Неизвесна политичката, економската и енергетската стабилност на Германија
Ерозијата на енергетската безбедност на Германија доведе до најголем пад на германскиот животен стандард од Втората светска војна и пад на економското производство споредливо со финансиската криза во 2008 година.
Лидерката на германската партија Алтернатива за Германија (АфД), Алиса Вајдел, на партиска конференција изминатата недела решително изјави во јавноста дека „Германија ќе го врати во функција Северен тек! Може да сметате на тоа!“ Оваа партија го идентификува прекинот на руските енергенти за Германија (со западните санкции) како главна причина за стагнација на германската економија. Конкретните предлози и решенија во енергетиката и економијата, во комбинација со образложувањата по тој основ (што според АфД би го подигнало економско-социјалниот статус на германските граѓани) го поттикнуваат политичкиот подем на партијата. АфД победи на неколку клучни регионални избори во ноември. Сега АфД е втора по популарност по конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ).
Но ставот на лидерката на германската партија АфД, Алиса Вајдел, не им се допадна на поддржувачите на Украина. На пример, балтичките земји веднаш реагираа и тие сѐ уште се категорични дека „треба да се запре целиот увоз на руски гас“. Натаму, полскиот претседател Анджеј Дуда коментираше дека Германија „не треба да биде во искушение“ само затоа што нејзината економија е во неволја.
За потсетување, германската економија стагнира две години по ред и се предвидува дека и годинава ќе продолжи трендот надолу. Загубата на евтиниот руски гас беше катастрофална за Германија, што директно доведе до нејзина деиндустријализација бидејќи тешката индустрија мораше да се затвори поради вртоглавото зголемување на цените на гасот и енергијата. Крајот на увозот на гас дојде токму кога владата одлучи да ги затвори своите шест моќни најсовремени нуклеарни централи (АЕ). Поради комбинација од овие фактори, Германија се трансформира од нето-извозник на енергија во нето-увозник. Тоа изврши притисок врз остатокот од ЕУ, бидејќи соседите на Германија беа принудени да ја снабдуваат Германија со електрична енергија според правилата на ЕУ, што потоа исто така ги зголеми трошоците за енергија во тие земји. Шведска и Норвешка сега страдаат од инфлација на цената на електричната енергија и ги замрзнаа плановите за зголемување на енергетските врски со Германија за да го ограничат извозниот капацитет и да ги задоволат домашните потреби.
Квалитетот на германскиот живот веќе опаѓаше пред почетокот на воениот судир во Украина, но стана многу полош поради различните шокови предизвикани од конфликтот. Неуспехот да се заштити германската индустрија од зголемените цени на енергијата може да ги претвори 2020-тите во „изгубена деценија за Германија“, се наведува во неодамнешниот труд објавен од „Форумот за нова економија“, пишува „Спектатор“.
Германија е најдарежливиот поддржувач на Украина во ЕУ – која изврши неподнослив притисок врз германските финансии, кои веќе беа во буџетска криза, откако буџетските трошења се соочија со лимити за задолжување наметнати со уставот преку таканаречениот Шулденбремсе, или „сопирачка за долг“, што ги ограничува задолжувањето на државата. На крајот на минатата година германскиот канцелар Олаф Шолц објави дека „Берлин останал без пари“ (за Украина) и дека „по 2024 година драстично ќе ги намали придонесите за Киев“. Тензиите околу парите и расправиите околу пакетот помош од три милијарди евра за Украина веќе доведоа до колапс на владејачката коалиција, а политичката стабилност на Германија е неизвесна бидејќи земјата ја чека новата влада на општите избори закажани за месецов. Р.С.