Анализа: Неопходна сеопфатна регулатива за криптовалутите
Криптосредствата значително пораснаа во изминатата деценија. Прифаќањето на криптосредствата низ целиот свет е поттикнато од мноштво технолошки, макроекономски, институционални и демографски фактори. Со оглед на растечкиот тренд на прифаќање и користење на криптовалутите, аналитичарите во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) направија посебна анализа за побарувачката на криптосредствата, нивното значење во макроекономските и за демографските фактори во земјите.
Специфичните карактеристики на криптовалутите
Нивните анализи покажале дека криптосредствата може да послужат како инструмент против ризиците од девизниот курс и инфлацијата – во земјите со послаби економски основи – и се попривлечни во земјите со помлада популација.
– Криптосредствата може да претставуваат значителни макрофинансиски ризици. На појавата на криптосредства и нивните поврзани екосистеми како нови инструменти, нови даватели на услуги, и новите начини за плаќање би можеле да ја предизвикаат способноста на властите да ги следат тековите на капитал и да ги спроведуваат мерките за управување со протокот на капитал преку регулирани посредници. Децентрализираните, без граници и псевдонимните карактеристики на криптосредствата ги прават потенцијално атрактивни инструменти за заобиколување на мерките. Ваквите специфични карактеристики се дополнуваат со празнините во законските и регулаторните рамки, кои резултираат со клучни криптоповрзани активности и даватели на услуги што лежат надвор од регулаторниот периметар. Постојните закони и регулативите не ги покриваат криптосредствата, а недостигаат аранжмани за координација и споделување информации меѓу релевантните органи, и дома и во странство – истакнуваат аналитичарите на ММФ.
Истражувањето објавено на веб-страницата на ММФ е направено од Донг Хе, Анамарија Кокенине, Ксавиер Лавејсиер, Инуту Луконга, Надин Шварц, Нобујасу Сугимото и од Жана Верие. Тие укажуваат оти земјите за да ја зачуваат ефикасноста на мерките за управување со протокот на капитал, креаторите на политиката ќе треба да имаат сеопфатна стратегија, конзистентен и координиран регулаторен пристап кон криптосредствата, меѓународни аранжмани за соработка…
– Политичката стратегија треба да му даде приоритет на развивањето правна и регулаторна рамка погодна за целта за криптосредства. Овој напор ќе бара разјаснување на правниот статус на криптосредствата и преглед на прописите за предизвиците на криптосредствата, развивање конзистентна таксономија на криптосредствата, давателите на услуги за криптосредства да се стават под регулаторниот чадор. Како и да се развијат механизми за регулирање и надзор на давателите на услуги со законски престој надвор од јурисдикции каде што се обезбедуваат услугите – посочуваат од ММФ.
Регулатива – да, која ќе го следи протокот на средствата
Исто така се нагласува дека ќе бидат потребни заеднички напори за подобрување на достапноста, квалитетот и конзистентноста на податоците за следење ризици, ќе треба да се надминат значајните предизвици за да се идентификуваат имателите на средства и нивното жителство. Пошироко, предизвиците од криптосредствата може да имплицираат потреба од регулаторните органи да најдат соодветни мерки за управување со протокот на валутите.
– Сепак, дури и со повеќеслојна стратегија, предизвиците што ги претставуваат криптосредствата најверојатно ќе опстојува, особено во новите пазари и економиите во развој каде што регулаторните и технолошките ограничувања се значителни. Некои криптосредства и сродни активности може да одат под земја во обид да останат под радарот на регулаторите. Сепак, сеопфатна законска и регулаторна рамка, како и нејзина конзистентна имплементацијата најверојатно ќе бидат погодни за појава на иновации што ги почитуваат законот и регулаторните регулативи – притоа обезбедувајќи основа и механизми за справување со малцинство актери и криминалци – укажуваат аналитичарите.
Наедно анализата утврдила дека криптосредствата можат да донесат значителни придобивки за земјите, но исто така носат и ризици. Посочуваат дека овие средства можат да поттикнат економски раст преку трансфер на технологија и менаџерски вештини, стимулирајќи го финансискиот сектор. Во исто време, големите и нестабилни текови може да претставуваат ризик за макроекономска и финансиска стабилност, што може да бидат зголемени со празнините во финансиската и институционалната инфраструктура на една земја.
Банката на Англија во неколку наврати укажуваше дека вложувањето во криптосредства е ризична инвестиција, поради што и самата најави развој на дигитална валута. Сепак, претходно беше посочено дека не се очекува до 2025 година конечна одлука за воведување државна дигитална фунта, што ќе се случува во следниов период останува да видиме, особено со промената што настана во САД.
Од друга страна и Европската централна банка спроведува анкета и анализа за утврдување на потенцијалните предности, но и ризици од издавањето дигитално евро, врз основа на кои ќе донесе и одлука за негово издавање или неиздавање.
Подеми и падови
Вредноста на криптовалутите честопати варираа, одредени периоди има голем раст, па падови и повторно истото, сепак, инволвираните убедуваат дека тие се сигурна инвестиција.
Ричард Тенг, извршниот директор на „Бајнанс“, лидерот во криптоиндустријата, ја коментираше веста за падот на цената на криптовалутите под 95.000 долари. Како што наведе тој на платформата Икс, разбирливо е дека во моменти на нестабилност ќе се појави паника. Тој додаде дека ова не е првпат да се случуваат вакви падови и сигурно нема да биде последен.
Од друга страна коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, во неколку наврати има искажано недоверба кон криптовалутите. Тој неодамна во интервју за „Њујорк тајмс“ одговори со презир на прашањето за вредноста на криптовалутите.
– Немаат никаква вредност. Дури и луѓето со висок коефициент на интелигенција се залажуваат да веруваат дека криптовалутата има вредност – додаде Гејтс.
Народната банка на Македонија во неколку наврати појаснуваше дека за разлика од суверените валути, криптосредствата не се пари бидејќи не ги поседуваат трите клучни карактеристики на парите. Појаснуваат дека суверените валути имаат три клучни карактеристики, прво тоа се средства за плаќање, најмалку во земјата каде што се издадени, потоа претставуваат единица за пресметка и можат да се чуваат заради штедење.
Наедно во Македонија криптосредствата не се законско средство за плаќање, односно не е дозволено да се плаќа со криптосредства. Во согласност со постојната регулатива, плаќањата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот. Е.Р.