Големото загадување на воздухот во Струмица со ПМ 10 честички, надминатиот праг на алармирање, и стапување во сила на препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање по четврти пат, денеска ги крена на протестен марш струмичките екологисти и граѓаните. Протестот беше под мотото „Забрането дишење“, во организација на Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица.
Организаторите побараа спроведување на план за итни мерки и долгорочни решенија за заштита на животната средина во Струмичката котлина и за намалување на загадувањето со вонредни и краткорочни мерки.
-Привремена забрана за работа на индустриските погони со висок степен на загадување додека не се инсталираат филтри и не се потврди усогласеност со еколошките прописи, контрола на согорување на опасни и несоодветни материјали во пластениците и индустриските објекти со дваесет и четири часовни патроли, користење на рачни мерачи и дронови, итно затворање на дивите депонии кои испуштаат токсични гасови, нивна санација и физичко обезбедување на локациите со камери и бариери, зачестена контрола на нелегална сечна на огревно дрво, забрана за дотур и пуштање во промет на огревно дрво што не е отстоено во склад осум месеци од денот на сечење – рече Оливера Аризанова Мансабрт, која ги пренесе барањата на екологистите.
Таа истакна и други барања за намалувањето на загадувањето кои ќе бидат доставени до надлежните за да постапат по нив.
Според Стојан Велков Трн, институциите кои треба да се справуваат со загадувањето спијат и има несовесни загадувачи кои горат се си сешто во своите печки.
-Ова загадување е масовно убиство на Македонија. Ова загадување го има во сите градови, но Струмица води, таа е втора во Македонија, седма во Европа – истакна Велков Трн.
Според Ѓорги Танушев, советник во Советот на Општина Струмица од Коалицијата „Стига“ и еколошки активист, воздухот е многу загаден и според медицинските статистики Струмица е на врвот според болестите предизвикани од тоа.
-Според статистиката од Институтот за јавно здравје за 2023 година Струмица е прва по циркулаторни болести на млади луѓе до 18 години. Ова е катастрофа. Ова се официјални медицински податоци и се исти како во Битола со која го делиме првото место, но ние го немаме РЕК Битола. На второ место е Кичево каде е РЕК Осломеј, а Струмица што има? – рече Танушев.
Протесниот марш се одвиваше по улиците на Струмица, а заврши пред зградата на Општина Струмица каде беа прочитани барањата на екологистите за намалување на загадувањето.