Интервју со Никица Мојсоска-Блажевски, главна извршна директорка на „Македонија 2025“
Ќе се менуваат ли приоритетите и мерките што ги користи невладиното здружение „Македонија 2025“, ќе се ревидираат ли целите и постигнатите ефекти и може ли да очекуваме нови проекти во следниот период? „Македонија 2025“ годинава одбележува година кога, во согласност со најавите при основањето, се тежнееше да се дојде до едно ниво на поголема економска развиеност на нашата земја.
Разговараме со проф. Никица Мојсоска-Блажевски, главна извршна директорка во „Македонија 2025“, токму за целите на здружението и идните планови за поддршка на нашата земја. Секако неизбежно беше прво да прашаме дали оваа година ќе се прави ревизија на целите или проектите што се спроведуваат.
– Целта на основањето и дејствувањето на „Македонија 2025“ е да помогне во изградба на посилна нација, просперитетна економија – лидер во регионот, која нуди подобри можности за граѓаните и за компаниите. Нашата цел и мисија се исти од основањето, а со сигурност ќе продолжат и во иднина. Годинава организацијата слави „полнолетство“, 18 години, а дојдовме и до годината што беше поставена како година во која би се постигнале нашите цели, година означена и во името.
Во изминатите години, организацијата се развиваше, се адаптираше според потребите и предизвиците со кои се соочуваше Македонија и континуирано созреваше, градејќи цврста основа за раст и влијание. Почна од убава идеја и апел за помош до дијаспората од еден претходен премиер и претседател на Македонија, а формално се основаше во 2007 година. Изминатите години беа исполнети со подеми и падови, со светли моменти кога организацијата придонесуваше многу за просперитетот на Македонија, но и моменти кога стоевме на маргините на економскиот и општествениот живот, заради различни интерни и екстерни фактори.
Кога беше основана „Македонија 2025“, постоеше силно верување дека до 2025 година, Македонија може значително да го затвори развојниот јаз со развиените европски земји, што значи дека граѓаните ќе уживаат висок животен стандард и бизнисите ќе напредуваат. Неколку години по основањето ја воспоставивме матрицата на индикатори за мерење на напредокот на земјата кон посакуваниот исход и цели, наречена контролна табла на индикатори. Накусо, матрицата е олицетворение на мотото на „Македонија 2025“, „градење посилна нација“. Со матрицата се поставени мерливи цели за 15 индикатори, кои сметаме дека се најважни за следење и оценка на прогресот на земјата. Некои од индикаторите се чисто макроекономски индикатори, како што се растот на БДП по жител, стапката на невработеност и слично, но дел од индикаторите се овозможувачки индикатори, како на пример владеењето на правото, вештините на работната сила итн. Матрицата обезбедува потранспарентна и компаративна перспектива за напредокот на Македонија базирана на податоци и поставува цели за индикаторите што би сакале да се постигнат до 2025 година. Веќе сме во 2025 година, но, за жал, постигнувањето на целите е мошне ниско. Македонија значително заостанува зад планираната траекторија и поставените цели.
Какви се досегашните резултати од спроведените проекти и дали може да се очекуваат нови мерки за поддршка на домашната економија?
Како организација се обидуваме на различни начини да придонесеме за напредокот на земјата. Како невладина организација, кај нас работењето зависи од многу фактори, вклучувајќи и од соработката со Владата. Нашето дејствување е главно во Македонија, но и меѓународно. Најголем дел од финансирањето доаѓа од членови и пријатели, од Одборот на директори и другите тела во организацијата, што нѐ прави независни, аполитички, но од друга страна и ограничени во дејствувањето.
Нашите најзначајни програми се во две категории, поддршка на таленти и лидери и директна и индиректна поддршка на бизнисите. Поддршката на таленти и лидери опфаќа различни корисници, од млади талентирани деца што доаѓаат од социјално ранливи категории, до менаџери на македонски компании и претприемачи. Ова го правиме преку различни стипендии за талентирани млади ученици и студенти, менторирање, врвни обуки за извршни директори и менаџери итн. Веруваме дека преку овие програми го поттикнуваме развојот на човечкиот капитал и придонесуваме кон побрз економски развој, поголема продуктивност, но, се надеваме, и кон забавување на одливот на мозоци.
