградата „Илинден“ ѝ се доделува на Федералната унија на европските националности (ФУЕН). Годинава благодарницата „Илинден“ им се доделува на: г. Љуфтим Спахиу, вршител на должноста македонски амбасадор во Тирана, Република Албанија, на функцијата народен правобранител – Тирана, Република Албанија; г-ѓа Елса Џелили, координаторка на македонското друштво Илинден-Тирана за округот Елбасан од 2021 и 2024 година и активист на македонското национално малцинство во Република Албанија; г. Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) – Канада; и г. Ратко Лазарески, директор на весникот „Нова Македонија“, Скопје, Република Македонија
Претседателот на македонското друштво Илинден-Тирана, Никола Ѓурѓај, им ги честита наградата и благодарниците на добитниците за 2025 година, со надеж дека тие ќе послужат како поттик за натамошен ангажман на наградените во нивната досегашна определба да работат во интерес на вистината за животот и ангажманите на Македонците во Република Албанија. Д.Ст.


Фото – Фејсбук Гордана Сиљановска Давкова

Гордана Силјановска-Давкова прими делегација на единствената македонска партија во Албанија

Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, во својата резиденција во Скопје прими делегација на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција. Претставниците на единствената политичка партија на Македонците во Албанија со сериозна загриженост укажаа на состојбата на македонското малцинство, истакнувајќи дека се соочуваат со пропаганда и обиди за асимилација што го загрозуваат нивниот национален и културен идентитет.
Тие изразија незадоволство од односот на албанските институции кон нив, како на државно, така и на локално ниво, нагласувајќи дека недоволната заштита и поддршка ја става оваа заедница во неизвесна положба изложена на перманентни притисоци.
Тие побараа поголемо учество на македонските власти, како и нивна помош во надминувањето на енормните проблеми со кои се соочуваат Македонците во Албанија. Исто така, тие отворено изразија став за отсуство на македонска државна стратегија за заштита на положбата на Македонците во Албанија. Во разговорот, претседателот на македонската партија Васил Стерјовски ја информира претседателката за досегашните партиски иницијативи, како и за планираните активности, во насока на зајакнување на националната и културната самобитност на македонската заедница во Албанија.
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова најпрво изрази разбирање за влошената положба на македонското малцинство во Албанија. Таа ја реафирмира потребата од стратегиски пристап во решавањето на статусот и заштитата на правата на македонското малцинство во Албанија, во согласност со европските и меѓународните документи и стандарди. Д.Ст.