И не само обичните граѓани туку дури и луѓе од фелата говорат за апсурдите со кои често се соочуваат кога ќе завлезат во судските лавиринти, што јасно говори за тоа колку граѓаните се немоќни коректно да минат низ една (нормална) судска постапка, која во повеќето држави се минува за едно-две рочишта, одржани во временска рамка што е помалку од еден месец
Кога веќе е допрено дното, судството се задоволува и со „тројка“
Македонското правосудство ги доживува најтешките денови во сопствената историја, соочувајќи се со речиси непостојна доверба од граѓаните во сите сегменти што значат делење правда.
А кога граѓаните немаат доверба во она што значи владеење на правото, тоа се рефлектира и врз општата перцепција во македонското општество дека правдата во оваа држава е и слепа и глува, а судските лавиринти во кои завлегуваат граѓаните се една долга мачна голгота од која тешко или воопшто не се наоѓа излезот.
Сликата за македонското судство
Случаите со заглавени предмети, поткупливи судии и обвинители, длабоковкоренета корупција, непотизам, нестручност и партизација само ја дополнуваат сликата за македонското судство, како крајно неефикасен столб на трите власти во државата, покрај законодавната и извршната.
Ако досега истражувањата покажуваа одвај два отсто доверба во судството, најновите испитувања на јавното мислење покажуваат и дека граѓаните не се задоволни ниту од услугите што ги добиваат во судовите.
Анкетата спроведена од коалицијата „Сите за правично судење“ покажа дека граѓаните судските услуги ги оцениле со оценка „тројка“. Најниска оценка, „двојка“ е за брзината на постапување, а највисока „четворка“ е за односот на судската полиција. Кога станува збор за корупцијата, 40 отсто сметаат дека на еден или друг начин има поткупливост во судовите, девет отсто од испитаниците рекле дека им било побарано и дека дале поткуп за да им биде дадена одредена услуга.
Граѓанската оценка за судството: За едни – добра оценка, за други -поразителна(!?)
За претседателот на Здружението на судии, Иван Џолев, ова е добра оценка бидејќи е во рамките на просекот на судовите во земјите членки на ЕУ, два отсто довербата во судството што ја покажа анкетата на ИРИ, вели дека не ја одразувала вистинската состојба.
– Ние сме задоволни од резултатите бидејќи станува збор за резултати што се во рамките на просекот на земји членки на ЕУ. Се испостави дека довербата не е два отсто туку е многу повисока, да не речам 20 отсто. Треба сите заедно, извршната, законодавната и судската власт, да направиме длабоки анализи на овие анкети и заедно да договориме реформи во судскиот систем – истакна Џолев.
Од друга страна, за министерот за правда Игор Филков резултатите од анкетата се поразителни.
– Она што ме радува е што и фелата почна да се занимава со бројки, иако тие се во рамките на очекуваното и се лоши. Да оставиме да ги анализираме, да ги разгледаме и да видиме како понатаму. Ова е поразително. Со сегашниот закон нема таква опција, се разгледуваат сите опции – порача министерот за правда.
Според перформансите, со најдобра оценка е Граѓанскиот суд, втор е скопскиот Кривичен суд, а потоа се Врховниот и Апелацискиот суд. Анкетата е спроведена во декември на 1.100 испитаници, помеѓу обвинети, сведоци, вештаци, адвокати и новинари.
Но, во реалност, задоволството на граѓаните од судските услуги и од судските процеси е далеку од добро, така што е неопходно итно да се направат сериозни реформи.
– Скапи се таксите за поднесоци, а секое ново дополнување се плаќа. Најтрагично од сѐ се долгите процеси, одолжувањата со многу рочишта само за да се земаат пари од граѓаните. Ако еден случај може да се реши во две-три рочишта, намерно се одолжува за да се плаќа дополнително. Постои спрега и меѓу одредени судии и адвокати, кои за пари или блокираат некаков предмет со години или пресудуваат спротивно на правото. Ние како граѓани ако сакаме да завршиме некоја работа преку суд, на пример да се спроведе оставинска постапка, бракоразводна парница или слично, треба однапред да се подготвиме за мачна борба со години, без надеж дека правдата ќе биде задоволена, туку дека ќе биде пресудено во полза на оној што има повеќе врски и пари. Затоа немам доверба ниту во судството ниту во судските услуги – вели Мирослав Балевски од Скопје.
Предмет во фиока на ЈО криен десет години во врска со нарачка за физичка ликвидација на наш познат адвокат
И не само обичните граѓани туку дури и луѓе од фелата говорат за апсурдите со кои често се соочуваат кога ќе завлезат во судските лавиринти, што јасно говори за тоа колку граѓаните се немоќни да истераат една нормална судска постапка, која во повеќето држави се истерува за едно-две рочишта во помалку од еден месец.
Адвокатот Тони Менкиноски, кој извојувал многу судски победи во Судот за човекови права во Стразбур, говори за проблемите со кои се соочува кога треба да истера некоја постапка во македонските судови, кога буквално се кријат и уништуваат предмети.
– Имаше нарачка од туѓа држава за моја ликвидација уште пред десет години, при што во тој случај се вмешани двајца полицајци и четворица извршители-рекетари. Предметот во кој има јасни нарачатели, помагачи, извршители и прикривачи веќе десет години стои скриен во фиока во Јавното обвинителство и тоа нема ништо преземено. Во тој предмет имаат учествувано двајца обвинители што подоцна работеа во Специјалното јавно обвинителство, како и една обвинителка што го помилува поранешниот премиер, и за тоа добиваат заслуги – ни потврди адвокатот Менкиноски, кој оваа шокантна информација во јавноста за првпат ја изнесе во своето телевизиско гостување во „Заспиј ако можеш“.
Според него, иако од негова страна биле доставени сите потребни документи, Јавното обвинителство не му одговорило, туку трипати ги губело документите и нема никаква одговорност.
– Замислете, ако тоа ми се случува мене како адвокат, што е со другите. Македонците мора да се охрабрат и да почнат да си ги кажуваат проблемите пред јавноста. Ако сакаме ред во правосудството, мора јавно да се изнесуваат работите. Треба да се срамат оние што ништо не презеле во Република Македонија околу овој случај. Постојат луѓе што со прикривање на предметот добро се „нафатирале“. Тоа е таа методологија кај нас, дека одреден проблем не постои, а тој постои, само нема кој да го каже. Се игнорира, а одредени луѓе живеат многу комфорно, а многу луѓе страдаат. Во Македонија има многу вакви лични примери и ги охрабрувам да се охрабрат и да ги кажат. Кога јас како адвокат можам да го кажам мојот предмет пред јавноста, треба и другите да го прават тоа. Не е најлошото тоа што јас сум бил физички стравотно нападнат, туку тоа што десет години овој предмет е прикриен, го нема предметот, исчезнал. Тоа им се случува на сите македонски граѓани и затоа бегаат од државата, се чувствуваат несигурно – појаснува Менкиноски.
Тој уште додава дека сета судска неажурност ја плаќаат граѓаните на еден или на друг начин.
– Ние граѓаните ја плаќаме сметката од нефункционирањето на целиот систем. Многу е битно да имаме ефективен и ефикасен систем на правна заштита во една држава. Ние 30 години имаме тамбурашки оркестар во судството. Треба да имаме ефикасност и ефективност на правдата, тоа е она што е суштина – заклучува Менкиноски.