Најмалиот број англиски тренери во цела сезона во Премиер-лигата е шест (во 2011/2012, 2012/2013 и во 202320/24), а досега сезонава петмина водеа мечеви. Од формирањето на Премиер-лигата во сезоната 1992/1993, ниту еден англиски менаџер не ја освоил титулата, но во други земји тоа е сосема поинаква приказна, пишува „Би-би-си“
ФУДБАЛ
Во англиската фудбалска Премиер-лига имаше само двајца англиски менаџери или главни тренери, што е понизок вкупен број од кога било досега, пишува „Би-би-си“. Шон Дајч во Евертон и Еди Хау во Њукасл се двата домашни претставници. Киеран Мекена од Ипсвич е роден во Англија, но израснат во Северна Ирска и играше за таа репрезентација на младинско ниво. Освен овие, во англиската врвна лига нема менаџери од Британските Острови, пишува „Би-би-си“. Дајч неодамна беше заменет со Дејвид Мојес од Шкотска.
Поранешниот тренер на Вулверхемптон, Гери О’Нил и вршители на должноста (в.д.) тренери Бен Досон (Лестер) и Сајмон Раск (Саутемптон) се единствените други Англичани што водеа натпревари во Премиер-лигата сезонава. Најмалиот број на англиски тренери во цела сезона во Премиер-лигата изнесува шест (во 2011/2012, 2012/2013 и во 202320/24).
Дали бројот постојано опаѓа?
Во првата сезона од Премиер-лигата, 1992/1993 имаше само еден тренер што не беше Британец, а тоа беше Ирецот Џо Кинеар од Вимблдон. Во првите четири сезони, Освалдо Ардилес беше единствениот менаџер од подалеку од Даблин, пишува „Би-би-си“. Како што опадна бројот на англиски менаџери, така и бројот на британските тренери од 22 во првата сезона падна на осум во 2024/2025 (цела сезона, вклучувајќи ги и в.д.). Бројката не опаѓа сезона по сезона, затоа што во 2011/2012 и 2012/2013 имаше само шест англиски тренери, во споредба со 15 во 202220/23. Но во сезоните 2011/2012 и 2012/2013 бројот на британските менаџери беше 17, односно 15. Има пет шпански и четворица португалски менаџери или главни тренери во моментов во Премиер-лигата, наспроти тројцата од Велика Британија. Околу 60 насто од сегашните тренери во Англиската фудбалска лига (АФЛ, пониски дивизии) се Англичани, пишува „Би-би-си“.
– Премиер-лигата е најсилната лига на планетата. Многу британски тренери имаат тенденција да бидат тренери по пласман во Премиер-лигата. Значи, реалноста е, освен ако не добивате масовна финансиска поддршка за скокот од Чемпионшип во Премиер-лигата, да се борите за останување во лигата. Не го добивате тоа признание (во АФЛ) колку што би добиле, на пример, ако сте имале голем успех во странски лиги. Имате подобри шанси да добиете можност со клуб од Премиер-лигата отколку како навистина добар менаџер во Чемпионшип – вели за „Би-би-си“ поранешниот тренер во АФЛ Мајкл Еплтон.
Зошто се случува тоа?
Тренерот на Евертон, Дајч, кој претходно ги водеше Вотфорд и Барнли, неодамна беше прашан за недостигот од британски тренери во Премиер-лигата.
– Никогаш не сум се чувствувал поинаку, ако си добар, добар си, а ако не те сметаат за доволно добар, тогаш не си. Резултатите обично укажуваат на тоа патување и бројот на странски сопственици во Премиер-лигата значи дека не е изненадување што имате многу странски менаџери. Тоа никогаш не ми пречело и ако си доволно добар за да ја добиеш работата, ќе ја добиеш. Резултатите на крајот се она што ги чини сите менаџери, без разлика од каде сте на планетата – рече тој.
Значи, дали англиските менаџери треба да гледаат да се преселат во странство, како што често прават нивните меѓународни колеги? Единствените англиски тренери што работат во најдобрите европски лиги се Лиам Росениор во Стразбур и Вил Стил, кој е роден и израснат во Белгија и е на чело на Ленс.
– Тоа е речиси меч со две сечила. Очигледно, ако не можеме да го зборуваме јазикот, веројатно нема да ја добиеме можноста, а потоа, бидејќи веројатно знаеме дека ќе ни недостигаат можности, веројатно нема да се пријавиме. Фрустрацијата е што не гледам шпански, португалски или француски, дури и некои скандинавски клубови да ги сфаќаат британските тренери сериозно како нивните. Тоа веројатно е малку поради факторот колку е голема Премиер-лигата и квалитетот на играчите што доаѓаат. Речиси како да создадовме ситуација кога, поради тоа колку е голема Премиер-лигата и колку е светска, тоа беше малку на штета за некои од можностите што им се потребни на британските тренери – вели Еплтон, кој досега ја помина својата кариера во Англија, пренесе „Би-би-си“.
