Збирката раскази „Еднорози“ од Барбора Хринова излезе деновиве во издание на „Перун артис“ и во превод на Звонко Танески. „Еднорози“ е збирка раскази чии современи контексти се многу блиски до нашите никогаш несфатени трауми, до нашето лично недоразбирање, до наметнатата самотија и до самодеструктивноста, која е, се чини, во овој дваесет и први век најголем непријател на љубовта.
– Барбора Хринова, голема словачка прозаистка, која е и сценаристка и документаристка, со својот стил нè пренесува во еден многу чуден свет, кој произлегол од секојдневието, се вгнездил во нашите фантазмагории и на многу луциден начин повторно заминал кај некои други протагонисти на незабележливото, но многу присутно во нас „секојдневие“. „Еднорози“ плени не само со прекрасните стории на осамените ловци на живот туку и со својата порака, која предупредува на погубноста од животните одлуки, кои не само што не се менуваат туку и остануваат како трајна лузна што не се залекува – велат од „Перун артис“.