Цените се високи поради инфлацијата, а не поради „злите трговци“. Малопродажните синџири всушност имаат многу ниска стапка на профитабилност, околу 3 отсто. ВМРО-ДПМНЕ има историска шанса да се профилира како вистинска народна партија и да ги поддржува бизнисот и граѓаните, а не бирократијата како СДСМ
Додека по социјалните мрежи цела Македонија се подготвува за бојкот на трговијата, ми се појави еден оглас што вели: „Неодолива понуда – двособен стан од 170.000 евра“. Бидејќи не ја знаеме точната квадратура, ако претпоставиме дека станот е 60 квадратни метри, говориме за цена од 2.833 евра по квадратен метар. Но не видовме дека некој/некои организираат протест пред градежната фирма или, пак, бојкот на градежните фирми?! Цените на автомобилите пораснаа за повеќе од 50 отсто за пет години [i], па никој не штрајкува пред автосалоните?
Добро, некој ќе рече: „Храната е есенцијална потреба, па затоа луѓето протестираат“. Ова е точно, но да не изумиме дека трговијата продава производи што ги создал некој друг. Некој друг во производот вклучил трошоци за производство, произведени од поскапени суровини и со поскапа енергија, со зголемени трошоци за плати во производство, увоз, посредување, банкарство, транспорт, шпедиција, маркетинг. На крајот доаѓа маржа на малопродажбата, а потоа и ДДВ. Маржата треба да ги покрие трошоците за: струја, вода, кирија, плати за вработените и, се разбира, да обезбеди профит за претприемачите и инвеститорите. Бизнисите постојат за да обезбедат профит и притоа да задоволат некоја наша потреба. Профитот е двигател на секоја економија и не е грев да се создава профит. Деновиве слушаме (и гледаме хистерија). Дека имале толкави маржи, дека имале онолкави маржи. Поради ваквата хистерија, почнувам да се сомневам дали сме Северна или Социјалистичка Република Македонија. Па зарем очекуваме дека кој било субјект ќе биде во бизнисот без да се труди да оствари профит?
Но, да одиме по ред. Какви се, всушност, профитите на малопродажните синџири? Одговорот е: многу ниски! На социјалните мрежи гледаме хистерија од типот: маркетите заработуваат 20, 30, па и 40 отсто. Како и во секој бизнис, некаде е маржата повисока, некаде пониска, во разни временски периоди разликите се уште поголеми (затоа постојат акции на унапредување на продажбата). Да не зборувам дека понекогаш малопродавачите продаваат со загуба еден производ, за да заработат на друг, поскап производ, т.н. loss leader strategy.
Но да се вратиме на реалните профити на малопродажбата. Главна вест што се врти деновиве е дека „седумте најголеми синџири маркети лани оствариле приход од 930 милиони евра, од кои чист профит биле 35 милиони евра“. И тоа е тоа. Ни збор дали се 35 милиони многу или малку, ни збор колку заработуваат другите гранки; на пример, индустријата, банките или телевизиите. Ништо од тоа не се наведува. Само веста дека трговците заработиле 35 милиони евра. Никој не кажува дека, всушност, трговците заработиле само 3,76 отсто. Ние, граѓаните, да ги ставиме парите во банка, би го заработиле истото тоа.
Понатаму, никој не кажува дека стапката на профитабилност во малопродажбата не е ниска само во 2023, туку и неколку години наназад. Всушност, само „Веропулос“, има профитна стапка што е двоцифрена. Ситуацијата во Македонија е училиштен пример на двете основни стратегии според Мајкл Портер: ниски трошоци и диференцијација, кои секој студент по економија и бизнис до втора година ги знае напамет. На една страна го имаме КАМ со најголем промет во трговијата од 270 милиони евра и профитабилност од само 3 отсто, а на друга – „Веропулос“ со три пати помал промет (102 милиони евра) и трипати поголема профитабилност (10 отсто).
Ако трговските синџири немаат висока профитабилност, тогаш зошто цените се високи?
Цените се високи поради две причини:
1) високите трошоци, за кои зборувавме претходно, и
2) високата куповна моќ.
