Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во врска со прашањето за минимална плата се консултиравме со повеќе домашни и странски експерти. Обидувајќи се мошне објективно да пристапат кон ова прашање, нашите соговорници имаа заеднички именител со изјавите дека „административното подигање на платите е неекономска формула, дека тоа е далеку од решение доколку претходно не се зголеми продуктивноста, доколку претходно не се зголеми економскиот колач (БДП), додека не се оствари здрав и одржлив економски раст, доколку реално не се зголеми производството на добра… Токму исполнувањето на овие претпоставки ќе дозволи не само основано зголемување на платите во реалниот сектор (стопанството) туку и во нестопанските дејности, односно администрацијата

Економско-социјалниот совет на вчерашната седница расправаше и за предизвикот наречен „минималната плата“

Работодавците, синдикатите и Владата вчера точно напладне се најдоа на заедничка маса. На средбата присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд Дурмиши. Освен за зголемените трошоци на граѓаните и високите цени, дополнителна точка што се наметна во дискусијата беше и горливата тема „Минимална плата“, што како барање за дискусија го иницираа синдикатите.

Кршење на копјата за „минималната плата“

Минималната плата во моментот изнесува 22.567 денари. Според ССМ, платите треба да се зголемат за најмалку 20 проценти. Велат дека нивното барање за растот на платите и на минималната плата е повеќе од оправдано. Синдикалното барање е „минималната плата да се зголеми на 27.500 денари“.
Токму во врска со тоа прашање, претставниците на работодавците, како една од засегнатите страни, се изјаснија дека „предлогот минималната плата да изнесува 450 евра за нив би бил прифатлив, доколку се намалат нивните давачки по основа на придонеси“.
– Нашиот предлог е за покачувањето од 1.000 до 9.000 денари да може да ни помогне државата околу придонесите. Секое покачување што ќе го издвојат работодавците во износ од 1.000 до 9.000 денари да биде помогнато во рок од една година од Владата преку социјалните придонеси, а понатаму, да се надеваме со зајакнување на економијата да има шанси да се исплаќаат во целост. Од моменталните 24.800 денари што ги очекуваме во март до 34.000 денари да има субвенции во социјалните придонеси. Тоа е околу 9.000 денари. Предлогот на синдикатите е 27.000 или 450 евра, но ние имаме шанси, ако бидеме поддржани од Владата со социјалните придонеси, тие плати да бидат зголемени за да постигнеме и малку поголем износ на минимална плата во регионот. Тоа значи дека минималецот понатаму би го договарале со колективни договори во секој сектор, но основата на покачувањето секоја година во март да биде во согласност со утврдената методологија, а со посебни колективни договори со синдикатите да има плус покачување. Тоа се некои решенија што ги предлагаме ние, синдикатите имаат нешто слично, но најважно е бројот на компании и вработени да останат – изјави Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија. Тој напомена и дека наглото покачување на минималната плата е голем товар за микро, малите и средните фирми, особено во занаетчиската дејност.
Од Стопанската комора на северозападна Македонија и досега ни изјавуваа дека минималната плата треба да се зголеми на 500 евра, а придонесите да се намалат од 47,7 на 32 отсто. И оттаму повторно упатија предлог „да се намалат придонесите“.
– На илјада евра се плаќа 52 отсто, не се плаќа 47 отсто. За минималната плата се плаќа 47,5, а за повисока плата, од илјада евра на пример, 52 отсто. Во Словенија каде што има повисока плата, 42 отсто оди надолу, од 42 на 41… На таков начин да се стимулира – изјави претседателот на комората, Менди Ќура.

Македонија е со најниски даноци и намалувањето на придонесите не е решение

Предлогот за намалување на придонесите е неприфатлив за Владата бидејќи тоа не е воопшто решение. Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска вели дека Македонија има едни од најниските даноци.
– Во многу наврати има различни предлози, но сметаме дека давачките не се највисоки, напротив, имаме придонеси што се многу пониски од придонесите во соседството, така што не сметам дека треба да менуваме нешто во тој дел – смета Димитриеска-Кочоска.
Претставници од Владата велат дека „за минималната плата ќе остават да се договорат синдикатите и работодавците“.
– Ние ќе го следиме процесот и што ќе се договорат меѓу себе, ние ќе го прифатиме, затоа што во изминатиот период, врз база на направените анализи, констатиравме дека минималната плата како компонентна што влијае на платите во државните институции опфаќа многу мал број државни службеници, околу 14.000 службеници, а сите други не се поврзани со компонентната минимална плата – изјави во петокот министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Тој став го имаше и премиерот Христијан Мицкоски на последната седница за пратенички прашања, дека „минимална плата ќе биде онаа плата којашто ќе ја договорат работниците и работодавците“.
– Се надевам дека работодавците и работниците ќе постигнат договор, којшто ние ќе го поддржиме. Секое решение што тие ќе го поддржат, ние ќе го прифатиме и тука нема никаква дилема. Владата е страна што го олеснува процесот на разговори, за полесно да се дојде до заемен договор и, се разбира, да го поддржи, ако има решение.
Во согласност со законот, во март треба да има усогласување на минималната плата, која, според пресметките, треба да се зголеми за 1.800 денари, што, според синдикатите, е малку во однос на трошоците за живот. Пресметките што ги прави Сојузот на синдикатите на Македонија за минималните трошоци на едно четиричлено семејство покажуваат дека во јануари тие изнесувале 63.252 денари, што значи дека две минимални плати се малку за да се задоволат основните потреби.

