Скриено богатство под површината на Земјата
Една нова студија објавена во списанието „Сајенс адвансис“ открива дека Земјата крие огромен и неискористен енергетски потенцијал – трилиони тони водороден гас закопани длабоко под површината. Според истражувањето предводено од Џефри Елис од Геолошкиот институт на САД, оваа скриена резерва би можела да обезбеди доволно енергија за да го одржи светот во функција без да се потпира на фосилни горива во следните илјада години. Геолошкиот водород, познат и како „природен“ водород, се формира со природни геохемиски процеси длабоко во Земјината кора. Овој уникатен тип на водород се разликува од индустриски произведениот водород, кој често се добива од природен гас или преку електролиза на вода,. Според процените на истражувачите, вкупните геолошки резерви на водород би можеле да бидат околу 6,2 трилиони тони (5,6 x 1.012 метрички тони), што ја прави оваа супстанција потенцијално клучен извор на енергија со ниска содржина на јаглерод.
– Кога би можеле да искористиме само два отсто од овие резерви, би ги задоволиле глобалните потреби за водород во следните 200 години – вели Џефри Елис, главен автор на студијата.
Енергијата содржана во овие резерви далеку ги надминува сите познати резерви на природен гас. Дополнително, геолошкиот водород не произведува јаглерод диоксид за време на согорувањето, што го прави поеколошка алтернатива. Тоа може да игра клучна улога во намалувањето на емисиите и постигнувањето на глобалните цели за нето нула јаглерод.
– Ако светот е сериозен во врска со транзицијата кон одржливи извори на енергија, истражувањето и користењето на геолошкиот водород мора да станат приоритет – нагласува професорот Бил Мегваер од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Иако потенцијалот на геолошкиот водород звучи револуционерно, неговата експлоатација, сепак, се соочува со многу технички и логистички предизвици. Повеќето од овие резерви се наоѓаат на големи длабочини или во подморски области, што значително го отежнува нивното извлекување. Течниот водород во внатрешноста на Земјата постои под многу специфични услови, на високи температури од неколку стотици степени. Меѓутоа, за водородот да биде течен, мора да биде и под исклучително висок притисок, бидејќи при површински услови (понизок притисок) водородот брзо преминува во гасовита состојба. Во длабоките слоеви на Земјата, каде што притисокот и температурата се исклучително високи, водородот е стабилен во течна фаза. Геолошките бариери (како што се слоеви на карпи, минерали и длабоки притисоци) го спречуваат да стигне до површината. Освен тоа, за водородот да стане течен и да остане течен на површината, потребни се посебни услови за ладење, кои ги нема во површинските слоеви на Земјата. Откривањето на постоењето на течен водород во внатрешноста на Земјата е предизвик, а научниците често користат пресметковни модели и експерименти со висок притисок во лаборатории за да разберат како би можел да изгледа водородот и како би се однесувал во екстремни услови. Геофизичките истражувања (како што се сеизмичките истражувања, на пример) може да откријат и индикации за присуство на течен водород на големи длабочини.
– Развојот на инфраструктура за екстракција на водород од големи размери ќе бара огромни инвестиции и глобално координирани напори – објаснува Мегваер.
Сепак, има охрабрувачки примери. Веќе се идентификувани геолошки резерви на водород во Албанија и Мали, што сугерира дека слични наоѓалишта може да се откријат низ целиот свет. Истражувачите се уверени дека со соодветно финансирање и понатамошни истражувања, овој извор на енергија може да стане клучен за енергетската транзиција. Студијата исто така посочува дека земјите со високо ниво на употреба на фосилни горива се идеални за воведување на ова алтернативно решение. Со учество во истражувањето на нови извори, многу земји би можеле да ја намалат својата зависност од увоз на фосилни горива.