„Земјата сè уште ќе страда многу, но ние ќе ја постигнеме нашата цел и ќе бидеме цезари, а потоа ќе размислуваме за сеопштата човечка среќа“. Што да прават оние што не можат да го поднесат страдањето на човекот во „Оние кои заминуваат од Мејпокс“ и не сакаат да поддржат поредок во којшто државите немаат право да го избираат своето име, поредок којшто има зацртано бришење на македонскиот идентитет? Никој не треба да биде човекот затворен во подрумот во Мејпокс, враќањето на името Македонија е нужност,
враќање на прапочетокот, што, парафразирајќи го Достоевски, ќе обезбеди правда и земна среќа за сите Македонци без исклучок!
Предизвици (2)
Во неколку продолженија ќе понудам размисли за предизвиците – глобални,
регионални, државни, институционални…, со кои ќе се соочиме во 2025 година и по неа. Денешниов текст е втор од серијалот
Хронолошки, романот „Човекот со празни дланки“ (1974 г.) се појавува меѓу расказите „Оние кои заминуваат од Омелас“ (1973 г.) и „Денот пред револуцијата“ (1974 г.); вториот расказ содржи настани што им претходат на збиднувањата во романот „Човек со празни дланки“ и зборува за животот на Лаиа Одо – жената што ја водеше револуцијата што го воспостави анархистичкото општество во „Човекот со празни дланки“ (англ. „The Dispossessed“, српски превод „Човек празних шака“, 1987 г.). Англискиот наслов на романот „Демони“ или „Бесови“ (руски: „Бесы“) од Достоевски се среќава во три форми: „Demons“, „The Possessed“ или „The Devils“, додека именката „the dispossessed“ се однесува на луѓе што не поседуваат земја, имот, кои се ослободени од приватна сопственост; се претпоставува дека насловот „The Dispossessed“ е алузија на романот на Достоевски.
Во предговорот на „Денот пред револуцијата“, Урсула Ле Гвин наведува дека во романот „Човекот со празни дланки“ се зборува „за мал свет населен со луѓе што себеси се нарекуваат Одонијци… Одонизмот е анархизам… тоа е анархизам навестен во раната таоистичка мисла, а подоцна елабориран од Перси Шели и Петар Кропоткин, Ема Голдман и Пол Гудман“. Според Ле Гвин, идејата на анархизмот е уривање на авторитарната држава, без разлика дали таа држава е капиталистичка или социјалистичка. Анархизмот е втемелен во верувањето за вредноста на соработката, солидарноста и заемната помош, а Лаиа Одо и нејзините следбеници – Одонијците, сакаат да ги ослободат обесправените, понижените и немоќните од нивните окови и да изградат подобро општество.
Последната реченица од предговорот на „Денот пред револуцијата“ укажува дека Лаиа Одо е една од оние кои заминале од Омелас. Жителите на градот Омелас имаат среќни и исполнети животи, но нивната среќа се заснова на неискажлива болка, безвременско страдање: во подрумот на една „прекрасна јавна зграда“ во градот, дете од речиси десет години е затворено и чувано во состојба на глад и беда. Оваа валкана, мрачна, непријатна тајна ја обезбедува среќата на другите граѓани од градот Омелас: остатокот од градот може да функционира само ако ова едно дете се држи во гнасна беда сето време. Но, некои не можат да живеат во такво место чијшто просперитет зависи од мизеријата на детето, тие граѓани заминуваат – тие се „оние кои заминуваат од Омелас“. Омелас е алегорија за капитализмот: просперитетот на некои луѓе зависи од други што се наоѓаат во состојба на сиромаштија и неволја, оттука, Лаиа Одо ги симболизира сите оние што не можат да поднесат такво страдање и сакаат да основаат општество во кое луѓето ќе бидат слободни да изберат како ќе го живеат својот живот – никој не треба да биде детето чувано во подрумот во Омелас.
Романот „Човекот со празни дланки“ и расказите „Оние кои заминуваат од Омелас“ и „Денот пред револуцијата“ се појавија во седумдесеттите години од минатиот век, додека, пак, трилогијата за Македонија – еден роман и два расказа се појавија педесетина години подоцна во еден друг универзум паралелен со нашиот. Првиот расказ „Оние кои заминуваат од Мејпокс“ протече во нашиот универзум првпат минатата сабота во „Нова Македонија“. Идејата за враќање и повторување, што се проткајува во „Денот пред револуцијата“ и во расказот педесетина години подоцна, се содржи во синтагмите „кругот на животот“ и „вистинското патување е враќање“. Во расказот пишува: „Тие беа многу млади студенти … Тие зборуваа за нивните надежи, за враќање на името Македонија. – Ние сме толку далеку од револуцијата што можеби сме блиску до неа – копнежливо и насмеано рече една девојка: – Круг на животот“. На друго место, ќе прочитаме: „Која сум јас? – промрмори на својата невидлива публика… пристигна дома; никогаш всушност и не излезе од дома. Вистинското патување е враќање … враќање на името Македонија“. Револуциите и политичките движења не се нужно ниту триумфи ниту неуспеси: често се потребни години, па дури и децении за да се појави импулс, и како што луѓето што ја водат револуцијата се менуваат, така се менува и обликот или карактерот на таа револуција.
