Фото: „Нова Македонија“

Ако претходно беа очигледни примерите дека работата околу Преспанската спогодба се тера со сила, дека се прави притисок, но и дека се пружа јасен граѓански отпор, третиот елемент што сега испливува на површина се – парите. Тоа е уште еден елемент со кој се прекршува принципот bona fides (добра верба). Со други зборови, постои еден цел пакет на елементи со кој е прекршен овој принцип при склучувањето на Преспанската спогодба

СЕКОЈ МЕЃУНАРОДЕН ДОГОВОР СКЛУЧЕН СПРОТИВНО НА ПРИНЦИПОТ BONA FIDES СЕ СМЕТА ЗА НЕВАЖЕЧКИ

Сите меѓународни договори во својата суштина треба да се темелат врз меѓународното право како гаранција дека тие договори во иднина нема да генерираат нови проблеми, туку дека ќе ги затворат отворените прашања.
Клучно за меѓународните договори да бидат широко прифатени и функционални е при нивното склучување секогаш да се почитува принципот bona fides, односно тие да се склучуваат со добра верба на сите страни потписнички. Доколку не е испочитуван овој принцип, тогаш станува збор за наметнат договор и како таков не може да има правна валидност, па прашање на време е кога која било од страните може да го оспори неговиот легалитет и да се повлече.

Спогодбата од Нивици постигната на сила?!

Еден од клучните меѓународни договори што Македонија ги склучи пред седум години беше Преспанската спогодба, со која се затвори спорот за името меѓу Македонија и Грција, а за која и ден-денес не стивнуваат реакциите. Имено, забелешките на голем број експерти од областа на меѓународното право, но и на домашната експертска јавност, одеа во насока дека спогодбата од Нивици не е постигната во духот на bona fides, односно дека ѝ претходеле низа сомнителни дејства што довеле до прифаќање и потпишување на документот, кој сега го има приматот на меѓународен договор.
Без оглед што во македонското општество имаше силно противење за промена на името, без оглед што пропадна референдумот на кој граѓаните требаше да се изјаснат дали се за менување на уставното име, без оглед што двотретинското мнозинство во Собранието беше обезбедено со уцена и притисок врз дел од пратениците, договорот помина и Македонија веќе ја живее новата реалност. Сите овие примери се кристално јасни елементи што говорат за класично прекршување на принципот bona fides при склучување на меѓународните договори, но сега во јавноста испливува еден нов елемент што ги потврдува сомнежите дека промената на името, како и заживувањето на Преспанската спогодба во пракса, меѓу другото, била и финансиски поткрепена од фондови од надвор.
Крис Павловски, канадски бизнисмен чии родители се од Македонија, објави дека и Македонија е дел од земјите за кои вели дека биле киднапирани од невладини организации и од УСАИД.
– И Македонија е киднапирана од левоориентирани невладини организации и од УСАИД. За Американците може да се заштедат 290 милиони долари – напиша Павловски на социјалната мрежа Х, а во објавата го означи и Илон Маск.
Со објавата на Павловски само се потврдува дека со пари се купува секаква политика, вклучувајќи ја и онаа што се води во насока на прифаќање меѓународни договори спротивни на принципот bona fides. Првичните истраги што ги спроведува новата американска администрација покажуваат дека огромни средства се префрлани во земјава со години, без да се знае каде и за која цел се трошеле парите. Дел од средствата одел и за креирање атмосфера во општеството што би била порелаксирана кон прифаќање компромис за името, а подоцна и за негово институционално заживување.
Ако претходно беа очигледни примерите дека работата околу Преспанската спогодба се тера со сила, дека се прави притисок, но и дека се пружа јасен граѓански отпор, третиот елемент што сега испливува на површина се парите. Тоа е уште еден елемент со кој се прекршува принципот bona fides. Со други зборови, постои еден цел пакет на елементи со кој е прекршен овој принцип при склучувањето на Преспанската спогодба.

Трагата на парите води кон оние што го погазуваат меѓународното право

Без оглед што и досега елементите на принуда и отпор поврзани со спогодбата од Нивици беа видливи, но целосно се игнорираа, сега, еве, се открива и дека парите се уште еден основ да се истакне дека Преспанската спогодба е склучена надвор од принципот bona fides и како таква е нелегална ако буквално се почитува меѓународното право.
Сега, откако се отворија многу досиеја, лесно може да се следи текот на парите и да се утврди каде и за која цел биле трошени тие средства.
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев, појаснува дека во меѓународното право договорите мора да бидат склучени и според принципот bona fides (со добра верба), во спротивно се раскинливи или рушливи.
– Кога станува збор за Преспанската спогодба, важен принцип за поништување или раскинување е и bona fides. Ако договoрот не е направен во добра верба, може да се раскине или поништи – вели Јанев.
Според него, принципот дека меѓународните договори мора да се почитуваат би важел ако тие договори се склучени со добра верба.
– Прво, што се однесува на аргументот дека нешто што е потпишано мора да се почитува, тоа преставува генерален принцип и важи само кога немаме прекршување на основните правни норми, бидејќи од неправото не произлегува правото (ex injuria, jus non oritur). Потпишан договор и во меѓународното и во домашното право не важи ако има недозволен предмет за склучување, односно предмет спротивен на императивната норма или јавен морал. Понатаму, ако договорот е неприменлив, може да има и други причини за раскинување, како што се измама, изнуда, притисок или уцена, заблуда, и сите тие претставуваат основа за раскинување, поништување и укинување договори, без разлика дали станува збор за домашни или за меѓународни акти – појаснува Јанев.
И други познавачи на меѓународното право сметаат дека каков било меѓународен договор ако е постигнат без принципот на добра верба или, пак, ако се користени елементи што го компромитираат процесот на постигнување на договорот, едноставно е нелегитимен.
– Ако некоја од страните е измамена, ако е извршен притисок или ако се употребени пари некоја да се поткупи и да работи за одредена цел, тогаш таквиот договор во согласност со меѓународното право е постигнат без добра верба и е наметнат. Како таков не може да има меѓународноправен легитимитет и што поскоро мора да се поништи. Следењето на текот на парите може да покаже дали има уште еден елемент што ќе потврди дека Преспанската спогодба е склучена без добра верба, туку со поткуп. Впрочем, при расправа во грчкиот парламент беше обелоденето дека огромни средства се прелевале во Македонија само да се обезбеди склучување на спогодбата од Нивици. Тоа кај нас никогаш не се истражи. Клучно е Македонија да се држи до меѓународното право, па ако договорите со Грција и со Бугарија се склучени спротивно на принципот bona fides, тогаш редно е да се раскинат и да се постигнат нови договори во согласност со меѓународното право и неговите принципи – заклучуваат соговорниците.