Во втората група програми, за поддршка на бизнисите, им помагаме на компаниите да ги надминат главните предизвици поврзани со растот и извозот, користејќи експертиза од искусни професионалци од Канада и од светот. Преку нашата онлајн платформа „Connect2MK“, на компаниите од Македонија им овозможуваме пристап до глобална мрежа на успешни професионалци од дијаспората, кои нудат менторирање, поддршка во вмрежувањето и помош при пронаоѓање соодветни партнери за странски пазари. Дополнително, обуката што ја организираме со бизнис-школата „Ајви“, наречена „Лидер“, има цел да им помогне на младите претприемачи да ги развијат своите деловни вештини, да го унапредат работењето на своите компании или да основаат нови бизниси. Ефективноста на нашите програми ја потврдуваат самите учесници, чија позитивна повратна информација и напредок се најголемите индикатори за успех. Досега во нашите програми учествувале околу 615 компании.
Покрај овие програми, голем дел од нашата работа е фокусирана на реформи за подобрување на деловното опкружување и реформи што ќе помогнат Македонија да стане силна демократија. Нашата „Платформа за просперитетна иднина“ идентификуваше седум области што се клучни за долгорочниот развој на Македонија. Истата таа беше поддржана од сите политички партии, бизнис-асоцијации, како и од академијата. Преку платформата влеговме во нова област на дејствување, дигитализација. Изминатите три години активно работиме на поддршка на дигитализација на микро, мали и средни претпријатија во Македонија (преку нашиот Центар за дигитална трансформација, „ГоДигитал“), како и поддршка на Владата во напорите за дигитализација на услугите за граѓаните и бизнисите.
Во 2024 година, подготвивме Визија за забрзан економски раст, преку која работевме на застапување реформи во три области: зголемување на конкурентноста на македонските бизниси, дигитализација и дигитални вештини, олеснување на повратната миграција и полесен пристап на странци за туризам, работа и основање бизнис во Македонија. Приемот на визијата беше одличен и голем дел од предложените реформи и мерки се дел од Планот за работа на Владата 2024-2028.
Голема поддршка е вложена и во образовниот процес, се нудат повеќе стипендии за младите. Колку стипендисти досега беа поддржани и дали овие програми остануваат и во иднина?
– „Македонија 2025“ го препознава образованието како основа за создавање идни лидери и професионалци што ќе го поттикнат општествениот и економскиот развој на Македонија. Нашата посветеност кон образованието се рефлектира преку внимателно осмислени и структурирани програми, кои се дизајнирани да ги поддржат младите таленти, студентите и професионалците на различни нивоа од нивниот образовен и кариерен пат. Досега обезбедивме финансиска, менторска и практична поддршка за значителен број стипендисти, во различни категории.
1. Поддршката на млади таленти и студенти – програмата „Атанас Близнаков“ за студентска извонредност е една од најзначајни образовни иницијативи, преку која се доделуваат годишни стипендии во износ од 2.500 американски долари. Од 2021 година до денес, преку оваа програма поддржавме 229 студенти, кои ги започнаа своите студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, овозможувајќи им финансиска стабилност и мотивација за академски успех. Преку фондот за поддршка на талентирани средношколци „Таленти денес – лидери утре“, од почетокот на програмата во 1999 година до денес, поддржавме 65 средношколци. Иницијативата има цел да ги препознае, да ги поддржи младите со извонреден потенцијал и да ги поттикне да продолжат со развојот на своите способности и таленти.
Покрај финансиска поддршка обезбедуваме и менторска и професионална поддршка за стипендистите. Овие активности вклучуваат обуки за личен и професионален развој, можности за пракси во истакнати македонски компании и разни програми за насочување кон кариерен успех.
2.Програмите за усовршување на извршните директори и менаџери претставуваат значаен дел од нашата мисија за поддршка на професионалниот развој на лидерите, кои веќе активно дејствуваат во корпоративниот свет. Една од нашите најпрестижни програми е програмата за извршно образование „Зaфировски“, преку која 46 врвни македонски професионалци имаа можност да посетат тринеделни програми за извршно образование на школата за менаџмент „Келог“ при Универзитетот „Нортвестерн“ во САД. Покрај тоа, нашата програма за извршно образование во Канада поддржа 41 менаџер од средно до високо ниво на лидерство, кои се стекнаа со уникатно искуство преку обука на некои од најдобрите образовни институции во Канада, како што се бизнис-школата „Шулих“ при Универзитетот „Јорк“ и школата за бизнис „Смит“ при Универзитетот „Квинс“. Учесниците имаат можност да разменуваат искуства со врвни компании и професионалци од Северна Америка, што значително го проширува нивниот деловен хоризонт и ги поттикнува на иновации.
