Венец за војводата
Колку милно, колку свидно
секој в гордост пее,
песна красна, празник славен,
Гоце – сонце грее.
В небо сино знаме светло,
ветрец тих го гали,
блазе мајка што го роди,
народ што го жали.
Робје будел, мечти сеел,
сегде стигал, минел,
в ноќи темни ѕвезда сјајна,
ропски пранги кинел.
Рака машка, срце топло
нежно како дете,
честит веку, реко бујна,
венец што му сплете.
Перо Миленкоски
Песна за Гоце
Дувка ветер и шумолат гранки,
пупат дрвја, цутат сливи ранки,
орач в ниви бисер семе сее,
семе сее, мила песна пее:
„Мина горо, млад Делчев
војвода!“
Жетвар жнее, в поле клас
се рони,
сонце грее, зрее жито златно,
бујна песна низ полето ѕвони:
– Дејди, Јано, дејди мила душо,
дал навеза Гоцевото знаме?“
Шумно лисје низ гора се стели,
а густа гора гори силен пламен,
а крај огнот седат борци млади,
ечи песна од јуначки гради:
„Се вориме под Гоцево знаме!“
Ванчо Николески
Гоце
Стегна лута зима,
камен и дрво пука,
задоцнет патник некој
на туѓи порти чука…
Под топол куќен покрив
луѓето сал се кријат,
во штурите гори негде
стрвници волци вијат.
Ветрови бесно вијат,
реката мраз се стори,
и како секоја вечер,
кандилце дома гори.
Во собата седиме ние,
гравче во грнето вари,
на столчето дедо тивко
приказни ниже стари…
– Седнете внучиња мои!
– започна дедо Коце,
приказна ќе ви кажам
за силен јунак Гоце.
Далеку, на југ таму,
– продолжи дедо Коце,
во малото гратче Кукуш
израснал јунакот Гоце.
Владеел тогаш Турчин
во нашата земја цела,
недела страшни правел
грабел и палел села.
Земјата била туѓа,
народ со пот ја квасел
за агите жетва збирал
за бегови овци пасел.
Во нашите полја родни
не пеел народ песни,
немало нигде спокој
за нашите луѓе чесни.
Минел ли аскер в село,
страшен се писок слушал,
плачеле дечиња мали,
страдала народна душа.
Не трпел Гоце ропство
и една рана зора,
убојна пушка грабнал,
в зелена фатил гора.
Луѓето бегале в шума
од зулум, робија клета,
од нив борецот Гоце
комитска собрал чета.
И така Гоце станал
вистински горски орел,
и со дружина смела
за народ тој се борел.
По градови наши, села,
секаде каде минел,
пред очи на сите Турци
чудеса безброј чинел.
Пред силната турска војска
мајсторски тој се криел,
облечен како Турчин
со паши кафе пиел.
Некојпат како просјак,
со стап и просјачка торба,
барут, куршуми носел,
народ учел на борба.
Везеле Турците сказни
за Гоце, негова сила,
велеле дека е змеј,
и има огнени крила.
Од него имале страв
крвници, турски, наши,
дури и самиот цар
и сите турски паши.
Секаде одел Гоце,
за борба готвел народ,
борците спремни биле,
Илинден бил на прагот.
Секој по визби, плевни
бомби и пушки криле,
за боен час се готвел,
народот сон не спиел…
Во секое наше село
имало тајна чета,
спремна во секое време
во бој силен да влета.
Еднашка Гоце дошол
в Баница село серско,
луѓето тој ги учел
да фрлат ропство ѕверско.
Илјаден турски аскер
опколил Баница село,
Гоцета да го фати,
но Гоце извикал смело:
– Дружино, напред во борба!
И прв во бојот летнал.
Грмнале убојни пушки,
в Баница оган светна.
Проклети куршум свирнал,
паднало Гоцево тело,
турските орди клале,
пламнало Баница село.
Не умрел духот на Гоце,
секаде тој се борел,
кај народ крвје леел,
по градој, села гори.
Денеска појди в поле,
крај зрело жито зрее,
за Гоце – народен борец
песна му жетвар пее.
И сегде на секое дете
– заврши дедо Коце,
крај топол оган баба,
приказна реди за Гоце.
Ванчо Николески
(Од книгата „Одбрани песни
и поеми“)