Смилевски откако мина низ училишната секција почна да настапува за БК Вардар, потоа и за второлигашот БК Скопје, а со Куманово ја почувствува и прволигашката конкуренција. Тој е успешен тренер и учесник на европско и на светско првенство. Со Тони Насковски на профи-рингот стигна и до Интерконтиненталната титула
Миле Смилевски (2)
За почетоците на еден од нашите најпознати боксери и тренери Миле Смилевски веќе пишував. Основните елементи на боксот тој ги совлада во училишната боксерска секција во гимназијата „Орце Николов“ под будното око на првиот македонски боксерски тренер, повратник од Египет, Страхил Андреевски. Потоа, откако стана член на БК Вардар, тој мина и низ рацете на познатите боксери Миле Андреевски-Штука и Перо Трајковски. Со оглед на фактот што уште во почетокот им го привлече вниманието на стручњаците за него беше заинтересиран и второлигашот Скопје, а потоа и прволигашот Куманово. Така, тој со стручната помош на тренерите, во Скопје прво со Живко Дуковски, а потоа и со Живорад Шишковиќ, брзо навлегуваше во тајните на боксот и стана стандарден во скопскиот второлигаш, кој имаше тешки мечеви со екипите од Србија, Косово и од Црна Гора. Сето тоа му овозможи тој да го добие потребното искуство, кое е многу значајно, особено за помладите боксери. Затоа, мечевите со искусните асови, Фекиќ (Дубочица), Махмудовиќ (Никшиќ) и Јашаревиќ (Иванград), беа од големо значење за Миле да види до каде е и дали може да очекува нешто повеќе на боксерската сцена. Откако се увери дека може, тој ја смени клупската боја и стана член на БК Куманово, кое токму во тој период (1977 година) се пласира во Првата југословенска лига. Овде задолжен за стручната работа беше Мирослав Петровиќ, кој многумина (тоа беше и вистина) го вбројуваа меѓу најелитните југословенски тренери, а своевремено имаше чест да работи и со легендарниот Мате Парлов.
– Бев навистина среќен што имав можност да тренирам со најголемите македонски и југословенски тренерски имиња. Сите тие на свој начин имаа заслуги за кревањето на мојот квалитет, што од друга страна, пак, резултира со моите настапи, прво во второлигашката конкуренција во дресот на БК Скопје, а потоа една сезона и со настапите за БК Куманово, кога екипата се натпреваруваше во Првата југословенска лига – вели Миле Смилевски.
Старт со победа во првата рунда
Инаку, првите официјални мечеви Миле Смилевски ги имаше под водството на Перо Трајковски за БК Вардар. Тоа беа настапи во рамките на првенството на Македонија за младинци, а потоа и за сениори. Во младинска конкуренција немаше проблеми и секогаш победуваше, но прашање беше како ќе им се спротивстави на сениорите? Тоа ги интересираше и боксерските љубители, кои веќе имаа можност да го следат и горе-долу да се запознаат со неговите квалитети. Меѓутоа, не е исто да ги вкрстиш ракавиците со младинец или, пак, со искусен сениор што зад себе имал многу мечеви.
– Од тие причини сите оние што ме познаваа со нетрпение очекуваа да видат како ќе се однесувам во борбите со сениорите. Дури и јас самиот сакав да се преиспитам и да видам кои се моите вистински можности. Инаку, пред да стапнам на сениорската сцена, во мислите секогаш ми беше оној прв меч како младинец, кога во Битола, во полувелтер-категорија, уште во првата рунда го декласирав штипјанецот Илков. Мечот беше прекинат, а јас поради ваквиот исход бев презадоволен и среќен. Тогаш си помислив и си реков, добро е, само вака да продолжам. Потоа окуражен од ваквиот старт со уште поголем ентузијазам влегував, не само на мечевите туку и на тренинзите. И покрај секојдневните обврски дома и на училиште, гледав да не испуштам ниту еден тренинг. А мора да кажам оти имав и страв од реакцијата на тренерот, доколку сум го испуштил претходниот тренинг. Затоа, за да си немам проблеми, гледав на секој начин да бидам присутен на сите тренинзи. Впрочем, тоа беше и единствениот пат да дојдам и до првотимскиот дрес. Така, со неполни 18 години тренерите ме фрлија во оган и почнав да боксувам со сениорите, кои нормално беа многу поискусни и знаеја како да се однесуваат на рингот. Јас, пак, иако многу помлад бев внимателен и мудар во текот на борбите, па така, знаев како да се справам со нив. Никогаш, ако почувствував оти ривалот е посилен од мене, не одев по секоја цена во офанзива. Знаев дека тоа може да биде кобно за мене и секогаш цврсто стоев на рингот без да влегувам во непотребни ризици. Таквиот начин на борба можеби не беше толку атрактивен, но за мене беше корисен – вели тој.
Незаборавни дуели со Белџигеров
Во сениорска конкуренција, во времето на Смилевски имаше неколку одлични боксери. Но тој најмногу се сеќава на двата меча со битолчанецот Белџигеров.
