За разлика од порано, тапаните сега се изработуваат од пластика, која е со пократок рок на употреба, додека тапани од кожа ретко кој произведува во земјава. За изработка на еден тапан со готови материјали се потребни два-три дена

Алија Фазлиоски, кичевскиот тапанџија

Нема жител на Кичево што не слушнал или не го запознал Алија Фазлиоски, еден од најдобрите тапанари и тапанџии од Кичево, кој повеќе од половина век свири на свадби и секаков вид веселби, а повеќе од две децении изработува првокласни тапани од повеќе големини.
– Повеќе од педесет години свирам на свадби, а над две децении изработувам тапани од највисока класа, кои се изработуваат од орев и имаат долг век на траење. Инаку, изработката на тапани како занает ја научив од стариот мајстор за овој инструмент Рамиз Алимовиќ, мој сосед од иста улица во Кичево. За разлика од порано, тапаните сега се изработуваат од пластика, која е со нешто пократок рок на употреба, додека тапани од кожа ретко кој произведува во земјава. За изработка на еден тапан со готови материјали ми се потребни два-три дена. Инаку, цената на кожените тапани со пречник од 60 сантиметри изнесува 300 евра, додека тапаните од пластика се нешто поевтини и чинат 200 евра. Тапаните со помали димензии се разбира дека се и поевтини, а нивната цена во зависност од големината се движи од 50 до 100 евра – вели Алија.
Тој,покрај тапани, изработува и дајриња во сите големини, додека на тарабуките им ја менува единствено пластиката. Негови изработки на тапани се застапени во повеќе градови во земјава, почнувајќи од Охрид и Струга, Тетово и Гостивар, родното Кичево и Прилепско.
Тој нагласува дека во неговиот животен век од 66 години свирел на многу свадби, а своите почетоци ги бележи на 15-годишна возраст.
– Досега имам свирено на повеќе од 3.000 свадби и друг вид веселби. Прво бев тапанар, а со текот на времето се преориентирав на свирење на тапан или се преобразив во тапанџија. Нема село во Струшко, Кичево и Кичевско, Пласница, до повеќе села во Прилепско, каде што не сум свирел барем на една свадба. Ако ме служи здравјето, ветувам дека ќе свирам барем уште десетина години, а кога ќе ми откаже здравјето, ќе им кажам збогум на овој прекрасен инструмент и на свадбите и веселбите – раскажува Алија, кој, покрај изработката на тапаните, врши и нивна санација.
Голем дел негови колеги од сите градови од Македонија одат кај него за да ги санира нивните тапани, дајриња или тарабуки. Трпеливиот Алија може со часови да ви зборува за овој занает и за сѐ што доживеал на многубројните свадби, веселби и банкети низ земјава.