3. Иницијативите насочени кон основците и средношколците во областа на науката и технологијата претставуваат клучен сегмент од нашата мисија за поттикнување иновативен дух и академски развој кај младите генерации. Програмите како „Охрид камп за технолошка извонредност“, „Науката и јас“ и „СТЕМувај како девојка“ се специјално дизајнирани да ги инспирираат основците и средношколците да развијат интерес за науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ), како и да ги охрабрат да ги изберат овие области како идни кариерни патеки. Во последните пет години, резултатите од овие иницијативи се импресивни. Организирани се над 10 научни кампови, кои им овозможија на учениците практично да се запознаат со науката и технологијата. Одржани се над 25 мотивациски предавања со учество на истакнати експерти, како и 12 видеопоткасти, со цел да се приближи науката до пошироката публика. Исто така, реализирани се шест саеми за наука, каде што учениците имаа можност да ги презентираат своите проекти и идеи. Во рамките на овие програми, 20 училишта беа опремени со современи сетови за наука, а над шест посети на локални компании во областа на иновациите им овозможија на учениците да добијат увид во реалните процеси на иновација и технологија. Преку овие иницијативи, директно се поддржани повеќе од 1.100 средношколци и 2.200 ученици од основното образование, што е доказ за нашата посветеност кон градење идни генерации со силна основа во науката и технологијата.
Колку основачкиот тим и тимот што стои зад функционирањето на „Македонија 2025“ се задоволни од она што досега е постигнато и што да очекуваме во иднина?
– Како организација посветуваме големо внимание на следење на нашиот напредок и ефективноста на нашите програми. Сепак кога имплементирате програми за општо добро и подобрување на општествено-економскиот развој, резултатите или ефектите не се секогаш мерливи. Како да „измерите“ каква промена сте направиле во животот на еден млад човек што доаѓа од рурална средина, без материјални средства и просперитет, кому сте му овозможиле да студира во Скопје, сте помогнале со менторирање и сте ја/го довеле до тоа да работи во врвна македонска компанија, со големи можности за напредок. Или, пак, каква промена сте направиле во животот на младо дете со потекло од Македонија, родено во странство, кое никогаш не ја посетило Македонија и не се запознало со врсници од Македонија, кое е воодушевено од сѐ во нашата земја. Или компанија на која сте ѝ решиле голем развоен предизвик, сте ѝ нашле партнер во странство или, пак, сте ѝ помогнале да почне да извезува. Или, пак, на менаџер, лидер, кој се соочил со „плафон“ во својот развој и сте и/му дале можност да биде дел од врвна програма за развој на менаџери и лидери…
Она што е важно е дека и основачите и целиот Одбор на директори (во моментов тоа се 18 лица) се задоволни од резултатите. Во развојот на организацијата имало неколку пресвртници, неколку моменти кога се направило приспособување во смисла на активности и програми што ги имплементираме, што е сосема нормално.
Прашањето дали сме задоволни е малку потешко да се одговори. Сите во организацијата сме силно мотивирани и посветени на работата, нашата желба за успех на Македонија е огромна, така што некогаш постои и разочарување. Иако знаеме дека сме биле подготвени да помогнеме, бавниот напредок на земјата е неуспех и за нас. Стигнавме до 2025 година, но Македонија не е таму каде што би сакале. Сепак, остануваме посветени на нашата цел и мисија, нашите планови се развојни, го прошируваме тимот, го зајакнуваме финансирањето и ќе го засилиме нашето дејствување и во Македонија и во странство. За нас нема друга цел, освен таа Македонија да биде развиена економија, земја што нуди многу можности за граѓаните и бизнисите, земја што е лидер во регионот. Земја со нулта толеранција за корупција и владеење на правото. Земја во која квалитетот на животот е висок и сѐ повеќе иселеници се враќаат да живеат, сакаат да инвестираат и да работат. Е.Р.