Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ќе „издишат“ ли цените на становите под притисокот од поевтините државни градби? Какви се шансите Владата да наметне темпо на намалување на цените на станбениот квадрат во Македонија? Има ли можности да се спуштат цените на недвижностите по вртоглавиот раст што започна по пандемијата?

Државата иницира механизми за намалување на цените на станбениот квадрат во Македонија

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски најави продажба на станови по цена од само 1.000 евра за квадратен метар во Битола. Згора на тоа, министерот Николоски, не застанувајќи тука, најави и проширување на иницијативата, а имено дека „државата ќе гради и во Штип и во Скопје и ќе понуди цените за станови што се многу поприфатливи за граѓаните“.

На повидок нова стратегија и политика на дејствување во доменот на недвижностите

Експертите потенцираат дека државата има можности да ги реализира овие најави, особено ако при градбите користи државно земјиште, но и ако запрат „становите на лицитација“ и истите тие им се продаваат на оние на кои најмногу им требаат, односно на оние што имаат ниски приходи.
– Државата може да интервенира во цените на становите, но за таква акција треба да има јасна стратегија и политика на дејствување. Не може да се оди со лицитации, како што беше пред неколку дена, кога се продаваа станови во главниот град и кога беше достигната висока цена за продажба. Државата е во предност, пред компаниите, особено ако гради на државно земјиште, бидејќи во тој случај трошоците се помали за 30-40 проценти – објаснува Никола Велковски, градежник.
Велковски за „Нова Македонија“ објаснува дека поради состојбите во Македонија, од една страна граѓани што не можат да си дозволат да купат сопствен дом, а од друга страна граѓани што имаат и по неколку стана и ги зголемуваат цените на становите бидејќи вишокот средства се инвестираат во станови, интервенциите на државата во насока на стабилизирање и намалување на цените на становите треба да се направи со јасна стратегија.
– Доколку градат на државно земјиште, можат да понудат поевтини станови, но тие да не се продаваат со лицитации, туку на купци што навистина немаат средства, односно не се сопственици на станови или нивните родители. За тоа треба јасна стратегија, што очигледно се наѕира, но наедно потребен ни е и различен пристап за развојот на градот Скопје. Потребни се мерки што ќе придонесат да се зачува и зеленилото во главниот град, да има простор за рекреативни прошетки, за нормален живот. Во светот сите големи градови во големиот и малиот ринг градат висококатници со простор за рекреација. Дополнително, сите големи градови во светот имаат развиен градски превоз, па не се користат автомобилите во централното градско подрачје – објаснува Велковски.

Што значи проектот „Купи куќа за млади“?

Нашиот соговорник додава дека државата не треба да брка профит со градбите, но и да не работи со загуби. Сепак, тој додава дека има можности да понуди многу поевтини градби, со напомена дека нивните станови не треба да ги купуваат луѓе што се побогати и веќе имаат свои имоти.
– Цените на парцелите за градба имаат големо влијание врз цените на становите, бидејќи сопствениците на парцели сакаат да заработат и ги продаваат по многу високи цени, што влијае врз крајната цена на квадратен метар. Поради тоа државата има можност да гради по пониски цени ако го користи државното земјиште. Сепак, не треба да бркаат профити, не треба да се продава на лицитации, каде што цената се зголемува, туку со селекција на лицата што имаат ниски примања да им се овозможи да купат по пристапни цени, со кои ќе ги покрија трошоците за градба – заклучува Велковски.
Министерот Николоски објави дека 65 стана ќе се продаваат по 1.000 евра за квадрат, 11 дуќани по 2.000 евра за квадратен метар и 71 паркинг-место по 500 евра за квадрат. Но тој наедно најави дека слични активности ќе има и во други општини. Неодамна најави дека значително намалување на цените на становите од 30 до 40 проценти се очекува со проектот вреден 3,5 милиони евра што ќе овозможи пристапни домови за младите и пониски цени на станбениот пазар.
– Акционерското друштво за изградба и управување со станбен простор планира годинава да започне со изградба на згради за комерцијална продажба во Штип, Скопје и во Битола, со што се очекува да се обезбеди стабилност на пазарот на недвижности. Годинава треба да стартува и иницијативата „Купи куќа за млади“, насочена кон поддршка на младите лица што сакаат да инвестираат во сопствен дом. Проектот ќе обезбеди пристапни услови за младите, со што државата ќе придонесе за подобра достапност на станбениот простор за младата популација – рече Николоски.

Народна банка на Македонија: Сѐ уште има постојан раст кај цените на недвижностите

Факт е дека цените на становите во земјава постојано растат, а убедливо највисоки цени има во главниот град. Податоците на Народната банка откриваат дека и во текот на минатата година има постојан раст кај цените на недвижностите. Во четвртиот квартал растот беше 10,6 проценти, во третиот квартал 8 отсто, во вториот 11,4 проценти и во првиот квартал 4,6 отсто.
Трендот на значително поскапување на имотите започна во четвртиот квартал во 2021 година и продолжи низ 2022 и 2023 година, кога становите поскапеа најмногу. Загрижува фактот што овој тренд продолжи и во текот на минатата година, иако на почетокот на годината изгледаше дека поскапувањата нема да бидат со исто темпо.
Становите во главниот град се убедливо најскапи и иако официјалните бројки говорат за цени од 1.600 евра нагоре, има многу сведоштва што кажуваат дека за квадратен метар во центарот на градот се бараат и над 3.000 евра.
Од друга страна, цените на недвижностите во другите градови низ Македонија се значително пониски, што укажува дека врз цените на новите објекти не влијаат само трошоците за градба и за работна рака. Е.Р.