Лери Кларк со овој филм дефинитивно ги проби границите. „Деца“ не само што е еден од најреалистичните прикази на младоста и го приближува стравот од ХИВ туку е и брутално искрена слика за неспособноста на системот да воспостави коректен однос и да ги воспита младите на вистински начин. Многумина со задоволство би сакале да го прескокнат овој филм поради порнографската природа, но многумина, исто така, ќе го посочат како знак за претпазливост од следната чума. Сценаристот Хармони Корин го преслика светот на младите на големото платно на начин што дотогаш никогаш не беше виден

Eден од најлегендарните тинејџерски филмови на минатиот век, филмот „Деца“ на режисерот Лери Кларк, од 1995 година, беше толку контроверзен и шокантен што, освен двете номинации на Филмскиот фестивал во Кан (номинација за гран при и номинација за најдобар режисер), не доби покана на речиси ниеден поголем филмски фестивал. Но тоа не беше пречка овој филм да остане запаметен како еден од најрепрезентативните филмови во кој се сплотени сета лудост, бунтовност и трансформација што ги доживуваат младите во своите години на зреење.
„Деца“ е специфичен по фактот што на овој филм свое деби имаа и Лери Кларк како режисер и Хармони Корин како сценарист.
Бен Детрик од „Њујорк тајмс“ го опиша овој филм како „господарот на мувите со скејтборди, азотен оксид и хипхоп. Не постои погромогласна морална пресметка, туку само набљудувачки одвојувања“. Неговото објавување во 1995 година и третманот на темата ја шокираа публиката. „Деца“ доби ужасно ниска оценка и од критичарите, кои овој филм го објавуваа буквално без рејтинг. И покрај поделените критички реакции, филмот заработи 20,4 милиони долари со буџет од 1,5 милион долари. Во денешно време овој филм се смета за култна класика.
Лето во Њујорк, 1995 година. Сѐ се врти околу дрогата, скејтбордингот и младешката одвратна теорија за сексот. Седумнаесетгодишниот Тели живее како да нема утре.
Тој и неименувано 12-годишно девојче, кое е девица, имаат недозволени односи. Запознавајќи го својот најдобар пријател Каспер, Тели се обврза да има секс само со девици. Нивниот живот се сведува на дрога, храна и место за дружење, па така, тие се упатуваат во станот на нивниот пријател Пол и покрај тоа што не му се допаѓаат. Тие им се придружуваат на другите момчиња во фалењето со нивната сексуална моќ и ноншалантен однос кон незаштитен секс и венерични болести.
Низ градот, пак, група млади девојки зборуваат за секс. Нивните ставови се контрадикторни со ставовите на момчињата за многу теми. Две од девојките, Руби и Џени, спомнуваат дека неодамна биле тестирани за сексуално преносливи болести. Руби е негативна, иако имала повеќекратни сексуални средби.
Но пеколот започнува кога Тели дознава дека негова поранешна партнерка е ХИВ-позитивна. Таа девојка е Џени.
Вознемирена од тоа што го дознава, таа се обидува да го пронајде Тели за да го спречи да ѝ ја пренесе болеста на друга девојка. Расплетот носи многу брутални случки што ќе ве остават шокирани.
И покрај тоа што актерската екипа нема претходно актерско искуство, сите изведби се прекрасни, особено онаа на Џастин Пирс (како Каспер). Реалната приказна, класичниот дијалог и ужасното финале се најдобрите карактеристики на филмот.
Може да се каже дека Лери Кларк со овој филм дефинитивно ги проби границите. „Деца“ не само што е еден од најреалистичните прикази на младоста и го приближува стравот од ХИВ туку е и брутално искрена слика за неспособноста на системот да воспостави коректен однос и да ги воспита младите на вистински начин. Многумина со задоволство би сакале да го прескокнат овој филм поради порнографската природа, но многумина, исто така, ќе го посочат како знак за претпазливост од следната чума. Сценаристот Хармони Корин го преслика светот на младите на големото платно на начин што дотогаш никогаш не беше виден. Она што, всушност, е најстрашно е фактот што тоа што го гледаме во овој филм навистина се случува во нашите дворови. Децата не се толку млади како порано и растат во свет со повеќе можности и одвлекување на вниманието од кога било досега. Тоа се последиците од тој таканаречен модерниот свет, а овие деца се најновите лидери.
Иако ова не е генерална слика за целата наша младост, фактот дека сепак постои е повеќе од страшен. Ова не е само приказна за Њујорк, Кларк и Корин преку овој филм испраќаат порака за секој град. Кај богатите, сиромашните и сè што е меѓу нив, нашите деца експериментираат без каква било форма на образование или реализација на нивните постапки.
„Деца“ не е филм што ќе ви остави сладок вкус во устата. Но гледајќи го овој филм ќе научите работи за урбаниот живот на младите што ги нема во ниту една едукативна програма. Ова е филм што и покрај својата старост останува вознемирувачки евергрин што ги вклучува црвените светла, дури и во денешно време. Филмот е и повик за будење за бесчувствителните родители што не преземаат никаква одговорност за своите деца.