Економските експерти ја поврзуваат минималната плата со продуктивноста и со економските резултати

Во врска со прашањето за минимална плата се консултиравме со повеќе домашни и странски експерти. Обидувајќи се мошне објективно да пристапат кон ова прашање, нашите соговорници имаа заеднички именител со изјавите дека „административното подигање на платите е неекономска формула, дека тоа е далеку од решение доколку претходно не се зголеми продуктивноста, доколку претходно не се зголеми економскиот колач (БДП), додека не се оствари здрав и одржлив економски раст, доколку реално не се зголеми производство на добра… Токму исполнувањето на овие претпоставки ќе дозволи не само основано зголемување на платите во реалниот сектор (стопанството) туку и во нестопанските дејности, односно администрацијата.
– Во економската теорија секое зголемување на платите без притоа да нема зголемена продуктивност ќе предизвика инфлаторни притисоци, што во услови на ценовни притисоци може дополнително да ја подгрее инфлацијата. Ако во приватниот сектор пазарот го утврдува нивото на плати, во согласност со понудата и побарувачката на трудот, како и неговата продуктивност, тоа треба да го следи и јавниот сектор. Од друга страна, јавниот сектор исто така треба да биде ефикасен и да обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и за стопанството. Последново, пак, треба да биде конкурентно и да постигне повисоко ниво на економски раст, а со тоа да се зголеми и доходот и токму тоа е клучно да го подигне животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните. Со други зборови, приватниот сектор и реалната економија се примарни за со растот на производството и продуктивноста да растат платите во стопанството и, следствено на тоа, во јавниот сектор треба да ја следат продуктивноста (како во приватниот сектор), придонесувајќи за зголемување на квалитетот на услугите во нестопанските дејност. Последица на тоа е зголемување на платите на вработените, а со тоа и на минималната плата. Само тоа е вистинскиот пат до реално зголемување на минималната плата, велат нашите соговорници. Е.Р.


Раст на плати, без економска поткрепа, без соодветен раст на продуктивноста, ќе ги обезвредни сите плати

Само длабоки економски реформи ќе донесат повисок економско-социјален статус

Економските експерти ни обрнаа внимание и на еден друг, поширок аспект на зголемување на (минималните) плати без економска поткрепа.
– Се соочуваме со глобален тренд на раст на цените. Покачувањето на цените е резултат на растот на увозните цени на енергентите и храната на глобалните пазари. Понудата е помала од повеќе причини, меѓу кои и војната во Украина. Последица на сето тоа е – раст на цените. Во вакви услови, ако се пуштат повеќе пари во оптек, како што се бара преку раст на платите, несоодветен со растот на продуктивноста, ќе дојде до нов притисок од страна на побарувачката. Зголемувањето на побарувачката, поради поголемото количество пари дополнително ќе ја подигне цената на производите. Тоа е таа инфлаторна спирала.
Никој не вели дека платите не треба да растат. Треба да растат и ќе растат. Треба да растат и платите во здравството и во културата итн. Но, пред сѐ треба да испорачаме економски резултат – раст и развој, да станеме свесни за глобалната ситуација и според тоа на кој начин ќе ги менаџираме сите сегменти во економијата. Примарно е сега економијата да застане на здрави нозе – велат нашите соговорници професори по економија.
Притоа професорите додаваат дека „во изминатите годините изостанале суштински елементи и инструменти со кои битно би се унапредила монетарната политика, фискалната политика, инструменти со кои би се поддржале извозно ориентираните фирми, механизми со кои би се поддржало модернизирањето на компаниите, развој на инфраструктурата…
– Изостануваат специјализираните „банки за развој“, кои јасно би го поддржале стопанството со „евтини пари“… Ние немаме земјоделска банка што би ги следела земјоделскиот развој и земјоделците итн. – нагласуваат соговорниците.
Но сите овие се посебни теми преку кои соговорниците обрнуваат внимание за еден „колосален предизвик од длабоки економски реформи што претстојат за реализација“, доколку сакаме, како последица од преземените реформи, да биде подигнат економско-социјалниот стандард на граѓаните на Македонија, што потоа ќе си дојде по себе, како што велат нашите соговорници професори по економија. Е.Р.