Сега веќе гледам нервоза на лицата на многубројни читатели, кои сигурно ќе помислат дека грешам, да не кажам потежок збор. Но економијата е како клацкалка: зголемете ги куповните фондови (читај парите), ќе се зголемат цените. Да го цитирам Алфред Маршал (економист и основач на неокласичната економија), кој во „Принципи на економијата“ (1890) вели: „…на долг рок, нормалните услови на побарувачката и понудата ја определуваат рамнотежната цена, која претставува вистинска мерка на вредноста“.
Мојата теза е многу едноставна: вештачки зголемените плати се основа за зголемување на цените и за инфлација. Вештачки зголемените плати се основа за зголемување на цените и за инфлација. Ние ги зголемуваме куповните фондови во континуитет од 2017-та наваму. Платите се зголемуваат со политичка, да не речеме, политикантска одлука, без реално оправдување од аспект на продуктивноста. Економијата е најобична клацкалка и секое зголемување на паричните фондови ќе значи зголемување на цените. Со еден збор, ќе настане ИНФЛАЦИЈА!
Дозволете да цитирам една анализа објавена во „Економија и бизнис“, која вели:
„Дополнителен домашен фактор за раст на малопродажните цени беше и растот на трошоците за труд по единица производ, односно на платите што растеа во услови на пад на продуктивноста. Државниот интервенционизам, т.е. поддржаниот раст на платите во фирмите со буџетски пари беше дисконтинуиран, а фирмите потоа го пренесоа на финалните цени. Растеше и минималецот, а пазарот на трудот стануваше тесен при континуирано намалување на понудата на работна сила. Растот на платите беше причина за високата инфлација и последица од високата инфлација“.
Да биде бељата поголема, продуктивноста на трудот никако да мрдне напред. Напротив. Светската банка подготви една анализа што е наречена „Бајката за продуктивноста и работните места во Македонија“, каде што покажува дека продуктивноста во Македонија сериозно заостанува зад компарабилните земји.
Овој извештај вели дека Република Северна Македонија едноставно не може да ја стигне Европа во повеќе генерации и дека едвај стигна од 25 отсто до 29 отсто од ГДП на Германија во 2021. Македонија сериозно заостанува веќе триесет години. Порастот на БДП на Македонија во 30 години независност е трипати во однос на 1991, додека на Полска и Чешка е десет пати, на Словачка девет пати и Унгарија шест пати.
Цените на Џип, Крајслер, Доџ и Рам пораснаа за 50 проценти за последниве пет години
Нереално зголемените плати во администрација, буџетскиот дефицит и долгот се главен генератор на зголемените цени и инфлација
Малку е долг поднасловот, но точно ја отсликува ситуацијата. Додека сите во стопанството се бориме да оствариме приходи, да исплатиме плати и редовно плаќаме обврски кон државата, истата држава си ги зголемува платите на некои вработени во државна служба, честопати без никаква основа за тоа. Овој труд нема амбиција да ги истражи сите зголемувања на платите, но дозволете да дадеме некои илустрации:
Платите во образованието се зголемија за 50 отсто (барем така се фали поранешниот министер за образование)
И сега велите: „Што има авторот на овој текст против повисоките плати?“
Апсолутно ништо, ако се изработени и заслужени. Но во секторот што го познавам подетално, барем во образованието, не постои АПСОЛУТНО НИТУ ЕДЕН КРИТЕРИУМ ЗА ОВА ЗГОЛЕМУВАЊЕ! Не постои некаков критериум, на пример, објавени трудови или студенти на кои сте им предавале. Ништо…
Сега штрајкуваат средношколските професори. И повторно, некоја влада ќе им ги зголеми платите, а ние сме на 70-то место од 80-те рангирани земји. И во делот што не го познавам премногу, културата, не постојат критериуми. Па дури и техничкиот персонал има плати повисоки од 50.000 денари, со што сериозно ја подгрева инфлацијата. Уште повеќе, создава неправда и неправедност во општеството, според т.н. Equity Theory. Да не изумиме дека и администрацијата во некои делови „експлодираше“. Видете, на пример, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со просечна плата 105.628 денари месечно. На второ место е Советот на јавни обвинители со 96.665 денари…
Дефицитот како идеолошки проблем
Можеби изгледа малку чудно, но дефицитот и финансирањето на јавното добро се идеолошки проблем. Не случајно Доналд Трамп именуваше посебен тим на чело со Илон Маск за поефикасна администрација. СДСМ одамна го напушти идеолошкото руво на левица и социјална правда – се профилира како партија на бирократијата. Тоа и не треба да нѐ чуди од партија во која раководството се состоеше од бизнисмени и адвокати. ВМРО има историска шанса да стане вистинска народна партија и да се грижи за: бизнисот (што создава) и народот (луѓето што плаќаат даноци). Доколку се тие на прво место, ќе имаме прогрес. Но ако и ВМРО -ДПМНЕ се претвори во партија на бирократијата, ќе имаме безумен дефицит и инфлација. И на крајот, аранжман со ММФ. Само да се потсетиме на порастот на буџетот и движењето на дефицитот.
