Дарко Ѓорѓиески, еден од основачите на „Винтер априкотс“

Деветтото издание на интернационалниот филмски фестивал „Винтер априкотс“ почнува утре во Прилеп. На повикот од организаторите се пријавиле над 700 филма од 73 земји. По повод фестивалот, разговараме со Дарко Ѓорѓиески, еден од основачите, кој заедно со Елена Мелончели го создаде овој фестивал пред девет години.
Каква фестивалска програма подготвивте за годинашното издание на „Винтер априкот“?
– Оваа година фестивалот ќе го следи концептот што го создаваме и го усовршуваме девет години и за кој веруваме дека го отсликува мултидисциплинарниот идентитет на нашиот настан. Фестивалот ќе се отвори в четврток, со проекција на селекцијата на филмови „Скрин денс“, во соработка со фестивалот „Фуори формато“ од Џенова и колективот „Аугенблик“, по што ќе следува концерт на групата „Калевала“. В петок ќе започнеме со натпреварувачката филмска програма, најпрвин со балканската селекција, а потоа ќе следува првата половина од официјалната селекција. Сабота, последниот ден, ќе ни ги донесе националната селекција, втората половина од официјалната селекција и церемонијата за доделување награди. Фестивалот ќе се затвори в сабота навечер со возбудлив и енергичен концерт на бендот „Занаду“. Уште еден интересен детаљ е дека годинашните билети ќе прикажат дел од уметничкото творештво на прилепската уметница што живее во Кина, Александра Ацеска. Исто така, првата и последната вечер на настанот ќе бидат понудени дегустации на храна и пијалаци во организација на „Слоу фуд – Прилеп“.
Дали и годинава, како и претходно, комисијата ќе прави селекција на филмовите и дали тие ќе влезат во трка за награди, а колку ќе учествуваат на фестивалските вечери?
– Со задоволство може да кажеме дека и оваа година добивме филмови од секое едно катче од светот, буквално. Повикот за пријавување заврши пред неколку недели, со повеќе од 700 пријавени филма од 73 земји. Ова, со други зборови, значи многу работа за нас во процесот на селектирање, но истовремено е и едно од најголемите достигнувања за фестивал како нашиот. Делумно бидејќи е резултат на едно континуирано инвестирање и воспоставување соработки со интернационални дистрибутерски куќи, но најмногу бидејќи ни овозможува да создадeме селекции на филмови што вклучуваат и популарни и комерцијално успешни филмови, но и не толку познати, независни филмски продукции. Жирито и оваа година ќе го сочинуваат тројца членови што ќе ги доделат наградите за најдобар филм, кинематографија, звук и концепт во официјалната селекција и наградата за најдобар филм во балканската селекција. Победникот на македонската селекција ќе биде избран од публиката. Ќе бидат прикажани вкупно 45 филма за време на трите фестивалски дена.
Со оглед на тоа што зад Вас стојат осум успешни изданија, можете ли да се вратите малку назад за да ни ги раскажете најзначајните моменти од минатите фестивали? 
– Фестивалот е едно мало интимно катче што несомнено создало многубројни моменти низ изминатите години. Од фасцинантниот концерт на Дуња Иванова посветен на филмската музика на Збигњев Прајснер, па сѐ до кафеанските деликатеси (пржен мозок) на полноќ во „Сокаче“ со гости и жири-членови од цела Европа, потоа силните емоции и радоста кога разбравме дека некои од селектираните филмови на нашиот фестивал беа селектирани дури и наградени на церемонијата на доделување на „оскарите“… Листата е навистина долга и разновидна. Но она што е сигурно е тоа дека најзначајните приказни и спомени лежат во пријателствата и заедницата што фестивалот ја создава.
Иако фестивалот, а и Вие како организатори веќе сте уметнички зрели, сѐ уште Ви е потребна поддршка за да опстоите. Колкав е интересот за донирање и помош за овој фестивал и дали тој вид поддршка е доволна? 
– Во овој момент, непосредно пред деветтото издание, навистина чувствуваме дека развивме кохерентна и функционална формула за фестивалот, доволно во контакт со локалниот контекст, но и со интернационална перспектива, која може да се нарече зрелост. Во исто време имаме многу идеи и мотивација да растеме и да го подигнеме фестивалот на некое повисоко ниво, но исто така сме ограничени со финансиските ресурси што ги имаме. Досега, најчесто се потпиравме на интернет-кампањи за собирање средства и поддршка од луѓе, со исклучок на финансирањето од Агенцијата за филм во 2023 година, но сметаме дека вистинската зрелост може да се постигне само преку квалитетна и долготрајна институционална поддршка. Без оглед на тоа колку е великодушна нашата публика и колку сме им благодарни на сите наши донатори, во овој момент институционалната поддршка навистина би била поттикот што ни е потребен.
Како граѓаните на Прилеп, Македонија, бизнис-заедницата и институциите можат да помогнат и да ги поддржат не само ова туку и наредните фестивалски изданија?
– Всушност најголемата поддршка за фестивалот би била онаа кога градот и неговите институции би создале вистинска и правилна културна програма и понуда, која, се разбира, би вклучувала и филмска понуда. Многу е значајно за еден фестивал да има публика што има навика за гледање филмови, односно има критички и естетски капацитет и вкус за киното. Се разбира од финансиски и логистички аспект, поддршката, како од јавните институции така и од приватниот сектор, би била клучна за обезбедување квалитетен раст и континуитет на фестивалот. Следната година е нашиот десетти роденден, јубилејно издание, така што ги охрабруваме сите заинтересирани да нѐ поддржат на кој било начин.