– Тој беше многу силен боксер, техничар, но и со силен удар. Тешко беше да се боксува со него зашто едноставно, јас како противник не можев да претпоставам од која страна ќе дојде вистинската опасност. Белџигеров изгледаше некако мирно, воопшто кај него не се забележуваше некаков страв. Кога, пак, ќе дојдеа неговите пет минути беше пеколен. Едноставно не можеше да се предвиди во кој момент од која страна и со каков удар ќе нападне. Затоа, во двата меча што ги имав со него бев многу внимателен. Во едната борба успеав да извлечам нерешено, додека во втората пред неговата публика во Битола бев поразен. Тој беше понесен од публиката и просто леташе по рингот, а мене ми остануваше да тактизирам и да избегнувам фронтална борба зашто тоа за мене можеше да биде опасно. Во една таква ситуација, во која гледачите како да му дадоа крилја, јас само настојував без последици по мене да ја завршам борбата. Белџигеров во тој дуел беше супериорен и заслужено ме победи. Но морам да кажам оти двата меча со него засекогаш ќе останат во мојата меморија – вели Миле.
Слични битки Смилевски имаше и со штипјанецот Желев. И тој беше солиден боксер, кој имаше и добра техника. Со него работеше познатиот тренер Чурлинов.
– Самиот овој факт беше доволен да бидам внимателен, зашто знаев оти Чурлинов ќе го насочи токму во вистинскиот правец во текот на борбата. Сепак, во дуелите со него бев поуспешен. Од четирите борби што ги имавме, јас победив во три. Но морам да кажам дека сите дуели докрај беа неизвесни и израмнети, па така, не се знаеше кој ќе биде победник. Публиката со нетрпение ја очекуваше одлуката на судиите, а откако таа ќе беше соопштена без разлика кој и да беше победник бевме наградувани со аплауз – продолжи Смилевски.
Тренер на два македонски аса
На домашната сцена имаше уште неколку противници, кои претставуваа тврд орев за него. Меѓу оние од кои особено беше инспириран кога излегуваше на рингот беше и кумановецот Адамовски.
– Со него имав една голема битка на „Златниот гонг“ во преполната сала во „Кале“. Извојував победа и влегов во финалето во кое ме очекуваше полскиот првак Ришард Василевски, кој имаше медал и од ЕП. Одбоксував максимално, но, за жал, не стигнав до победата. Мали нијанси одлучуваа за тоа кој ќе биде победник. На крајот судиите му ја доделија победата на Полјакот. Не бев разочаран, туку напротив, се чувствував горд зашто не беше срамно да се загуби од еден таков ас со меѓународна репутација – вели Миле.
Кон крајот на 70-тите години, кога БК Куманово влезе во Првата лига, по барање на тренерот Петровиќ, Миле Смилевски дојде да го засили единствениот македонски прволигаш во тоа време. Во прволигашката конкуренција имаше неколку меча, кои добро му дојдоа за да добие искуство повеќе, кое подоцна многу му користеше во тренерската работа.
Како тренер Смилевски не само што беше успешен туку може да се каже и дека беше поуспешен одошто кога беше активен боксер. Тој го заврши тренерскиот курс во Сараево во 1985 година и веднаш потоа дебитира како тренер во боксерската секција на ОУ „Владо Тасевски“. Меѓутоа, неговите тренерски квалитети дојдоа до полн израз откако го формира БК Водно. Тука создаде една плејада млади боксери меѓу кои со својот квалитет отскокнуваа Тони Насковски, Тони Јаневски, Зоран Јованов и Горан Ристовски. Со првите двајца учествуваше на ЕП во Вејле, а во 1995 година ја предводеше оваа двојка и на Светското аматерско првенство во Берлин.
– Овде, доколку не добиеше повреда од непрописен удар во слабината во првата рунда, Насковски можеше да се бори и за медал. Навистина беше во голема форма, што се потврди и на меѓународниот турнир „Странџата“ во Бугарија, кога стигна до финалето и тука во една рамноправна борба со Кубанецот Меса, која заврши без победник, 4-4, сепак со судиско надгласување победата му беше доделена на Меса. Инаку, на СП во Берлин, Тони Јаневски ја извојува првата победа по осамостојувањето на Македонија на едно светско првенство. Тој го совлада шампионот на Канада, но во второто коло беше елиминиран. На крајот беше рангиран на седмото место – вели Смилевски.
Миле Смилевски неколку години им беше тренер на Насковски и на Јаневски на професионалната сцена. Двајцата имаа по 12 меча, во кои извојуваа исто толку победи. Насковски како професионалец стигна и до Интерконтиненталната титула, што беше најголем успех во неговата кариера.
Тука некаде ја завршувам приказната за нашата боксерска легенда Миле Смилевски. Тој навистина имаше еден плоден спортски живот како активен боксер, подоцна и како тренер. Нема сомнение оти зад себе остави едно убаво време на кое ќе се сеќаваат љубителите на „благородната вештина“ во Македонија.