Како до подносливи цени – мерки на државата
Овде ќе се обидам да дадам неколку кратки сугестии за мерки на државата:
Долгорочни мерки:
Буџетска рамнотежа;
Воведување плати според заработеното и во јавниот сектор;
Воведување рангови на плати, како во меѓународни организации и како во секоја развиена европска земја.
Краткорочни мерки:
Интервенција од стоковни резерви за стратегиски производи за загрозени семејства;
Воведување социјална помош за загрозени семејства.
(Веројатно забележувате дека краткорочните мерки треба да се однесуваат само на социјално загрозените граѓани, а не на замрзнувања на цените за сите граѓани.)
Стратегиски мерки
– Зајакнување на конкуренцијата – што побрз влез на нов трговски синџир („Лидл“)
– Борба против сивата економија – сите сме свесни дека онлајн купувањето, во голема мера, е готовински и без плаќање даноци. Се создава нелојална и нелегална конкуренција на онлајн трговците.
Како до подносливи цени – мерки на потрошувачите
Некои идеи за поприфатливи цени.
Потрошувачки задруги (на пр. Словенија)
Пример: Потрошувачките задруги во Словенија, како што е „Задруга Буна“, им овозможуваат на потрошувачите да ги здружат своите ресурси и да купуваат производи на големо, со што се намалуваат трошоците.
Групни организации за купување (GPOs). Пример: Во САД и Европа, здравствениот и трговскиот сектор користат групно купување за да преговараат за пониски цени од доставувачите.
Купување директно од земјоделските производители – постојат организации, начелно, социјални претприемачи, кои ги организираат граѓаните: а) да порачуваат и б) да купуваат директно од земјоделците. Постои и начин да се финансира производството, авансно плаќање на семе и слично, со што се добиваат уште пониски цени.
Граѓански активизам – како на пример „Фер трејд“ во Словенија
Следење на апликациите за споредби на цени – се појавуваат сѐ повеќе апликации каде што можат да се споредат цените на конкретен производ во разни маркети.
Продуктивноста на компаниите во Македонија е пониска од оние во земјите со слични показатели
За крај
Трговските синџири не се виновни. Бојкотирањето на малопродажбата е исто како да ја бојкотираме УХМР дека времето е лошо. Да не заборавиме и дека илјадници граѓани се директно вработени во малопродажбата. Уште Адам Смит во 1976 година во своето дело „Богатство на нациите“ ја дефинирал пазарната цена велејќи: „Природната цена или цената на слободната конкуренција… е најниската што може да се понуди, не во секој случај, но за кој било значителен временски период. Вистинската цена по која некој производ обично се продава се нарекува негова пазарна цена. Таа може да биде повисока, пониска или точно иста како природната цена“.
Сѐ додека има купувачи подготвени да платат соодветна цена, ќе има и понуда по таа цена.
(Авторот е универзитетски професор)
https://www.linkedin.com/in/marjanbojadjiev/
https://bojadjiev.info
(преземено од mkd.mk)