Анархизмот е „најидеалистичката и најинтересната од сите политички теории“ (Ле Гвин). Според онлајн Енциклопедијата на Стенфорд по филозофија, анархизмот е политичка теорија којашто е скептична за оправданоста на авторитетот и моќта; анархизмот, според Енциклопедијата, „се заснова на морални тврдења за важноста на индивидуалната слобода, често замислена како слобода од доминација … нуди позитивна теорија за човечкиот растеж, заснована на идеалот за еднаквост, заедница и неприсилено градење консензус … и инспирира практични напори за воспоставување утописки заедници, радикални и револуционерни политички агенди и различни форми на директна акција“. Во денешниов есеј предлагам терминот анархизам да подразбира повеќе: скептичност на авторитарноста и моќта на една држава (хегемон) во однос на другите држави, подвлекувајќи ја важноста на слободата на сите држави и нудејќи позитивна теорија за човечкиот процут, заснована на идеалот за еднаквост меѓу државите. Терминот анархизам често асоцира неколку приговори: (1) анархизмот е нихилистички и деструктивен, (2) анархизмот поттикнува хиерархиска авторитарност и (3) анархизмот е утописки. Забелешката дека анархизмот е нихилистички и деструктивен всушност не признава дека анархизмот се појавува во многу варијанти – многу анархисти се посветени на моралните принципи, вклучувајќи автономија, слобода, солидарност и еднаквост.
Приговор дека анархизмот поттикнува авторитарност всушност подразбира дека анархизмот е инхерентно нестабилен, оттука, парафразирајќи го Хобс, глобални и/или локални хегемони се појавуваат како неопходен одговор на природната анархија и потребата за одржување на редот. Некои опонентите на овој приговор може да тврдат дека анархијата и војната не се природен поредок и дека недостатоците од постоењето на хегемони – создавањето хиерархии, монополи, нееднаквости и слично – ги надминуваат придобивките од структурите што ги поддржуваат хегемоните. Во однос на забелешката дека анархизмот е утописки, мислителите укажуваат дека толкувањата на анархизмот во филозофијата, сепак, помагаат да се разберат универзалните морални вредности, иако политичкиот анархизам не секогаш успева.
Во „Оние кои заминуваат од Омелас“ страда десетгодишно дете, додека, пак, во „Оние кои заминуваат од Мејпокс“ страда триесетгодишен човек. Градот Мејпокс е град на „среќа и уживање“, во него „живеат интелигентни и културни луѓе“, меѓутоа, нивната среќа и хармонија се засновани на неискажлива болка – духовно страдање на еден човек кому името, идентитетот му е избришан. Луѓето од Мејпокс различно реагираат на тоа: некои се обидуваат да го рационализираат, користејќи различни оправдувања – не зависи од нив, туку од моќните, други заминуваат засекогаш, во потрага по замислена, непостојна утопија. Двете можности – да се остане или да се замине, се неправедни, неетички: ниту тие што остануваат ниту тие што заминуваат не ја избегнуваат одговорноста за она што се случува во подрумот.
Лекторот на печатницата во весникот во којшто се печати романот „Браќа Карамазови“ се присеќава на расположението на Достоевски во средината на 1870-тите и неговите зборови: „Не се ни сомневаат дека наскоро ќе дојде крајот на сè… целиот нивен ‘напредок’… Антихристот доаѓа кај нас и се ближи крајот на светот! Поблиску отколку што мислат! … Можеби, којзнае, можеби токму оваа ноќ го видел ‘Сонот на смешен човек’ или ‘Големиот инквизитор’!“ Достоевски во „Големиот инквизитор“ ја следи традицијата на народни приказни и апокрифи, според кои на второто Христово доаѓање и на крајот на светот мора да им претходи царството на Антихристот. Иван Карамазов го гради својот модел на иднината со помош на ѓаволот: „Го зедовме од него Рим, и мечот на Цезар и се прогласивме за кралеви на земјата“, вели неговиот инквизитор, додавајќи: „Земјата сè уште ќе страда многу, но ние ќе ја постигнеме нашата цел и ќе бидеме цезари, а потоа ќе размислуваме за сеопштата човечка среќа“. Што да прават оние што не можат да го поднесат страдање на човекот во „Оние кои заминуваат од Мејпокс“ и не сакаат да поддржат поредок во којшто државите немаат право да го избираат своето име, поредок којшто има зацртано бришење на македонскиот идентитет? Никој не треба да биде човекот затворен во подрумот во Мејпокс, враќањето на името Македонија е нужност, враќање на прапочетокот, што, парафразирајќи го Достоевски, ќе обезбеди правда и земна среќа за сите Македонци без исклучок.