Што може да научат англиските тренери од странски колеги?
Еплтон раководеше со Портсмут, Блекпул, Блекбурн, Оксфорд, Линколн и со Чарлтон во фудбалската лига. Неговото менаџерско искуство во Премиер-лигата е два натпревара, и двата со победи, како в.д. во Лестер, во 2017 година. Тој се сеќава на разговорот што го имал на курсот на Здружението на менаџери во лигата со Португалецот Карлос Карвалхал, кој раководеше со Шефилд венздеј во Чемпионшип и со Свонси во Премиер-лигата.
– Една од работите што ми ги кажа беше: „Едноставно не се промовирате доволно. Речиси го намалувате тоа. Не им кажувате на луѓето колку сте добри“. Реков дека тоа навистина не е наш стил, но тој рече: „Тоа нема да ви донесе работа. Ќе влезам во собата и во основа ќе им кажам на сите колку сум добар и што правам и колку е неверојатно тоа, без разлика дали верувам или не, затоа што знам дека ќе ми даде можност“. Беше фасцинантно затоа што бевме неколкумина околу масата, британските момци мислеа дека тој има поента, не зборуваме за нашиот успех како што прават некои од странските тренери – изјави Еплтон, пренесе „Би-би-си“.
Споредба со другите земји
Премиер-лигата со своите 10 отсто англиски менаџери има најмала бројка од најдобрите лиги во Европа. Во Серија А, 16 од 20 менаџери се Италијанци (80 проценти), а Ла лига има 14 Шпанци од 20 (70 насто), во Лига 1 и во Бундеслигата вкупно има по девет од 18 (50 проценти домашни тренери). Тоа беше пред Унион Берлин да го смени данскиот шеф Бо Свенсон неодамна, пишува „Би-би-си“.
Што е со менаџерите што освојуваат титули?
Од формирањето на Премиер-лигата во сезоната 1992/1993 ниту еден англиски менаџер не ја освоил титулата. Хауард Вилкинсон со Лидс беше последниот што ја освои титулата во Англија, во претходната сезона. Четворица Италијанци ја освоија Премиер-лигата како менаџери, плус двајца Шкоти (вклучувајќи го и 13-кратниот победник Алекс Фергусон). Титулата ја освоија и тренери од Франција, Португалија, Чиле и од Германија.
Хари Реднап со Портсмут беше последниот англиски менаџер што освоил голем трофеј со тим од Премиер-лигата, ФА-купот во 2008 година. Стив Мекларен ја освои холандската титула со Твенте во 2010 година. Последен пат англиски менаџер освои второ место во Премиер-лигата во 1996 година, Њукасл на Кевин Киген.
Но во други земји тоа е сосема поинаква приказна. Од 1992 година, Жозе Мурињо двапати со Интер и Свен Горан Ериксон со Лацио се единствените неиталијанци што ја освоиле Серија А. Околу 24 титули во Бундеслигата освоија Германци во тоа време и 23 титули во Лига 1 Французи. Во Шпанија, 14 од последните 32 титули ги освоија Шпанци. Италијанецот Карло Анчелоти во тоа време ја освои титулата во сите пет земји. Исто така, англиските тренери воделе само 75 натпревари во Лигата на шампионите, во споредба со над 1.000 од Италијанци.
И ова се протега и на меѓународно ниво. Англија третпат има странски селектор во Томас Тухел, по Ериксон и Фабио Капело, сите од 2000 година. Ниту една друга земја победник на светското првенство немала толку многу, пишува „Би-би-си“. Германија никогаш не ангажирала странски селектор, а последниот на Аргентина беше во 1934 година. Последниот селектор странец на Бразил беше во 1965 година, а единствениот странски селектор на Италија беше назначен во 1966 година. Франција последен пат имаше странски селектор во 1975 година. Шпанија никогаш немала вистински странски селектор, со неколку тренери со двојни државјанства што ја презедоа одговорноста, последен пат во 1982 година, Хозе Сантамарија, кој играше за Уругвај и за Шпанија. Уругвај назначи само двајца странски селектори, вклучувајќи го и сегашниот, Марсело Биелса.
Има ли и повеќе странски играчи?
Сега е вообичаено да има мнозинство странски играчи во повеќето врвни лиги во Европа, пишува „Би-би-си“. Само 33 отсто од играчите во Премиер-лигата сезонава се Англичани (163 од 493). Но, во Серија А, Италијанците се само 34 проценти, француски играчи има 37 отсто во Лига 1 и 43 проценти од играчите се Германци во Бундеслигата, а во Ла лига 60 отсто од фудбалерите се Шпанци, пишува „Би-би-си“. Н.М.