Во трката по читател повеќе, македонското новинарство со пласирањето лажни вести ги погази основните новинарски принципи. Во потрага по сензационализам, често вестите пред да се објават недоволно се проверуваат од повеќе извори.
Случајот „Темелковски“ е само уште една потврда дека македонското новинарство го допре дното бидејќи проверката на информациите и фактите стана второстепена, додека моделот „копи-пејст“ стана универзален начин на функционирање на медиумите
Настан што деновиве дополнително ја вознемири македонската јавност е веста што завчера се појави на интернет-страниците на повеќето портали, а во која беше соопштено дека починал долгогодишниот ракометен стручњак Илија Темелковски.
Подоцна се покажа дека веста не е точна, по што следуваа деманти од страна на медиумите, како и обраќање на самиот Темелковски до македонската јавност преку социјалните мрежи.
– Поздрав до сите, јас, Илија Темелковски, го демантирам она што некој го измислил. Можам да порачам дека сум жив и здрав и ги демантирам сите информации во врска со тоа што некој зел за право дека сум починат. Поздрав до сите – одговори Темелковски реагирајќи на лажната вест што се прошири од страна на поголемиот број портали.
Со пласирањето вакви лажни вести се покажа дека во трката по читател повеќе македонското новинарство ги погази основните новинарски принципи, па во потрага по сензационализам често недоволно ги проверува информациите од повеќе извори пред да ги објави.
Класично прекршување на принципите на новинарството
Ова е само уште една потврда дека македонското новинарство го допре дното бидејќи проверката на информациите и фактите стана второстепена, додека моделите „копи-пејст“ и „кликбајт“ станаа универзален начин на функционирање на медиумите, особено во делот на порталите, кои едноставно ги прекопираат содржините без да проверат дали е нешто вистина или не.
Затоа и се случи ова медиумско цунами со лажната вест за смртта на Темелковски, без темелна проверка на веста од сопствени извори. Што е уште потрагично, некои од медиумите не ја отстранија лажната вест подолго време, така што дополнително предизвикаа вознемиреност како кај ракометниот стручњак и неговото семејство така и меѓу пошироката јавност.
Станува збор за класично прекршување на принципите на новинарството од страна на голем дел медиуми, кои наместо да ги бранат фактите и постојано да ја проверуваат вистинитоста на содржините пред да ги објават, не го направија тоа.
Што е најтрагично, ова не е прв случај на ширење ваква лажна вест за нечија смрт од страна на медиумите, туку се повторуваат слични пропусти, што јасно говори дека македонското новинарство не учи од сопствените грешки, туку продолжува да се води од себичната борба за освојување поголем број читатели дури и кога тоа значи погазување на новинарските кодекси и принципи.
– Она што се случи завчера со објавувањето дека Ики починал, тоа е сликата за македонското новинарство денес. Тоа покажува на кои гранки е спаднато, односно колку ниско е спаднато. Трчаат во борба за кликови, препишуваат едни од други, никаде не видов извор од каде потекнала оваа информација, што јасно говори за погазување на новинарските принципи. Основно за секоја вест е да го имаме изворот, во главата на секоја вест е важен изворот. Ние не видовме никаде извор на кој медиумите се повикале кога ја објавиле веста. Другите медиуми упорно препишуваат и ниту еден не наведува извор – вели Мирче Адамчевски, новинар и дел од тимот на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).
Според него, во овој натпревар за кликови не се внимава на основните принципи содржани во Кодексот на новинарите.
– Па, во тој Кодекс токму во членот 1 пишува дека новинарот треба да пласира точни и проверени информации. Трагично е што кај дел од медиумите и кај агрегаторите долго остана веста за смртта на Ики, иако веќе беше демантирано. Дури и немаше некој од тие што ја раширија веста да се извини, ја повлекоа веста и не се извинија. Најнормално човечки е кога се направила ваква голема грешка, барем да се извинат. А и не сметаат дека треба да се извинат бидејќи го препишале од некого. Тоа е таа трагедија на македонското новинарство, секако чест на исклучоците. Има медиуми што чесно и доследно си ја работат работата, но најголем дел од македонските медиуми, можеби 90 отсто се такви што бркаат сензационализам, препишуваат и не ги проверуваат информациите – објаснува Адамчевски.
