Во периодот од 1 часот по полноќ, заклучно со 9 часот утрово во морскиот дел меѓу грчките острови Санторини и Аморгос беа регистрирани 22 земјотреси со јачина од над четири степени, согласно достапните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, а се по синоќешниот од 5,2 степени, што воедно беше и најсилниот во серијата земјотреси во изминатите денови, јави дописничката на МИА од Атина.
Доколку се направи анализа на официјалните податоци, од овие 22 земјотреси, 15 биле регистрирани во период од нешто повеќе од еден час, односно меѓу 4.24 и 5.36 часот утрово, а седум од земјотресите биле регистрирани за половина час.
Во однос на синоќешниот земјотрес од 5,2 степени регистриран кусо по 21 часот, грчките сеизмолози се претпазливи во прогнозите дали станува збор за главниот земјотрес.
Сеизмологот Герасимос Пападопулос, на социјалните мрежи коментираше дека земјотресот ја потврди неговата процена од изминатиот период дека „се наоѓаме во предземјотресна серија“.
– Големото прашање сега е: дали ова беше главниот земјотрес? Работиме интензивно и можеби ќе одговориме во текот на денот. Трпение! – напиша сеизмологот.
Директорот на Геодинамичкиот институт Василис Карастатис за државната телевизија ЕРТ, утрово рече дека сеизмичката активност продолжува со истото темпо како и претходните денови, интензивна е и со прилично висок број на земјотреси со јачина над четири степени, а оној од 5,2 степени, „суштински не ја менува целокупната слика“.
– Сè уште не сме во позиција да кажеме дека гледаме некаков податок што би довел до тоа дека серијата полека да се комплетира. Сè уште сме на средината на патот. Немаме видено никакво разретчување, некој знак дека се движи кон повлекување, истакна директорот на Геодинамичкиот институт.
Според податоците од Интердисциплинарен комитет за управување со опасности и кризи при Атинскиот Универзитет од 26 јануари до 3 февруари, во морскиот дел меѓу Санторини и Аморгос имало над 6.400 земјотреси од кои 800 биле со јачина над 2,5 степени.
Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција (ОАСП) Ефтимиос Лекас на вчерашната информативна прес-конференција во Министерството за цивилна заштита и климатски кризи предупреди за опасност од лизгање на земјиштето на Санторини поради зголемената сеизмичка активност на островот.
Додаде дека ја мапирале опасноста од лизгање на земјиштето и врз основа на овие податоци пет области со висок ризик: пристаништето и патната мрежа од пристаништето, делови од Иа (Армени и Амуди) старото пристаниште и жичарницата и населбата Корфу.
Според процените во Грција, во изминатите денови островот го напуштиле над 10.000 лица, а пред сè станува збор за работници кои на Санторини се во пресрет на новата туристичка сезона, но и локално население.
Од понеделникот училиштата на Санторини и соседните острови Иос, Аморгос и Анафи се затворени до крајот на седмицава, а до граѓаните постојат препораки да избегнуваат големи собири во внатрешноста на објектите; да избегнуваат пристап во напуштени објекти; да избегнуваат пристап и престој во пристаништа Амуди, Армени, Крфос и старото пристаниште во Фира; да ги отстранат опасните непотребни предмети на објектите и да ја испразнат водата од базените; да изберат безбедни рути при движењето по градските и локалните патни мрежа, поради опасност од појава на одрони и итно да се евакуираат крајбрежните области во случај на силен земјотрес.
Уште еднаш препорачувам смиреност, да ги слушаме упатствата од цивилната заштита и посакуваме појавата брзо да заврши, а островот целосно да се врати во својот нормален ритам, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Санторини, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис од утрово е во посета на островот и посочи дека „целиот државен механизам е мобилизиран“ и внимателно ги следат упатствата на експертите, кои ја советуваат цивилната заштита.