Со свечена академија, средното училиште „Шаип Јусуф“ од Шуто Оризари го заокружи циклусот разнородни настани со кои го одбележи својот патронен празник, а со тоа и јубилејот – десет години постоење како прво средно училиште во општината Шуто Оризари. На настанот присуствуваше и претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Бидете горди на тоа што сте го постигнале, порача Давкова.
– Уживав во документарната филмска приказна за „Шаип Јусуф“, од раѓањето до денес. Ме импресионираа изборот и професионалната изведба на културно-уметничката програма од училишниот оркестар. Ме радуваат високите постигнувања на учениците и нивните наставници на различни натпревари. Доделените награди и признанија на најзаслужните го рефлектираат препознавањето на нивниот вложен труд. Честит јубилеј, честитки до наградените ученици и проекти. Бидете горди на тоа што сте го постигнале! Јас сум горда на вас! – стои во објавата на фејсбук-страницата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Снимен е документарец за училиштето
На свечената академија беше прикажан документарен филм за работата на училиштето, следуваше богата културно-уметничка програма, а беа доделени и наградите по повод претходно распишаните конкурси.
Но на овој настан му претходеа неколкудневни активности по повод патронатот и јубилејот, сработени од страна на учениците и професорите во ова училиште, координирани од директорот м-р Доан Сулејманоски, кој подолг период раководи со ова училиште.
Необично и креативно, настаните за одбележување започнаа со натпревар за готвење меѓу професорите, па избор на најдобар професор, потоа еколошка акција, подготовка на документарен филм, турнир во мал фудбал, натпревари од областа на правните науки за средните училишта на Град Скопје, избор на најдобар есеј и најдобар цртеж на темата „Тргнавме по патот што води до успех“.
Активности, успеси и соработки има во текот на целата година.
Секако, во рамките на неколкудневната програма симболично насловена 10 активности по повод 10 години постоење не изостанаа ни хуманитарните акции, кои се препознатлив белег на ова училиште. Така, учениците и професорите подготвија ладни сендвичи, ужинка и овошје и им ги поделија на лицата што немаат свој дом, на кои им подарија и топла облека. Исто така тие посетија и дом за стари лица, а таму заеднички со штитениците готвеа и правеа безалкохолни пијалаци, додека учениците од профилот фризери работеа на разубавување на лицата од трета доба во овој дом.
Многубројни награди
Aктивностите, наградите и постојаните успеси секако во ова училиште не се случуваат само за време на одбележувањето на патрониот празник, туку училиштето континуирано напредува, ги подобрува условите за работа и гради квалитетни личности и идни професионалци. Впрочем, 2024 навистина беше успешна година за СУГС „Шаип Јусуф“, во која учениците се закитија со неколку награди на натпреварите МАССУМ, ученици и ментори направија три младински урбанистички решенија за јавен простор во рамките на проектот „Општината е мојот зелен дом“, девет ученици остварија ученичка размена во Истанбул во соработка со Универзитетот „Нишанташ“ од Турција, ученици заедно со млади лица од нивната општина Шуто Оризари волонтерски помогнаа за подобрување на условите во дневниот центар „Сумнал“ во Топаана…
Ѓулие Шаин е најдобра професорка од „Шаип Јусуф“
СУГС „Шаип Јусуф“ беше посетено од високата екселенција и претставничка од Соединетите Американски Држави, г-ѓа Марија Лоџи, координаторка за развојна помош за Европа и Евроазија, која имаше можност да се запознае со учениците и да дискутира за големи идеи и промени. Исто така, минатата година училиштето го посетија и други високи политичари од Македонија и од светот, беа остварени средби со цел идна помош и соработка, и продолжи соработката со граѓанскиот сектор и со заедницата.
Наставничката Ѓулије Шаин, пак, од СУГС „Шаип Јусуф“ е прогласена за најдобар наставник за 2024 година од страна на Градот Скопје, при изборот на еден најдобар наставник од секое средно училиште на Град Скопје.
Да потсетиме, ова училиште го носи името на професорот, автор и преведувач Шаип Јусуф, кој заедно со Круме Кепески ја пишува првата граматика на ромски јазик, а е еден од иницијаторите и организаторите на Првиот ромски светски конгрес во Лондон, Велика Британија, во 1971 година. Во негова чест, ова училиште уште од самото негово основање го носи името Шаип Јусуф, а во него денес учат околу 300 ученици.
Филип Димкоски