Трајковска: Основното новинарско правило е да се провери информацијата
-За жал, дел од македонското новинарство се сведе на пижама-новинарство – седнуваш од сабајле дома, отвораш ФБ и гледаш кој што пишал и од таму копираш, па без да го прашаш авторот си објавуваш кај себе. И на овој начин преку „рекла-казала“ се создаваат лаги, манипулации и дезинформации, а најстрашно е кога ваквото т.н. известување задира во животот или смртта на луѓето. Случајот со господинот Иле Темелковски од пред некој ден е скандалозен и морбиден. Во трката за поголем број кликови ги изгубивме попатно професионалните стандарди, особено кога се работи за сензитивни вести како што е живот и смрт на некој човек. Основното новинарско правило е да се провери информацијата. Тоа во овој случај не е направено од дузина медиуми, туку е само прекопирана „веста“. Она што сега мораат овие медиуми да го направат е јавно на му се извинат на Темелковски и барем малку да ги зачуваат човечноста и новинарскиот образ – вели д-р Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии.
За тоа како да се среди медиумскиот простор, особено кај порталите, за во иднина да не се повторуваат вакви лоши епизоди, Мирче Адамчевски од Советот за етика во медиумите во Македонија решението го гледа и врамување на порталите во некаква законска рамка.
– Може и порталите да се стават во Законот за медиуми, но етичкото пак останува на оние што ќе работат во тие медиуми. Внесувањето во регистарот што ќе го направи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги можеби ќе ја зголеми донекаде одговорноста на порталите, но прашање е дали сите портали ќе се пријават во тој регистар. Решението е сопствениците и главните уредници да водат повеќе сметка за новинарите и содржините што излегуваат во нивниот медиум. Вака излегува дека и главните уредници се соучесници. Најголем дел од претставките што ги добиваме како Совет за етика се однесува на онлајн медиумите, што говори за нивниот непрофесионален пристап. Најважно е да се почитуваат Кодексот на новинарите на Македонија и насоките за етичко известување на медиумите за да не ни се случуваат вакви работи – заклучува Адамчевски.
Потсетување на професионалните новинарски принципи
Македонското новинарство има воспоставено принципи што се обврзало да ги почитува за да ја исполни својата задача во македонското општество, да информира точно, навремено и непристрасно. Ова се новинарските принципи:
– Слободата на медиумите е неприкосновено право.
– Основна задача на новинарите е да ги почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со членот 16 од нашиот Устав.
– Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.
– Право и должност на новинарите е да настојуваат да ги спречат цензурата и искривувањето на вестите.
– Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот.
Врз основа на овие принципи и етички вредности, ги наведуваме поважните точки, како што се заведени под реден број во Кодексот на новинарите:
1. Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
3. Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, демант и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата.
4. Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити.
7. Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.
8. Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда. С.Т.
„Нова Македонија“ – доследна на принципите на новинарството
Весникот „Нова Македонија“ и неговото интернет-издание не ја објавија лажната вест за починувањето на ракометниот стручњак Илија Темелковски првенствено затоа што не постоеше веродостоен извор за таквата информација, второ затоа што ја проверија информацијата, која излезе дека е – лажна!
Водени од новинарските принципи и Кодексот на новинарите за точно и навремено информирање, редакцијата на „Нова Македонија“ се држи исклучиво до проверени факти, без потрага по сензационализам или ловење читателски кликови.
Генерална политика на медиумот е да се прави анализа на сите општествени состојби, понекогаш и од одредена временска дистанца, за да можат информациите да се истражат, потврдат или отфрлат во консултација со повеќе релевантни, веродостојни извори, а понатаму и да се проанализираат… наместо во трка со времето, да се заборава на суштината во новинарството. С.Т.