А што е поразличен денешниот однос на Европската Унија и европските држави кон Македонија од оној на европските држави кон Америка пред два века?! Исто има мешање во внатрешните работи на македонската држава како да е таа нечија колонија, но овој пат со третман како кон „европска отворена јурија“ – територија без народ и без државна власт, која ќе треба да се подели зависно кој какви и колкави „територијални апетити“ има и кој какви планови има за менување на националниот идентитет, јазик и историја на народот што живее на таа територија, на македонскиот народ

Џемс Монро во 1823 го крена високо слоганот „Америка на Американците“ по интервенцијата на европските држави на американскиот континент

Од 20 јануари 2025 година, во Македонија многу се споменуваат Трамп и новата „ера на Трамп“, но мора да се има предвид еден факт: на 20 јануари моќниот републикански и американски лидер со својот слоган „Америка на прво место“ само ја возобнови политичката доктрина на петтиот претседател на Соединетите Американски Држави, Џемс Монро (1758-1831), кој во 1823 година ја крена високо државничката парола „Америка на Американците!“.
„Монроовата доктрина“ беше тогаш американска политика на спротивставување на европскиот колонијализам во САД почнувајќи од 1823 година. Таа година Монро се побуни против интервенцијата на европските држави на американскиот континент, нагласувајќи дека европските држави немаат право да се мешаат во внатрешните работи на независните американски држави.
А што е поразличен денешниот однос на Европската Унија и европските држави кон Македонија од оној на европските држави кон Америка пред два века?! Исто мешање во внатрешните работи на македонската држава како да е таа нечија колонија, но овој пат со третман како кон „европска отворена јурија“ – територија без народ и без државна власт, која ќе треба да се подели зависно кој какви и колкави „територијални апетити“ има и кој какви планови има за менување на националниот идентитет, јазик и историја на народот што живее на таа територија, на македонскиот народ.
Доналд Трамп, иако така не се искажа, ја врати повторно во американската внатрешна и надворешна политика Монроовата доктрина, овој пат кон сиот свет и специјално кон Европската Унија и европските држави. Прагматичниот државник бизнисмен Трамп со Монроовата доктрина ќе ја спасува и ќе ја развива Америка, сеедно кому и колку тоа ќе му се допаѓа, но тој нема да ја спасува и Македонија! Новиот американски претседател со своето уривање на постојниот глобален светски поредок и со фронталниот напад врз Европската Унија, со нејзиното „демонтирање“, само им „расчистува пат“ на сегашното македонско државно-политичко раководство и на македонскиот народ и на сите граѓани на оваа држава самите да започнат да ја спасуваат и да ја развиваат Македонија! Потребна е македонска доктрина за спас, за опстојба и развој на Македонија.

„Манифестот“ на привремената влада на Македонија од 1881 и истапувањето на Делчев пред генерал Данаилов во 1896 – темелници на „македонската доктрина“

Џемс Монро во 1823 година прокламираше „Америка на Американците“, а само 58 години по него и привремената влада на Македонија во својот „Манифест“, обнароден на 23 март 1881 година, го крена сличниот лозунг „Македонија на Македонците“. Претходно во 1880 година, од 21 мај до 2 јуни, на планината Грамос, Островско, во приморскиот дел на тогашната сѐ уште нераспарчена етничка Македонија, се одржа Национално собрание на Македонија со учество на 32 претставници од сите краеви на земјата, со намера да се бара од Турската Империја и големите европски сили исполнување на правото на македонскиот народ и тој да може да основа своја самостојна македонска држава. Националното собрание избра привремена влада на Македонија, Единство, како извршно оперативно тело, кое ќе ги преземе потребните активности за остварување на „националната цел“: создавање македонска држава.

Вџашувачка сличност на редица историски моменти од периодот 1880/1881 година во етничка Македонија со сегашни историски и политички околности

Во споменатиот „Манифест“ на привремената влада на Македонија се содржани дел од елементите на „македонската доктрина“, која му е потребна на македонскиот народ сега во оваа 2025 година. „Нашата татковина сега е на прагот на уништувањето… Туѓи и сомнителни народи сакаат да ја освојат нашата татковина и да го уништат нашиот народ. Нашата мајка Македонија… е денеска само географски поим. Гробот ѝ го ископаа натрапници, кои сноват низ нашата земја… Ако еден јарем се замени со друг, обновувањето на Македонија ќе стане неможно и нашиот народ ќе биде збришан. Овој момент е клучен за Македонија… Македонци, ќе дозволите ли вашата татковина да биде уништена? Македонци, запомнете го вашето потекло и не одрекувајте се од него!“, стои, покрај другото, во споменатиот „Манифест“. Вџашувачка е сличноста на редица историски моменти од тој период во 1880/1881 година во етничка Македонија со историските и политички околности во кои се наоѓаат денес ова вардарско парче на тогашна Македонија и овој денешен македонски народ.

Во пресрет на 154-годишнината од раѓањето на великиот Делчев: Ние, македонското население, народот, нема да им дозволиме на други да прават политика со Македонија

Бездруго клучните елементи на „македонската доктрина“, која е потребна сега и за отсега натаму, се содржани во бележитиот настап на Гоце Делчев, кој уште во 1896 година во разговорот со бугарскиот врховистички генерал Данаилов искажа ставови што се врежани во македонското национално паметење како идеен и политички тестамент, завештание за секое македонско поколение. Во пресрет на 154-годишнината од раѓањето на великиот водач на македонската револуција и борба за национална слобода потсетуваме на она што пркосно му го порача на генералот Данаилов, но и на бугарскиот врховизам, устремен кон уништувањето на Македонија: „Ние, македонското население, народот нема да им дозволиме на други да прават политика со Македонија, нема да им дозволиме на други да решаваат дали да живееме, или да умреме и кога… Ние не бараме покровители, а уште помалку господари“.

Свето Тоевски