Добро упатените во оваа проблематика велат дека употребата на деноминирачкиот термин „северномакедонци“ од страна на албанските институции за првпат се случи за време на последниот попис на населението, па оттука изјавата на албанската амбасадорка во Софија, Инид Мило, според експертите, „не е преседан, туку континуитет во албанската политика“. Оваа „доследност во употребата на терминот северномакедонци од страна на Тирана“, според соговорниците, се должи на притисоците од Софија, како и внимателноста на албанската влада да не
добие бугарско вето на патот кон ЕУ. Од прагматични причини, Тирана и нејзините претставници по потреба ги именуваат припадниците на македонскиот народ како северномакедонци, надевајќи се дека на тој начин ќе се избегне конфронтација со Република Бугарија, која е членка на Европската Унија, но и држава што по потпишувањето на Преспанскиот договор започна кампања за употреба на придавката северномакедонски за македонскиот јазик, култура, историја итн., односно за сите македонски особености, велат нашите соговорници
Контроверзностите што произлегуваат од Преспанскиот договор и понатаму продолжуваат, особено околу именувањето на припадниците на македонскиот народ. Последен ваков пример е изјавата на Инид Мило, албанската амбасадорка во Софија, која во интервју за еден бугарски медиум ги нарече Македонците во Република Албанија северномакедонци. Споменатото именување на нашинците кај нашиот западен сосед експресно беше осудено од страна на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствениот политички претставник на Македонците во Република Албанија, а предизвика вознемиреност и кај македонските граѓани, но и припадниците на македонскиот народ низ светот.
Партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), како единствена политичка партија што ја претставува македонската заедница во Албанија, изразува длабока загриженост и остро реагира против етикетирањето на македонската заедница во Албанија како „северномакедонци“ од страна на амбасадорката на Албанија во Софија, Инид Мило. Како што стои во реакцијата, упатена до министерот за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, амбасадорката Мило за македонското малцинство користи терминологија што „не само што е неприфатлива туку и навредлива за идентитетот и интегритетот на оваа автохтона заедница“.
– Во овој контекст, бараме јавно извинување од Министерството за Европа и надворешни работи и од амбасадорката Мило за употребата на овој термин со кој се навредува нашата заедница и да се преземат чекори за да не се повторат вакви случаи, кои сериозно ги поткопуваат односите меѓу македонската заедница и албанските институции – пишува во реакцијата на МАЕИ.
Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во својата реакција бара преземање неопходни мерки за заштита на достоинството на националните малцинства, како и соодветно третирање и почит од страна на албанските институциите и албанските претставници. Реакцијата на МАЕИ беше испратена до Ерлинда Баланца, народна правобранителка, Роберт Гајда, комесар за заштита од дискриминација, до делегацијата на Европската Унија во Тирана, мисијата на ОБСЕ, канцеларијата на Советот на Европа, Амбасадата на САД и македонската амбасада во Тирана.
Добро упатените во оваа проблематика велат дека употребата на терминот северномакедонци од страна албанските институции за прв пат се случи за време на последниот попис на населението, па оттука не станува збор за преседан туку за континуитет во албанската политика. Оваа доследност во употребата на терминот северномакедонци од страна на Тирана се должи на притисоците од Софија, како и внимателноста на албанската влада да не добие бугарско вето на патот кон ЕУ. Од прагматични причини, Тирана и нејзините претставници по потреба ги именуваат припадниците на македонскиот народ како северномакедонци, надевајќи се дека на тој начин ќе се избегне конфронтација со Република Бугарија, која е членка на Европската Унија, но и држава што по потпишувањето на Преспанскиот договор започна кампања за употреба на придавката северномакедонски за македонскиот јазик, култура, историја итн., односно за сите македонски особености, велат нашите соговорници.
– Доколку внимателно се анализира, последиците од Преспанскиот договор сѐ уште се чувствуваат и ќе се чувствуваат во иднина, затоа што договорот од Нивици се злоупотребува од бугарските политички кругови за индиректен притисок врз македонската држава, но и Република Албанија, во која живеат илјадници Македонци. Целта на оваа бугарска политика е бришење на македонската нација и афирмирање на нова северномакедонска нација врз основа на Преспанскиот договор. Оттука треба да очекуваме дека бугарските притисоци врз Тирана и понатаму ќе продолжат – велат нашите соговорници.
Бидејќи бугарските притисоците врз Тирана ќе продолжат и во иднина, потреба е проактивна политика од македонска страна, особено од македонската влада и македонската амбасада за ова прашање. Од друга страна, потребни се дополнителни напори за афирмација и заштита на македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. во Република Албанија, велат добро упатени за ова проблематика.
Пред потпишувањето на Преспанскиот договор, голем број експерти и аналитичари, но и фактори од левиот и десниот спектар на македонската политичка сцена предупредуваа на негативните последници од договорот од Нивици, особено на придавката северна пред името Македонија. Нивните укажувања беа во насока дека од географската придавка, односно од името Северна Македонија ќе може да изведе името на народот, нешто што се потврди со неколкукратните именувања на припадниците на македонскиот народ како северномакедонци, како што беше искажувањето на албанската амбасадорка во Софија, но и постојаноста на бугарските кругови секоја македонска национална особеност да се именува со придавката северно, односно северномакедонски јазик или северномакедонска култура.
– Штетностите на Преспанскиот договор кон македонската држава и македонскиот народ веднаш беа забележани од бугарска страна и беа искористени во полза на бугарскиот националистички наратив. Тенденцијата сѐ што е македонско да се преименува во северномакедонско беше веднаш забележлива кога прекуноќ сите содржини на бугарската јазична Википедија беа променети, оттука Македонците беа преименувани во северномакедонци, а македонската книжевност во северномакедонска литература. Дополнително на ова, промени во бугарските позиции беа забележани и во македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, кога беше проблематизирано веќе усогласеното заедничко чествување на Григор Прличев, затоа што во предлог до бугарската влада пишува дека Прличев е значен за македонската култура, нешто што било прифатливо за бугарските членови во комисијата, но не и за бугарските владини претставници – велат нашите соговорници. Д.Ст.
Македонското национално малцинство во областите Голо Брдо и Гора смета дека укинувањето на општините е чекор назад во почитувањето на правата на малцинствата во Република Албанија
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Р Албанија, бара реструктурирање на територијалната поделба направена во 2014 година
Да се формираат повторно укинатите општини Голо Брдо и Гора
Десет години по територијалната поделба направена во 2014 година во областите Голо Брдо и Гора каде што живее македонско национално малцинство, тие сѐ уште се неразвиени.
Во 2014 година, општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо беа укинати, за да се приклучат кон општините Булќиза и Либражд, а општините Шиштеец и Запот во областа Гора беа припоени кон Општина Кукс.
Македонското национално малцинство во областите Голо Брдо и Гора смета дека укинувањето на општините е чекор назад во почитувањето на правата на малцинствата во Република Албанија. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана бара Владата да предложи измени на Законот за локална самоуправа за создавање две нови општини: Општина Голо Брдо и Општина Гора. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана смета дека овој демократски процес ќе ја зголеми довербата на граѓаните во системот и ќе овозможи поефикасно решавање на проблемите во областите Голо Брдо и Гора. Д.Ст.