Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку дена изјави дека сега е редот на Европската Унија да воведе американски царини за нејзините производи. Поради оваа најава, а имајќи предвид дека Трамп оттогаш се покажа решен и убедлив да ги спроведе своите најави со воведување царини од 25 отсто за Мексико и Канада (ги замрзна во понеделникот поради отстапки од тие две земји) и Кина (10 отсто), европските лидери сега забрзано бараат понуда што би ги задоволила неговите апетити и со тоа би ја поштедила ЕУ од судбината на споменатата тројка, која веќе од прва рака виде колку е сериозен Трамп

Реномираниот медиум „Политико“ деновиве посвети должно внимание токму на темата „Изнаоѓање начин од страна на лидерите на ЕУ да го смират Трамп“. Во текот на изминатиов викенд, Трамп ги нарече потезите на ЕУ кон САД – „злосторство во трговијата“. Минатата недела шефот за трговија на ЕУ, Марош Шефчович, ја претстави идејата да се здружи со Вашингтон за „да се справи со заедничките предизвици што произлегуваат од антипазарната политика на Кина“. Токму тоа беше првпат Брисел експлицитно да ја поврзе својата политика кон Пекинг со обидот да го задржи Трамп за сојузник и „да му се додвори“. И покрај неодамнешните постапки на Трамп, во Брисел сè уште постои тенденција за одржување сојуз со Америка, за што сведочи следната изјава на првиот дипломат на ЕУ.
– Ако САД започнат трговска војна, тогаш таа што ќе се смее е – Кина. Ние сме многу поврзани, ни треба Америка и на Америка ѝ требаме – рече Каја Калас, европската дипломатка. Пред заминување на пат да се состане со европските лидери во понеделникот.
Сепак, аналитичари тврдат дека „отворањето на фронтот против Пекинг може да биде опасна погрешна пресметка бидејќи може да го поткопа кредибилитетот на Европа во идните преговори и да го наруши единството на ЕУ“. Токму на тоа предупреди и Агате Демараис, висок политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи.
– Со оглед на високото ниво на несогласување меѓу земјите членки на ЕУ за тоа како да се пристапи кон односите со Пекинг, речиси нема шанси Унијата да усвои мерки што ќе се покажат доволно силни за да го смират Трамп на терен – изјави Демараис, додавајќи дека политиката на ЕУ „веројатно нема да го импресионира Трамп“.

За потсетување, земјите од ЕУ имаат многу различни пристапи кон Кина. На пример, Литванија е погодена од бојкот од Пекинг поради одржување на односите со Тајван, додека Германија е длабоко врзана со Кина и покрај севкупната стратегија на Унијата за намалување на ризикот преку намалување на зависноста од Кина. Факт е дека Кина е втор најголем трговски партнер на ЕУ, по САД, со билатерална трговија што достигна 739 милијарди евра во 2023 година. Само на Германија отпаѓаат 250 милијарди евра од вкупната бројка. Токму ова доведе до големи проблеми во одржувањето единствен став на ЕУ за Кина. Кога Европската комисија (ЕК) воведе тарифи за електричните возила произведени во Кина минатата година, Берлин ја предводеше коалицијата на земји што имаат силни индустриски врски со Кина во обид да ги блокира тарифите на ЕУ против Кина. Но Германија не успеа во тоа.
– Наместо да брза да му се придружи на Трамп во нападот кон Кина, Унијата треба „да молчи, но да изгради свои мерки“ – рече Франсоа Годемент, резидент соработник за САД и Азија во парискиот аналитички центар „Анститу монтењ“, изразувајќи став дека ЕУ би требало да изгради свои политики, кои би ѝ донеле најголема корист, а не да постапува како мува без глава, додворувајќи ѝ се на една или на друга страна.